понеделник, 16 март 2026

Европа и Америка пуштаат повеќе од 400 милиони барели од нафтените резерви

Европа од крајот на март ќе пласира 73 милиони барели нафтени производи и околу 35 милиони барели сирова нафта на пазарот од залихите, покажуваат податоците од Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Европските влади ќе ослободат 32,7 милиони барели нафта и нафтени производи од стратегиските резерви, а компаниите ќе ослободат 74,7 милиони барели нафта и нафтени производи, објави ИЕА.

Околу две третини од пласираното количество, или 73 милиони барели, ќе бидат нафтени производи, а остатокот од 35 милиони барели ќе биде сирова нафта.

Соединетите Американски Држави од крајот на март ќе ослободат само сирова нафта, 172,2 милиони барели, од стратегиските резерви.

Членовите на ИЕА едногласно го прифатија минатата недела предлогот на агенцијата за ослободување на 400 милиони барели од резервите со цел да се стабилизираат пазарите на нафта во услови на прекини во снабдувањето од Блискиот Исток.

Вкупно, членките ќе пласираат 411,9 милиони барели на пазарот, според неделниот извештај на агенцијата. Нафтата ќе учествува со 72 проценти од барелите, а нафтените деривати со 28 проценти.

Членките од регионот Азија и Океанија имаат намера веднаш да ослободат речиси 109 милиони барели нафта и нафтени производи од своите резерви, се вели во соопштението на ИЕА.

Војната на Блискиот Исток доведе до најголемото нарушување на снабдувањето во историјата, истакнува ИЕА.

Ослободувањето на барели од резервите носи „значајна и добредојдена пауза“, додаде агенцијата.

„Сепак, најважниот фактор во процесот на враќање кон стабилно снабдување е нормализацијата на редовниот транзит на пратки низ Ормускиот теснец“, нагласува ИЕА, истакнувајќи дека соодветните безбедносни мерки и физичката заштита на товарните превозници се клучни за продолжување на испораките.

„Мора да бидеме подготвени дека сегашната ситуација може да потрае“, предупреди денес извршниот директор на ИЕА Фатих Бирол.

„Дури и ако транзитот низ Ормускиот теснец повторно започне утре, ИЕА проценува дека ќе биде потребно време за светската трговија со енергија да се опорави“, кажа Бирол.

Членките на ИЕА моментално држат повеќе од 1,2 милијарди барели нафта како стратегиски резерви, а уште 600 милиони барели држат компаниите, според законските обврски, истакна шефот на ИЕА минатата недела, според соопштението на веб-страницата на агенцијата.

Кога ќе се исклучат 400-те милиони барели подготвени за пазарот, членките ќе имаат уште 1,4 милијарди барели во резерви.

Покрај 21-те членка на Европската Унија, во групата се уште 11 земји, вклучувајќи ги САД, Британија, Турција, Нов Зеланд, Јапонија, Канада и Австралија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ