вторник, 9 декември 2025

Евреите не се чувствуваат безбедно

Вчерашниот напад врз синагогата на северот на Англија ги зголеми стравувањата во еврејската заедница, која веќе се соочува со нагло зголемување на антисемитски инциденти, и предизвика предупредувања да затворат вратите и да се избегнуваат собири на јавни места.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Две лица беа убиени, а тројца беа сериозно повредени кога напаѓач со автомобил влета меѓу верниците и ги нападна обезбедувачите со нож пред синагогата во населбата Крумпсал, каде што луѓето го славеа Јом кипур, најсветиот ден во еврејскиот календар.

Британската полиција потврди дека напаѓачот, кој носел елек за кој се верува дека е експлозивна направа, бил убиен на местото на настанот. Пиротехничките екипи подоцна го провериле неговото возило, додека истрагата наскоро го квалификуваше нападот како тероризам.

Тоа е најновиот чин на насилство насочен кон британските Евреи откако Израел ја почна воената офанзива во Газа како одговор на упадот на милитантите на Хамас во октомври 2023 година.

„Јас сум Еврејка и сум апсолутно преплашена“, вели Вики, која не сакала да го каже своето презиме, за Ројтерс во близина на местото на нападот во синагогата во Манчестер. „Едноставно не се чувствувам безбедно“.

Низ цела Британија, бројот на пријавени антисемитски инциденти минатата година бил втор највисок во модерната историја. Еврејска хуманитарна организација која ги советува заедниците за безбедноста изјави дека нападот на Хамас и последователната војна поттикнале илјадници инциденти, вклучувајќи насилни напади и закани.

Нападот се случи во Манчестер, област со голема еврејска заедница. Неколку часа по инцидентот, поминале два автомобила со палестински знамиња и неколку мажи со фантомки на главите се појавиле во близина на синагогата, каде што можело да се чуе како го мрморат зборот „Евреи“, според репортер на Ројтерс од местото на настанот.

„Не знам како некој, откако слушнал за толку ужасен напад, може да дојде и да се обиде да ги провоцира луѓето, жртвите на тој напад“, изјави за британската агенција Сајмон Касел, еврејски студент кој живее во близина на синагогата.

Трастот за безбедност на заедницата (ЦСТ), хуманитарна фондација која ги координира безбедносните мерки во еврејските институции, ги повика Евреите да не се собираат пред заедничките објекти или синагоги и да ги држат вратите затворени. На последниот попис во 2021 година, речиси 290.000 луѓе во Британија се изјасниле како Евреи.

Британската полиција соопшти дека ќе ги засили патролите во близина на синагогите.

„Сакам да бидам јасен, британската полиција се мобилизира. И тоа брзо“, кажа Лоренс Тејлор, раководител на одделот за борба против тероризмот. „Полициските сили ги засилуваат патролите низ целата земја, во синагогите, еврејските објекти и во пошироката област, за да обезбедат безбедност и да влеат доверба во сите погодени заедници.“

Инцидентот се случи помалку од една недела пред втората годишнина од упадот на Хамас во Израел на 7 октомври 2023 година.

Израелската амбасада во Лондон го нарече нападот „грозоморен и длабоко вознемирувачки“.

Во Британија, бројот на антисемитски инциденти во 2024 година бил повеќе од двојно поголем во споредба со истиот период пред две години, се тврди во податоците добиени од ЦСТ. Од вкупно 3.528 пријавени случаи, 201 – или околу шест отсто – се поврзани со физички напади или други форми на насилство. ЦСТ објави дека околу половина од инцидентите вклучувале провокативна реторика за конфликтот меѓу Израел и Хамас, со експлицитни изрази на антиеврејски јазик и навреди.

Во февруари минатата година британската влада вети 70 милиони фунти за фондот за безбедност на еврејските заедници, со кој ќе се финансираат мерки како што се ангажирање обезбедување, видео надзор и алармни системи.

Синагоги и градинка во Голдерс грин, област во северен Лондон со големо еврејско население, наводно биле осквернавени со измет минатиот месец.

46-годишната Дина, која присуствувала на служба во синагога во Голдерс грин, изјавила дека по вчерашниот напад ќе им советува на своите двајца синови да престанат да носат еврејска капа, позната како кипа, на јавни места како што се лондонското метро или автобусите.

„Ќе им кажам да соблечат сè по што можат да бидат препознаени“, вели таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ