Бриселскиот портал наведува дека во почетокот на оваа година дошло до значаен дипломатски пресврт кога САД поканиле околу шеесет држави и регионални актери да се приклучат на новоформирано меѓународно тело наречено Одбор за мир, со Трамп како доживотен претседавач.
Покрената во кревок период по примирјето во Газа, кое Советот за безбедност на Обединетите нации го поддржа во ноември 2025 година, оваа иницијатива претставува амбициозен и неконвенционален обид на американскиот претседател да го преобликува мултилатералното решавање конфликти, со можност да ги замени Обединетите нации.
Реакциите на поканетите откриваат сложен сплет на геополитички позиционирања, идеолошки блискости и стратегиски калкулации, кои се движат од отворен ентузијазам до изразена претпазливост, оценува ЕУалајв.
Во Европа, меѓу првите и со најмногу ентузијазам повикот го прифатија Албанија и Унгарија.
Албанскиот премиер Еди Рама јавно го сподели личното писмо од Трамп на социјалните мрежи, опишувајќи го како монументално достигнување што ја подигнува меѓународната позиција на Албанија. Воодушевената реакција на Рама ги надмина дипломатските протоколи и послужи како израз на национална гордост и стратегиско свртување кон Вашингтон. Неговата заклетва дека ќе направи „сѐ што е потребно“ за да го унапреди угледот и достоинството на Албанија одразува поширок образец: помалите држави што бараат препознатлива улога во глобалниот поредок што се создава.
И унгарскиот премиер Виктор Орбан, долгогодишен поддржувач на политиките на Трамп во Европа, изрази недвосмислена поддршка за иницијативата. Неговото прифаќање беше потврдено преку социјалните мрежи и изјави на министерот за надворешни работи Петер Сијарто, кој Одборот за мир го претстави како признание за унгарските напори за промовирање стабилност во нестабилни региони.
Свртувањето на Орбан се вклопува во неговата утврдена надворешна политика, која нагласува национален суверенитет, конзервативни вредности и скептицизам кон мултилатералните институции што се доживуваат како премногу бирократски или усогласени со западниот либерализам.
Поддршка сигнализираа и некои земји надвор од Европа, често водени од прагматични интереси или желба да покажат дипломатска независност.
Аргентинскиот претседател Хавиер Милеј, познат по острата критика на традиционалниот естаблишмент, брзо го прифати повикот и учеството го претстави како чест. Одборот го опиша како платформа за борба против тероризмот и унапредување на мирот и слободата – реторика во склад со неговиот популистички акцент на суверенитетот и недовербата кон конвенционалните меѓународни организации.
Виетнамскиот лидер То Лам потврди дека го прифаќа повикот, што сугерира дека одредени незападни сили гледаат вредност во вклучувањето во иницијатива предводена од САД со цел зајакнување на сопственото регионално и глобално влијание.
Наспроти тоа, реакциите на големите традиционални сили и клучните регионални актери беа воздржани или без јасен став. Повиците упатени до лидерите на Франција, Германија, Австралија, Канада, Италија, Индија, каде што кабинетот на премиерот Нарендра Моди остана нем, како и до други земји, не предизвикаа видливо воодушевување.
Европската Унија и нејзините водечки членки, особено Франција и Германија, зазедоа воздржан став, одразувајќи длабок скептицизам кон структура ориентирана кон САД, која, како што изгледа, го менува повоениот меѓународен поредок. Оваа воздржаност укажува на растечки трансатлантски јаз, при што европските земји се загрижени дека би можеле да бидат маргинализирани или поврзани со процес што некои го доживуваат како со колонијален тон.
Европските дипломати приватно изразиле загриженост дека дизајнот и целите на Одборот би можеле да ја поткопаат улогата на Обединетите нации и да го нарушат мултилатералниот консензус што долго време ги насочуваше меѓународните мировни напори. Многумина стравуваат дека иницијативата, особено со оглед на доживотното претседавање на Трамп, би можела да функционира повеќе како средство за унилатерално американско влијание отколку како вистински соработнички потфат.
Агенциите пренесоа дека Кина денес соопштила оти САД ја поканиле да се приклучи во Одборот за мир, но не објавила дали го прифаќа повикот, додека Кремљ вчера соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин „добил понуда по дипломатски канали“ и дека Русија има намера да стапи во контакт со американската страна за да ги разјасни сите детали од предлогот.
Резерви постојат и на Блискиот Исток. Египет и Јордан, како клучни посредници во конфликтот во Газа, навеле дека ја разгледуваат поканата преку внатрешни правни процедури пред да донесат одлука.
Учество на Турција, особено со министерот за надворешни работи Хакан Фидан во Извршниот одбор за Газа, предизвика остри приговори од Израел, кој тврди дека немало соодветна претходна координација и предупредува дека врските на Анкара со Хамас би можеле да го загрозат легитимитетот на одборот.
Пакистан потврди дека го примил повикот, но ја нагласи својата трајна посветеност на постојните напори предводени од Обединетите нации, без навестување дека ќе го прифати.
ЕУалајв наведува и дека Одборот за мир е еден од најнеконвенционалните дипломатски проекти во поново време. Првично покренат како клучен елемент на американскиот план за прекин на огнот во Газа, одобрен со Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации 2803 во ноември 2025 година, неговата цел е да ја надгледува повоената транзиција на Газа, вклучително воспоставување палестинска технократска администрација, обнова, разоружување на Хамас и економско закрепнување.
Меѓутоа, неговиот опсег брзо се прошири, што укажува на амбиција да стане долгорочна алтернативна рамка за управување со глобалните конфликти.
Во срцето на иницијативата е претседателот Трамп, кој го презема доживотното претседавање. Основното тело го сочинуваат поканети национални лидери, со оперативни структури како Извршниот одбор за Газа, мешавина од државни функционери, дипломати и влијателни личности со изразени произраелски ставови, меѓу кои се американскиот државен секретар Марко Рубио, Џаред Кушнер, поранешниот британски премиер Тони Блер, претседателот на Светската банка Аџај Банга и инвеститорот милијардер Марк Роуан.
На терен, бугарскиот дипломат Николај Младенов ја извршува функцијата висок претставник, додека Националниот палестински комитет за управување со Газа, со кој раководи технократот Али Шат, ја води секојдневната администрација.
Најконтроверзниот аспект на иницијативата е нејзиниот модел на финансирање. Според извештаите, нацрт-повелбата предвидува придонес од една милијарда долари во првата година за членките што сакаат постојан статус по почетниот тригодишен период. Белата куќа ги отфрла тврдењата дека станува збор за задолжителна членарина, инсистирајќи дека придонесите се доброволни и наменети исклучиво за обнова на Газа.
Критичарите, меѓутоа, ова го нарекуваат дипломатија „плати па учествувај“, досега невидено отфрлање на нормите на меѓународните мировни тела, и предупредуваат на сериозни прашања за легитимитетот, правичноста и можната комерцијализација на мировните напори.
Во текот на целиот процес, Трамп делува решен да ја зацврсти доминацијата на САД во меѓународните мировни процеси, потсетувајќи на претходните повлекувања од глобалните институции и обиди дипломатијата да се преобликува во духот на „Америка на прво место“. Ваквиот пристап поставува суштински предизвици за иднината на меѓународното управување, легитимитетот и улогата на воспоставените тела како Обединетите нации.
Накратко, првичните одговори на повикот на Трамп откриваат длабоко поделена меѓународна заедница. Помалите држави и идеолошки усогласените земји ја прифатија иницијативата како можност да го унапредат својот дипломатски профил и да сигнализираат лојалност кон американското водство, додека големите сили и клучните регионални актери остануваат претпазливи, загрижени за последиците врз воспоставените норми, суверенитетот и легитимитетот на мировниот процес, заклучува порталот.
Контроверзиите околу финансирањето, ограниченото вклучување на палестинските носители на одлуки и перципираната наклонетост кон САД ќе бидат клучни тестови за тоа дали Одборот за мир може да прерасне од смел гест во функционална, инклузивна и кредибилна институција. Како што глобалните реакции ќе продолжат да се развиваат, исходот би можел значително да ја обликува идната архитектура на меѓународното решавање конфликти, се наведува во анализата на ЕУалајв.






