недела, 14 декември 2025

Еврокомесарката Кос: БиХ треба да се врати на патот кон ЕУ

Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави денес во Сараево дека одговорот на Европската Унија на новите „предизвици со неуставното и сецесионистичко законодавство и иницијативи усвоени во ентитетот Република Српска“ е „цврст и недвосмислен“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На конференција за медиумите по разговорот со претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина Борјана Кришто, Кос нагласи дека институциите, вклучувајќи го Уставниот суд и Централната изборна комисија, мора да се почитуваат и го повика Советот на министри на БиХ веднаш да го продолжи спроведувањето на реформите.

„Босна и Херцеговина треба да се врати на патот кон ЕУ. Земјата не може да си дозволи да губи повеќе време“, кажа Кос, која денес ја почна тридневната посета на Босна и Херцеговина.

„БиХ веќе изгуби една година. Сега ве повикувам да не губите повеќе време. Членството во ЕУ би го подобрило квалитетот на животот на граѓаните, особено на младите луѓе, кои потоа би сакале да останат наместо да си заминат. Сè уште ја гледаме БиХ во членство како целина“, рече Кос.

Кос потсети и на неодамнешните „позитивни чекори“ на БиХ, споменувајќи го усвојувањето на два релевантни закони на ЕУ во јануари и потпишувањето на договорот за статусот на Фронтекс во јуни, но предупреди дека овие случувања нема да бидат доволни без продолжување на процесот на реформи.

Како приоритет Кос ги издвои зајакнувањето на судството, усвојувањето на нов закон за судовите и нов закон за Високиот судски и обвинителски совет во согласност со европските стандарди, како и назначувањето на главен преговарач со ЕУ.

Кос ги повика сите проевропски политички актери да се обединат за да постигнат конкретни резултати и да овозможат одржување на првата меѓувладина конференција. Таа истакна дека БиХ треба итно да ја финализира и да ја достави својата програма за реформи до Комисијата.

Таа потсети и на можностите што ги нуди Планот за раст за Западен Балкан, истакнувајќи дека другите земји веќе добиваат исплати и дека граѓаните на БиХ исто така можат да имаат директна корист, доколку се спроведе Агендата за реформи.

На заедничката прес-конференција, Кришто кажа дека состанокот бил конструктивен и фокусиран на реформите.

„Разговаравме за тоа што Советот на министри веќе го направи, но и за спроведувањето на реформите што нè очекуваат. Штом ја усвоиме реформската агенда, ќе ја информираме Европската комисија и Марта Кос. Тоа, секако, не е крај – ние продолжуваме со работата. Јасно е што треба да се направи, а сè зависи од политичката волја“, изјави Кришто.

Претходно денес Кос се сретна со бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, додека српскиот и хрватскиот член Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ не присуствуваа на состанокот.

За време на тридневната посета на Босна и Херцеговина, Кос ќе разговара со претседателката на Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина Ирена Хаџиабдиќ, ќе се обрати пред Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина и ќе се сретне со претставници на организациите на граѓанското општество и медиумите.

Посетата на европската комесарка за проширување Марта Кос се случува во екот на блокадата на државните институции на БиХ и уставната криза во Република Српска, откако на Милорад Додик му беше одземен мандатот како претседател на РС со правосилна пресуда.

Во март 2024 година, Босна и Херцеговина доби зелено светло за разговори за полноправно членство во ЕУ, но со претходно исполнување на голем број услови.

Меѓу нив се усогласување со надворешната политика на ЕУ, што значи санкции на БиХ против Русија – на што се спротивставуваат претставниците на РС, или визи за граѓаните на Турција и арапските земји – на што се спротивставуваат владетелите на Федерацијата БиХ.

Условите вклучуваат бришење на уставната етничко-територијална дискриминација при изборот на членови на Претседателството на БиХ, реформа на Државниот кривичен суд на БиХ и Уставниот суд на БиХ.

ЕУ објави дека без јасен план за реформи и негово спроведување, Босна и Херцеговина нема да добие ниту едно евро грантови или поволни кредити.

Првите 108 милиони, од околу една милијарда евра наменети за БиХ летоска беа пренасочени кон други земји.

Во октомври Босна и Херцеговина би можела да изгуби приближно иста сума пари, а Европската комисија соопшти дека средствата се наменети за оние кои напредуваат, а не за оние кои стојат или назадуваат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ