сабота, 24 мај 2025

Европа гледа шанса во војната на Трамп против знаењето

Европската Унија и Франција вчера најавија субвенции во вредност од половина милијарда евра за да ги привлечат научниците на европскиот континент, настојувајќи да ги искористат намалувањата на федералното финансирање и конфликтите на американскиот претседател Доналд Трамп со водечките универзитети во Соединетите Американски Држави.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Ги повикуваме истражувачите низ светот да се обединат и да ни се придружат… Ако ја сакате слободата, дојдете и помогнете ни да останеме слободни“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон на Универзитетот Сорбона во Париз, во друштво на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен.

Функционерите соопштија дека овие пари ќе финансираат истражувачки проекти и ќе им помогнат на универзитетите да ги покријат трошоците на доведувањето странски научници кои би помогнале во нивната реализација, пренесува Ројтерс.

Фон дер Лаен најави пакет субвенции од 500 милиони евра и додаде дека сака државите членки на Европската Унија до 2030 година да вложат три отсто од бруто домашниот производ во истражување и развој.

Макрон вети 100 милиони долари од Франција, иако не е јасно дали тие пари се додаток на пакетот на ЕУ.

Од доаѓањето на функција во јануари, Трамп во повеќе наврати ги нападна американските универзитети, со замрзнување на сојузното финансирање, отворање истраги, укинување на визите за странски студенти и поставување дополнителни барања. Тој тврди дека високото образование е под влијание на идеологии кои ги нарекува антисемитски, антиамерикански, марксистички и радикално левичарски.

Трамп минатата недела кажа дека неговата администрација ќе му го укине правото на Харвард на ослободување од даноци, што тој универзитет го нарече незаконска злоупотреба на даночните прописи во Соединетите Американски Држави.

Историчарот од Универзитетот Стенфорд Роберт Н. Проктор изјави за Ројтерс дека Трамп предводи „либертаријански десничарски напад на научната дејност“ кој го спрема со години.

„Можеме да очекуваме обратен одлив на мозоци“, кажа тој. „Не станува збор само за Европа, научниците сè почесто заминуваат и во Канада и во Азија“.

Заканите на академските кариери на американските универзитети како што се Јејл, Колумбија и Џонс Хопкинс им влеваат надеж на европските политички лидери дека би можеле да профитираат од интелектуалната миграција.

Меѓутоа, како што истакнува Ројтерс, имајќи предвид дека европските универзитети располагаат со значително помали буџети од американските, останува да се види дали ќе успеат да го премостат финансискиот јаз неопходен за привлекување на врвните американски истражувачи.

Минатиот месец Макрон и Фон дер Лаен најавија дека ќе настојуваат да ги повикаат научниците и истражувачите од целиот свет во Европа.

Франција во април ја почна платформата „Изберете ја Франција за наука“, со која управува Националната истражувачка агенција на Франција, а која им овозможува на универзитетите, школите и истражувачките организации да се пријават за кофинансирање од државата за гостување на научници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ