понеделник, 26 мај 2025

Европа сама и во шок на Денот на победата

Вознемирувачко е сеќавањето на трогателната церемонија на плажите во Нормандија, одржана пред 11 месеци на 80-годишнината од Денот Д, прослава на силниот сојуз меѓу САД и Европа и нивната заедничка решеност да одговорат на „тестот на вековите“ и да ја одбранат Украина, пишува Роџер Коен за Њујорк тајмс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Таа изјава на поранешниот претседател на САД Џозеф Бајден, додека стоеше рамо до рамо со францускиот претседател Емануел Макрон, беше дел од обраќањето во кое тој го прогласи НАТО „пообединето од кога било“ и вети дека „нема да се откажеме, бидејќи ако се откажеме, Украина ќе биде покорена и тоа нема да биде крајот“.

Стоев на сонцето во Нормандија, размислувајќи за младите мажи од Канзас Сити, Сент Пол и од други места што на 6 јуни 1944 година се истовариле под дожд од нацистички куршуми од карпите над Нормандија и ги слушав зборовите што повлекуваа јасна паралела меѓу нивната извонредна храброст во одбраната на слободата и денешната борба за пораз на уште еден „тиранин опседнат со доминација“.

Тој „тиранин“, за Бајден, беше рускиот претседател Владимир Путин, кого американскиот претседател Доналд Трамп го ослободи од одговорноста за војната што ја започна во Украина. Трамп, лидер што се залага за политика „Америка на прво место“, долго време е познат како заштитник на автократите, омаловажувач на НАТО и противник на Европската Унија, за која рече дека била основана за да ги „зафркне САД“.

Не можев да замислам пред помалку од една година, дека толку многу, толку скапоцено за толку многу луѓе, може да се распадне толку брзо. Ниту, пак, дека 80-годишнината од Денот на победата во Европа ќе дојде во време кога многу Европејци веќе не се сигурни дали Трамповата Америка треба да се смета за сојузник или за противник.

„Тоа е како ноќ и ден“, рече Рима Абдул-Малак, поранешна француска министерка за култура. „Трамп целосно ги окупираше нашите умови, а светот изгледа алармантно поинаку.“

Што и да донесе друго под лавината извршни наредби, бурниот почеток на вториот претседателски мандат на Трамп беше обележан со голем колапс на трансатлантските врски, кои, според историските стандарди, донесоа мир и просперитет од невидени размери и времетраење. Тој како со разорувачка кугла го погоди повоениот поредок и не е јасно какво уредување ќе произлезе од тој хаос.

Ненадејните револуции или контрареволуции се честа тема во историјата. Само четири години пред херојското истоварување на сојузниците во Нормандија, размислувајќи за дебаклот на речиси преку ноќ поразената Франција од Хитлеровиот Вермахт во јуни 1940 година, Пол Валери, француски поет и есеист, напиша:

„Ние сме на застрашувачка и незапирлива падина. Ништо од она од што се плашиме не е невозможно. Можеме да се плашиме и да замислиме речиси сè“.

Истото може да се каже и денес, дури и во глобализираниот свет. Извесноста се распадна, духовите од минатото повторно се појавија. Стравот се прошири и во Европа и во САД. Европејците купуваат телефони за еднократна употреба, без никаква содржина, за патувања во САД, како да одат во Иран.

Бурниот почеток на вториот претседателски мандат на Трамп беше обележан со голем колапс на трансатлантските врски, кои, според историските стандарди, донесоа мир и просперитет од невидени размери и времетраење. Тој како со разорувачка кугла го погоди повоениот поредок и не е јасно какво уредување ќе произлезе од тој хаос.

Трамповите насочени акции против водечките универзитети, говорот заштитен со Првиот амандман, меѓународните студенти, имигрантите, независноста на судството и против самата вистина, во обид да оствари речиси неограничена извршна моќ, доведоа до тоа да се зборува за „создавање полициска држава“, како што рече Бруно Фукс, претседател на Комитетот за надворешни работи на францускиот Национален собир, по неодамнешната посета на Вашингтон.

Фото: ЕПА

„Ова ќе биде одлично за на телевизија“, рече Трамп откако јавно го понижи украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа на 28 февруари. Ако Америка воведе автократија под негово водство, таа ќе биде направена за на телевизија. Светот, или барем добар дел од него, со внимание гледаше како Трамп го обвинува Зеленски за неблагодарност и за ризикување на трета светска војна борејќи се против агресорот, во време кога „нема карти во рацете“.

Оваа претседателска претстава за многумина означи пресвртница за Европа, каде што многу лидери ја доживеаја како капитулација на моралот.

Неколку дена подоцна, на 5 март, Макрон изјави: „Мирот повеќе не може да се гарантира на нашиот континент“.

Трамп, на неговиот познат колеблив манир, оттогаш се обиде да ги поправи односите со Зеленски, иако истовремено изразува антипатија кон него. Помеѓу САД и Украина беше потпишан и договор за минерали, чии детали остануваат нејасни. Изгледа дека ова ќе ја поврзе Америка со Украина уште некое време, дури и ако Трамповиот нестрплив стремеж кон мировен договор е моментално закочен.

Европа не го чека следниот пресврт на Трамп. Таа виде доволно за одлучно да скршне по патот на ослободување од она што американскиот потпретседател Џеј Ди Венс го нарече нејзин „вазалски“ статус, што е една во низата навреди упатени кон сојузниците во НАТО. Еден од овие сојузници, вели Трамп, треба да му го отстапи Гренланд, додека друг би требало доброволно да им се припои на Соединетите Држави.

Откако ја презеде функцијата нов германски канцелар, Фридрих Мерц веднаш во средата замина во Париз за да се сретне со Макрон. Овие двајца лидери се обединети во целта што Мерц ја нарекува „независност“, а Макрон ја нарекува „стратегиска автономија“ од Вашингтон, што претставува драматична промена. Пишувајќи за францускиот дневен весник Фигаро, тие изјавија дека „никогаш нема да прифатат наметнат мир и ќе продолжат да ја поддржуваат Украина против руската агресија“.

Една од идеите за кои се разговара, според дневниот весник Монд, е враќање на плажите во Нормандија, 80 години по капитулацијата на Третиот Рајх, заради заедничка фотографија што ќе одекне како онаа на Франсоа Митеран и Хелмут Кол, поранешни лидери на Франција и Германија, кои се држеа за раце на бојното поле од Првата светска војна во Верден.

Таа слика од 1984 година, заедно со фотографијата на германскиот канцелар Вили Брант клекнат пред споменикот на гетото во Варшава во 1970 година, претставува еден од најмоќните симболи на повторното раѓање на обединета Европа.

Француско-германската алијанса отсекогаш била моторот на Европската Унија. Ако сега се покрене со полна сила, повторното вооружување на Европа, не само како воена сила, туку и како чувар на вредностите за кои и Американците се бореа во Втората светска војна, се чини дека е остварливо на среден рок.

„Одважност, пак одважност, секогаш одважност!“, рече Жорж Жак Дантон, истакната личност на Француската револуција. Ако ништо друго, Трамп го покажа тоа. Луѓето се хипнотизирани, сведени во состојба на амнезична вкочанетост, поради поплавата од негови испади.

Европа ќе треба да одговори со поинаков вид одважност ако сака да развие стратегиска сила што би одговарала на нејзиниот долгогодишен статус на економски гигант. Германија, на која историјата ѝ наметна демилитаризација, но која е свесна дека овој став е застарен, речиси сигурно го држи клучот за секоја таква трансформација. Таа се соочува со огромен предизвик да се приспособи на последиците од новиот свет на сирова моќ, во кој се чини дека правилата и законите имаат сè помала важност, барем засега.

Сепак, Европа е далеку од обединета, без разлика на одлучноста во Париз и Берлин. Националистичкиот, антиимигрантски, антинаучен и антитрансродов бран што го донесе Трамп на власт минатата година е исто така моќен низ целиот континент, каде што ги зајакна Виктор Орбан во Унгарија и Џорџа Мелони во Италија, меѓу другите.

Подемот на екстремно десничарските партии, вклучително и Алтернатива за Германија (АфД) и Национален добир во Франција, го одразува гневот на Европејците, кои се чувствуваат невидливи, изолирани, осиромашени и запоставени од урбаните елити, исто како и луѓето со слична положба во Америка.

Сепак, постои една фундаментална разлика. Поголем дел од Европа знае колку е кревка слободата, колку е можна диктатурата и масовните убиства што ја придружуваат, со колективно сеќавање на ужасите на дваесеттиот век.

Фото: ЕПА

Токму за да го надминат ова запаѓање во бруталност, расизам и геноцид, САД, иако далеку од Европа, но свесни дека нивната судбина е поврзана со судбината на целото човештво, ги испратија своите момчиња да се пробиваат кон бреговите на Франција во 1944 година. на американските гробишта во Нормандија 9.389-те гроба претставуваат сериозен потсетник на нивната лојалност.

Во деновите, неделите и годините по размислувањата на Пол Валери од 1940 година, Франција навистина потклекна пред незамисливото. Сега пишувам од Виши, мало гратче во централна Франција, од каде што авторитарниот режим на маршалот Анри-Филип Петен владееше со мал дел од Франција, соработуваше со нацистичките окупатори и депортира повеќе од 70.000 Евреи кон смрт во логорите на Хитлер.

Толкав беше срамот на Франција поради Виши и уништувањето што го претставуваше за вредностите и идеалите на Републиката, што беа потребни децении за на вистината отворено да ѝ се погледне во очи.

Името на овој пријатен бањски град, далеку од плажите на Нормандија, засекогаш ќе остане поврзано со срамот.

На крајот од својата монументална книга „Вишиевската Франција“, која на Франција ѝ донесе подлабоко разбирање на нејзините најмрачни моменти, Роберт Пакстон, американски историчар, пишува:

„Дејствата на окупаторот и окупираните заедно сугерираат дека има сурови времиња кога, за да се зачуваат најдлабоките вредности на една нација, човекот мора да ѝ се спротивстави на државата. Франција по 1940 година претставуваше едно токму такво време“.

Тие зборови заслужуваат посебно внимание денес, осум децении откако мирот, со пресудна помош од Америка, се врати на опустошениот европски континент, пишува Њујорк тајмс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ