Неколку италијански региони забранија работа на отворено во најжешките часови од денот, Франција затвори десетици училишта, а Шпанија потврди дека минатиот месец бил најжешкиот јуни досега, откако силен топлотен бран ја зафати Европа, предизвикувајќи здравствени аларми низ целиот континент.
Ризиците од работа на отворено во жештината се во фокусот откако синдикатите ја припишаа смртта на градежен работник во близина на италијанскиот град Болоња на високите температури. Во Барселона, властите истражуваат дали смртта на работник за одржување улици во текот на викендот е поврзана и со жештината.
Турција во понеделникот продолжи да се бори со шумските пожари што предизвикаа привремена евакуација на околу 50.000 луѓе во областите околу градот Измир, како и југоисточните провинции Маниса и Хатај.
Европа е континентот што најбрзо се загрева во светот – двојно побрзо од светскиот просек, според Службата за климатски промени Коперникус на ЕУ – а екстремните топлотни бранови се случуваат порано во годината и траат подолго во подоцнежните месеци.
„Она што е исклучително, и нагласувам исклучително, но не и без преседан, е периодот од годината кога ова се случува“, изјави за Ројтерс Клер Налис, портпаролка на Светската метеоролошка организација. „Денес е први јули и веќе гледаме епизоди на екстремна топлина што обично се случуваат подоцна во летото.“
Повисоките температури во Средоземно Море, додаде таа, „имаат тенденција да ги засилат екстремните температури на копно.“
Средоземно Море беше до 6 Целзиусови степени потопло од нормалното за ова време од годината, а Балеарско Море во Шпанија забележа рекордна температура од 30°Ц, соопшти шпанската метеоролошка агенција AEMET, повикувајќи се на „топлотна купола“ што го заробила топлиот воздух над Европа.
Шпанија минатиот месец го забележа својот најтопол јуни досега, со просечна температура од 23,6°Ц, соопшти AEMET.
Црвениот крст постави климатизирано „климатско засолниште“ во јужна Малага, изјави Томасо Дела Лонга, портпарол на Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина, за да им помогне на жителите да се справат со жегата.
Екстремната топлина убива до 480.000 луѓе низ светот секоја година, според Свис ре, бројка што е поголема од вкупниот број на смртните случаи од поплави, земјотреси и урагани заедно.
Шеснаесет окрузи во Франција беа на највисоко ниво на тревога од пладнето во средата, додека 68 беа на второ највисоко ниво на тревога.
Околу 1.350 училишта беа целосно или делумно затворени, во споредба со околу 200 во понеделникот, соопшти Министерството за образование.
Железничките услуги Париз-Милано беа нарушени од лизгање на земјиштето на француската страна од Алпите, а не се очекува целосниот превоз да се врати во нормала пред средината на јули, соопшти француската железничка компанија СНЦФ.
Горниот кат на Ајфеловата кула беше затворен вчера и денес, а на посетителите им беше советувано да пијат многу вода.
Во меѓувреме, Италија издаде црвена тревога за топлотен бран во 17 града, вклучувајќи ги Милано и Рим. На Сицилија, 53-годишна жена со срцеви проблеми почина додека шеташе по улиците на градот Багерија.
Научниците велат дека емисиите на стакленички гасови од согорувањето фосилни горива се главната причина за климатските промени, а уништувањето на шумите и индустриските практики исто така придонесуваат за нив. Минатата година беше најжешката година досега, објави Ројтерс.

Низ цела Европа, туристите исто така се обидуваат да најдат начини да се разладат.
„Се разбудивме рано за да можеме да излеземе рано за да можеме да одмориме попладнето“, вели Сузана Лејвонен, 45-годишна жена од Финска, во Париз. Нејзиното семејство е подготвено – донеле вода и крема за сончање и планирале да побараат засолниште од топлината во продавниците или да дремнат попладне.
Високите температури го зголемија ризикот од пожари бидејќи земјоделците во Франција, најголемиот производител на жито во Европската Унија, почнуваат да ја берат овогодинешната жетва, при што многумина работат ноќе за да го избегнат најжешкиот дел од денот.
Бесплатни базени и климатски оази
Некои европски земји се обидуваат со креативни начини да се справат со топлотниот бран, помагајќи им на најранливите групи да се справат со високите температури.
Во Венеција, на лицата над 75 години им се нудат бесплатни тури со водичи низ климатизирани музеи и јавни згради, додека во Рим јавните базени се бесплатни за сите над 70 години.
Во Холандија, училиштата во Ротердам и низ целата покраина Западен Брабант воведоа таканаречен „тропски распоред“ во вторник, со скратени часови од 8 часот наутро до 12 часот попладне и дополнителни паузи за вода.
Во меѓувреме, Австрија нуди 23 „климатски оази“ со климатизација, закуски и освежување за оние на кои им е потребно, организирани од католичката добротворна организација Каритас, која исто така обезбедува специјални медицински автобуси со лекари-волонтери.
Во Франција, некои градови, како што е Орлеан, го направија влезот во музеите бесплатен. Во Марсеј, базените се бесплатни за време на топлотниот бран, објави АФП.






