вторник, 16 декември 2025

Европа спремна да ги предводи „мултинационалните сили“ во Украина, како дел од американскиот предлог-мировен договор

Европа е подготвена да ги предводи „мултинационалните сили“ во Украина, како дел од американскиот предлог за мировен договор меѓу Русија и Украина, соопштија европските лидери, пренесува британскиот весник Гардијан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во соопштението, лидерите на Обединетото Кралство, Франција, Германија и уште осум европски држави наведуваат дека војници од „коалицијата на спремните“, со поддршка на Соединетите Американски Држави, би можеле „да помогнат во обновата на украинските сили, во обезбедувањето на украинското небо и во поддршката на побезбедни мориња, вклучително и со дејствување внатре во Украина“.

Предлогот е дел од нов пакет безбедносни гаранции, зад кој стои Белата куќа, а кој би можел да означи пробив во напорите за постигнување мировен договор меѓу Москва и Киев, изјавија американските и европските лидери. Сепак, тие додадоа дека и понатаму постојат значајни разлики во ставовите околу идниот статус на украинските територии окупирани од Русија.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во понеделникот им изјави на новинарите во Овалната канцеларија дека имал „многу долги и многу добри“ разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и со европски и НАТО-лидери, додавајќи: „Имавме многубројни разговори со претседателот на Русија, Владимир Путин, и мислам дека сега сме поблиску од кога било, па ќе видиме што можеме да направиме“.

На прашањето дали неодамна директно разговарал со Владимир Путин, Трамп одговори: „Да, разговарав“, но не изнесе детали.

Сепак, Трамп сугерираше дека, за возврат за безбедносните гаранции, Украина би морала да се согласи да ѝ отстапи на Русија делови од источниот регион Донбас што сè уште се под контрола на Киев — нешто што Зеленски претходно го исклучи, наведува Гардијан.

„Па, тие веќе ја изгубија таа територија, искрено“, рече Трамп, одговарајќи на прашањето каков поттик би имала Украина да се откаже од територија.

Зеленски изјави дека разговорите со пратениците на Трамп „не биле лесни“, но дека донеле „вистински напредок“ во однос на безбедносните гаранции. Сепак, разликите околу територијалното прашање останале.

„Имаше доволно дијалог за територијата и, искрено, мислам дека и понатаму имаме различни позиции“, изјави Зеленски пред новинарите.

Според предлогот, Украина би имала западна поддршка за одржување постојана армија од 800.000 војници; САД би го предводеле „механизмот за надзор и верификација на примирјето“ за рано предупредување од каков било иден напад; а европските држави би потпишале „правно обврзувачка обврска, во согласност со националните процедури, да преземат мерки за обновување на мирот и безбедноста во случај на иден оружен напад“. Европа, исто така, би го поддржала пристапувањето на Украина кон Европската Унија.

Според двајца американски функционери запознаени со преговорите, договорот фактички би ѝ обезбедил на Украина гаранции „слични на членот 5“, споредувајќи ги со безбедносните гаранции што НАТО им ги обезбедува на своите сојузници од странски напади.

Украина – гаранции слични на членот 5?

САД го претставија новиот пакет оваа недела на разговори во Берлин со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, како и со високи дипломати и безбедносни функционери од европските сојузници. Американските функционери изјавија дека веруваат оти Русија би ги прифатила безбедносните гаранции презентирани на тие разговори, што би претставувало значително ублажување на барањата на Кремљ во однос на ограничувањето на големината на украинската армија и противењето на присуството на трупи од земји-членки на НАТО во Украина.

Американската делегација, предводена од специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, и зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, соопшти дека Зеленски и европските лидери позитивно реагирале на најновиот предлог на Белата куќа за безбедносни гаранции слични на оние што важат за НАТО-сојузниците, со цел да се спречи Русија повторно да започне инвазија доколку се постигне мировен договор.

„Мислам дека Украинците, како и Европејците, би ви рекле дека ова е најробусниот сет безбедносни протоколи што некогаш го виделе“, изјави еден американски функционер запознаен со преговорите. „Ова е многу, многу силен пакет. Се надевам дека Русите ќе го погледнат и ќе си кажат: ‘Во ред е, затоа што немаме намера повторно да започнеме војна’. Ќе ги држиме за збор.“

Американските функционери одбија да изнесат конкретни детали за тоа што точно би опфаќал безбедносниот пакет и кој би ја бранел Украина доколку Русија повторно започне инвазија по постигнувањето мировен договор. Тие потврдија дека САД, во рамките на договорот, нема да испраќаат трупи на терен во Украина.

Сепак, германскиот канцелар Фридрих Мерц во понеделникот на прес-конференција рече дека верува оти двете страни се најблиску до вистински мировен процес од почетокот на руската инвазија во 2022 година.

„Она што САД овде во Берлин го ставија на маса, кога станува збор за правните и материјалните гаранции, навистина е значајно“, рече Мерц на заедничка прес-конференција со Зеленски.

Украинскиот претседател изјави дека ги поздравува „продуктивните“ разговори, додека главниот мировен преговарач на Киев оцени дека во втората рунда разговори во Берлин е постигнат „вистински напредок“.

Безбедносните гаранции се сметаат за клучен фактор на можниот мировен договор.

Британскиот премиер Кир Стармер претходно изјави дека договор меѓу Русија и Украина би пропаднал доколку не вклучува „робусни“ безбедносни гаранции од Западот.

„Навистина е важно ова детално да се разработи. (Владимир) Путин одново и одново покажа дека ќе се враќа по уште ако види можност“, рече Стармер.

Американските функционери во понеделникот соопштија дека сè уште „ги разработуваат идеите“ за идниот статус на окупираните украински територии во рамките на мировниот договор, додавајќи дека се разгледува можноста тие подрачја да станат „економска слободна зона“. Сепак, тие нагласија дека и понатаму постојат значајни разлики околу контролата и статусот на териториите што ги зазеде Русија.

„На крај, ако успееме тоа да го дефинираме, тогаш навистина ќе биде на (Русија и Украина) да ги решат конечните прашања на суверенитетот и да видат дали може да се постигне договор меѓу нив“, изјави еден американски функционер запознаен со разговорите.

Двете страни не постигнале согласност ни околу идното функционирање на нуклеарната електрана Запорожје, која се наоѓа во Украина, но е под руска контрола. Американските функционери изјавија дека сакаат двете страни „пола-пола“ да ја делат електричната енергија што ја произведува електраната. Американските преговарачи тврдат дека решиле „90 отсто“ од споровите меѓу руската и украинската страна.

Зеленски ги опиша разговорите со американската страна како „нелесни“, но изјави дека е постигнат напредок. Тој наведе дека Русија ги користи своите непрекинати напади како средство за притисок во преговорите и истакна дека ниту една електрана во Украина не била поштедена од напади.

Рустем Умеров, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, исто така даде оптимистичка оценка за разговорите.

„Во изминатите два дена, украинско-американските преговори беа конструктивни и продуктивни, со постигнат вистински напредок“, изјави Умеров.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ