Христодулидис кажа дека првите количества природен гас што би можеле да се извезат би доаѓале од таканареченото поле Кронос, кое го управува конзорциум од италијанската Ени и француската Тотал енерџис.
Претседателот на Кипар изјави на Симпозиумот за енергетика во Никозија дека следната година конзорциумот ќе донесе конечна одлука за продолжување на проектот.
Тој кажа дека гасот од Кронос потенцијално би можел да стигне до фабрика за преработка во египетскиот пристанишен град Дамиета во 2027 година, за да се претвори во течна форма и да се транспортира до европските пазари со брод.
„Кипар е дел од енергетските решенија за енергетска безбедност во Источен Медитеран и важна цел е да се усогласат сопствените интереси со интересите на моќните држави и да се дејствува како алтернативен енергетски коридор за Европа“, кажа Христодулидис.
Зборувајќи на конференцијата, кипарскиот министер за енергетика Јоргос Пананастасиу кажа дека природниот гас од Кронос би можел најбрзо да стигне до пазарот, бидејќи може да се поврзе со постоечката инфраструктура која транспортира гас од големото египетско поле Зор, оддалечено околу 80 километри.
Тој кажа дека целниот датум до крајот на 2027 година за гасот од Кронос да стигне до пазарот е „оптимистички, но изводлив“.
Тој додаде дека плановите за извоз на гас од друго кипарско поле, познато како Афродита, бараат поставување пловечка преработувачка фабрика врз самиот резервоар, со цел да се модифицира енергетскиот производ во „сув гас“ кој може да се насочи директно кон потрошувачите во Египет.
Преработениот гас ќе стигне до фабрика во близина на Порт Саид во Египет и ќе се користи за потрошувачка во Египет или за извоз во Европа, во зависност од одлуката во консултациите меѓу Кипар и компаниите Шеврон и Шел и израелската Њумед енерџи“, кои заеднички го управуваат полето.
Кипарскиот претседател кажа дека ќе отпатува во Либан следната недела за да разговара исклучиво за енергетските планови на Кипар.
Кипар ги дели поморските граници со Либан, но либанската влада не ратификувала договор со кој се демаркираат ексклузивните економски зони на двете земји.
Тоа го спречи Кипар да ги отвори за истражување на енергија областите кои се граничат со либанските води.
Кипарскиот претседател кажа дека постои „интерес од енергетските гиганти“ за лиценцирање на повеќе области во рамките на кипарските води.
Американски Ексон мобил и Катар енерџи како партнери имаат лиценци за истражување на два блока покрај јужниот брег на Кипар.
Во еден блок тие открија две значајни наоѓалишта на природен гас, познати како Глаукус и Пегаз.
Се проценува дека Глаукус содржи околу 127 милијарди кубни метри гас, додека големината на Пегаз сè уште се утврдува.






