среда, 25 март 2026

Европа за неколку дена може да остане без гориво, предупредува шефот на Шел

Меѓународната агенција за енергија ги повика државите да ја намалат потрошувачката на нафта и гас преку поттикнување работа од дома, воведување пониски ограничувања на брзината и поголемо користење на јавниот превоз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Европа веќе следниот месец би можела да се соочи со недостиг од гориво поради продлабочувањето на кризата на Блискиот Исток, предупреди директорот на Шел, Ваел Саван. Тој рече дека глобалниот недостиг од нафта и гас веќе принудил делови од Азија да ја намалат потрошувачката на енергенси и дека последиците се закануваат да се прошират кон запад во рок од неколку дена.

Поради тоа европските влади, за да спречат недостиг, би можеле да бидат принудени да ја ограничат побарувачката за енергија, што е мерка што не е преземена уште од енергетската криза во 2022 година, пишува британски Телеграф.

Откако Иран го затвори Ормускиот теснец, во Заливот е блокирана приближно една петтина од светските резерви на нафта и течен природен гас (ТПГ). Воени извори во вторникот изјавија дека Обединетото Кралство ги предводи напорите за повторно отворање на тој клучен трговски пат, а планерите наводно разгледуваат користење дронови за уништување мини, кои би полетувале од изнајмени цивилни бродови.

Во исто време, американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува за испраќање падобранци за можна копнена инвазија на клучните острови долж иранското крајбрежје, иако во вторникот инсистираше дека мировните преговори со Техеран продолжуваат.

Извори за Телеграф наведуваат дека потпретседателот Џеј Ди Венс првпат се подготвува за улога на преговарач, бидејќи Иран одбива да разговара со претставниците на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф и Џеред Кушнер. Според извори од Заливот, Иранците ги обвинуваат дека им „забиле нож во грб“ за време на претходните нуклеарни преговори што ѝ претходеа на војната.

Војната влезе во четвртата недела, а Меѓународната агенција за енергија ги повика државите да ја намалат потрошувачката на нафта и гас преку поттикнување работа од дома, воведување пониски ограничувања на брзината и поголемо користење на јавниот превоз.

Во Азија, која во голема мера зависи од енергенсите од Блискиот Исток, владите веќе воведоа четиридневна работна недела, апелираа до граѓаните помалку да користат клима-уреди и ги прекинаа службените патувања во странство.

Говорејќи на конференција во Хјустон, Саван порача дека европските влади наскоро би можеле да бидат принудени на слични чекори. „Последиците се шират како бранови“, рече тој. „Гледаме дека јужна Азија прва го носи товарот, кој потоа се префрла на југоисточна и североисточна Азија, а со влегувањето во април сè повеќе и на Европа.“

„Затоа настојуваме да соработуваме со владите и да ги предупредиме на механизмите што можеби ќе мора да ги активираат – вклучително и мерки за намалување на побарувачката, одлуки за складирање, набавка на резерви и така натаму“, додаде Саван.

Пазарите ги зафати паника, поради што цените на нафтата и гасот во последните четири недели пораснаа за 40, односно 60 отсто. Во Азија тоа предизвика потрага по алтернативни добавувачи, поради што земјите како Кина, Јапонија и Јужна Кореја се натпреваруваат со Европа за испораки од Соединетите Американски Држави, најголемиот светски извозник на нафта и ТПГ.

„Голем дел од американските пратки сега се пренасочуваат кон Азија затоа што се спремни да платат повеќе“, објасни Ешли Келти, аналитичар во компанијата Панмјур Либерум. Извори од енергетската индустрија сепак предупредуваат дека недостигот од гориво претставува „најлошо, но малку веројатно сценарио“ што би се остварило само ако војната меѓу САД, Израел и Иран се продолжи до летото.

Висок извор од британската енергетска индустрија потврди дека сценариото што го опиша шефот на Шел претставува „едно од најлошите, но сè уште апсолутно можно“. „Во моментов луѓето се помалку загрижени за физичката сигурност на снабдувањето, а повеќе за цените.

Запомнете, дури и на врвот на претходната енергетска криза, кога загубивме огромни количества гас во Европа, сепак успеавме да обезбедиме снабдување“, рече изворот.

Сепак, додаде: „Јасно е дека постои точка, можеби во јуни или јули, кога цените толку ќе пораснат што ќе се постави прашањето дали Европа е подготвена толку да плати. Во тој момент цените би можеле да бидат толку високи што домаќинствата и компаниите ќе почнат самостојно да воведуваат рационализација.“

Банкарите од Волстрит предупредуваат дека на Обединетото Кралство му се заканува рецесија ако ценовниот шок продолжи. Од Морган Стенли порачуваат дека Банката на Англија би можела да ги зголеми каматните стапки ако цените на енергенсите не се намалат, што веројатно би предизвикало економски пад до крајот на годината.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ