Комесарот за трговија Марош Шефчовиќ изјави во Европскиот парламент дека предложил надомест за обработка на пакети со цел „да се одговори на предизвиците што ги носат 4,6 милијарди пратки годишно кои пристигнуваат директно на адресите на граѓаните“. Според нацрт-предлогот на Европската комисија, во кој имал увид Фајненшл тајмс, ќе се применува такса од 2 евра за директна продажба до крајните корисници, додека за пакети што пристигнуваат во магацини ќе изнесува 0,50 евра.
Дел од приходите од таксата ќе се користат за покривање на трошоците за дополнителните царински проверки, додека остатокот ќе оди директно во буџетот на ЕУ. Повеќе од 90 отсто од пратките доаѓаат од Кина.
Оваа мерка доаѓа по сличниот потег на Соединетите Американски Држави, кои одлучија да го укинат својот „де мимис“ режим, кој ги ослободуваше пратките во вредност помала од 800 долари од царински давачки и документација.
Првиот обид на американскиот претседател Доналд Трамп да го ограничи увозот на мали пакети не успеа во февруари, откако американските власти признаа дека немаат капацитет да ги проверат сите пратки. Но, Трамп ги повлече „де мимис“ мерките на 2 мај, истовремено намалувајќи ги царините што претходно беа зголемени за 120 проценти за да се изврши притисок врз Кина за време на трговските разговори. Сегашниот режим им го поскапува купувањето евтини производи од странство на американските потрошувачи.
Во Брисел, Шефчовиќ пред пратениците изјави дека „огромниот бран пакети претставува сосема нов предизвик – во однос на контролата, безбедноста и обезбедувањето усогласеност со стандардите“. На пазарот на ЕУ е забележано зголемување на бројот на опасни и несоодветни производи, а трговците во Унијата сè повеќе се жалат на нелојална конкуренција.
Шефчовиќ истакна дека овие пратки создаваат „огромен товар“ за царинските службеници. „Не би ја гледал оваа такса како данок, туку едноставно како надомест за трошоци што треба да ја платат платформите“, додаде тој.
Според податоците собрани од Фајненшл тајмс, само Холандија и Белгија, како главни логистички центри на ЕУ, минатата година примиле повеќе од милијарда пакети
Ана Кавацини, претставничка на германските Зелени и претседателка на парламентарниот одбор за внатрешен пазар, го поддржа планот. „Важно е да се воспостави контрола. Ова ќе ги поттикне продавачите повторно да се обратат во магацините, како што правеа претходно. На царината ѝ е многу полесно да проверува примероци од поголема пратка отколку од поединечни артикли“, изјави таа за ФТ.
Компаниите Тему и Шеин сè уште не ги коментираа овие најави.
Се очекува земјите-членки да ја вклучат оваа такса во поширок пакет реформи на царинските правила, кој вклучува построги контроли и подобра координација во рамки на единствениот пазар. Како дел од реформата, ЕУ планира да го укине сопственото ослободување „де мимис“ за пратки помали од 150 евра. Ова би ги принудило платформите да се регистрираат за ДДВ, со што за прв пат ќе преземат одговорност за квалитетот на стоките како увозници.
Предлогот ѝ беше презентиран на Комисијата минатата недела од страна на комесарот за буџет, Пјотр Серафин, како една од опциите за зголемување на приходите на буџетот на Унијата.
„Оваа такса нема да донесе огромна сума, но секој цент помага“, кажа еден извор запознаен со дискусиите на Комисијата. „Покрај тоа, тоа покажува иницијатива и решава проблем што многумина го сметаат за сериозен.“