петок, 6 јуни 2025

ЕУ вложува милијарди во одбраната, но нема работници

Павел Чехал верува дека чешката компанија каде што работи лесно би можела да го прошири својот бизнис во областа на ракетни и беспилотни летала и да го удвои бројот на вработени – само кога би можела да најде доволно работници.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Неговата дилема ја делат многу одбранбени компании низ Европа, во време кога владите ги зголемуваат трошоците за муниција, тенкови и друго оружје како одговор на предупредувањата на американскиот претседател Доналд Трамп дека премногу зависат од Вашингтон.

Чехал е потпретседател за операции во ПБС групата, чија производствена единица во градот Велка Битеш, на два часа возење од Прага, вработува 800 луѓе. Тој бара уште работници.

„Кога би биле достапни на пазарот на трудот, повеќето веднаш би ги вработиле. Имаме работа за нив“, вели Чехал за Ројтерс, додавајќи дека компанијата ги зголемила платите за 8 отсто минатата година и планира дополнително зголемување од 10 отсто во 2025 година за да привлече работна сила.

„Моментално вработуваме на сите нивоа во компанијата.“

Иако се очекува субвенциите за одбраната од 800 милијарди евра од страна на ЕУ да создадат стотици илјади работни места во следната деценија, сè уште има недостиг од специјално обучени инженери за вештачка интелигенција, научници за податоци, заварувачи и механичари.

Повеќе од десетина компании, регрутери и работници за Ројтерс велат дека, покрај зголемувањето на платите и бенефициите, производителите на оружје регрутираат персонал од други сектори и бараат потенцијални работници меѓу локалните ученици и студенти.

ПБС групата отишла чекор понатаму во соработката со училиштата и универзитетите, вели Милан Махолан, генерален директор на производствениот погон во Велка Битеша: „Исто така, почнавме со сопствено училиште за обука, во која создаваме свои вработени.“

Од почетокот на конфликтот во Украина во 2022 година, 78 отсто од трошоците на ЕУ за воени набавки се потрошени надвор од ЕУ, а 63 отсто одат само во САД, покажуваат податоците на Европската комисија, делумно затоа што европскиот одбранбен сектор е фрагментиран по земји.

ЕУ планира да префрли голем дел од таа набавка во рамките на Европа и се надева дека новата стратегија „Унија на вештини“ за обука и вработување ќе помогне да се пополни јазот во одбранбената работна сила. Во меѓувреме, во Русија, вработувањето во добро финансираниот сектор за вооружување предизвикува недостиг на работна сила во други области.

Загриженост за конкурентноста

Француско-германската компанија КНДС, производител на автономната хаубица „Цезар“ која се користи во Украина, ги прошири смените во главниот производен погон во градот Бурж, во централна Франција, и ја зголемува својата работна сила за 50 отсто годишно.

Вработувањето останува клучното прашање, вели за Ројтерс Николас Шамуси, генерален директор на КНДС Франција, додавајќи дека постои ограничување за тоа колку можат да ги зголемат платите.

„Не заборавајте дека сме во воена економија, но и во економска војна. Ако нашите плати растат неконтролирано, ќе бидеме помалку конкурентни“, рече тој.

Експертите за вештачка интелигенција кои можат да развиваат автономни системи за оружје, како и луѓето со експертиза во производи кои се произведуваат во мали серии, се особено барани, според играчите во индустријата.

„Нема да го произведуваме „Цезар“ на ист начин како пежо 308. Мораме да стекнеме многу, многу специфично знаење кое бара многу посебни вештини. А тие се ретки на пазарот на трудот“, вели портпаролот на КНДС Габриел Масони.

Зголемувањето на трошоците за одбрана на 3 отсто од БДП, во споредба со моменталната цел на НАТО од 2 отсто, би барало дури 760.000 нови квалификувани работници во Европа, според неодамнешниот извештај на консултантската фирма Керни.

„Независност во водењето на одбранбената политика на Европа би била можна само ако уделот на домашните трошоци за одбрана драстично се зголеми, што, пак, би можело дополнително да го влоши недостигот на персонал“, пишува во извештајот партнерот на фирмата Керни, Гвидо Хертел.

Рајнметал, најголемиот производител на муниција во Европа, планира да го зголеми бројот на вработени за околу 29 отсто, или до 9.000 работници, до 2028 година, главно со вработување експерти за развој на производи, инженери, заварувачи и електроника, велат од компанијата за Ројтерс.

Производителот на подморници и фрегати Тисенкруп марин системс бара до 1.500 работници за своето бродоградилиште во Визмар, во северна Германија. Компанијата учествува на саеми за работа, но вели дека недостатокот на експерти во СТЕМ областите – образовани по математика, информатичка технологија или наука – е сериозен предизвик. Италијанскиот производител на оружје Леонардо има слично мислење.

„Претходно, беше доволно што нудевме безбедни и квалитетни договори за да одржиме лидерска позиција, но денес младите луѓе претпочитаат да избираат други сектори, а не индустријата“, велат од оваа воздухопловна и одбранбена компанија, која сега се врти кон универзитетите и техничките училишта во потрага по персонал.

Годефрој Жордан, извршен директор на Хедхантинг фактори со седиште во Париз, специјализирана за пронаоѓање механичари, системски инженери и техничари за некои од 4.000 мали и средни компании во француската одбранбена индустрија, ја опишува специфичноста на проблемот:

„Луѓето што ги таргетираме работат на работни места каде што никој никогаш не се обидел да ги регрутира. Тие дури и немаат биографија“, вели Жордан за Ројтерс. „Кога им се јавуваме, мислат дека е измама“.

„Ова не е финансиски проблем; ова е проблем со човечките ресурси бидејќи потребните вештини едноставно не постојат“, додава тој.

Побарувачка за работници во автомобилската индустрија

Емрула Караџа, кој работел 25 години во фабриката Гифхорн која наскоро ја затвора автомобилскиот добавувач Континентал, размислува да се пресели во Рајнметал, кој има фабрика на околу 50 километри северно.

Но, таткото на три деца, обучен за оператор на машини за обработка на пластика, разгледува други опции кои не вклучуваат неколкучасовни патувања до и од работата.

„Во последните 25 години го имав луксузот… да стигнам на работа за пет минути“, вели тој.

Проблемите во автомобилската индустрија му помогнаа на чешкиот производител на муниција и гранати СТВ група да вработи дел од повеќе од 200 луѓе што планира да се приклучат на фабрика во Високе Мито, на 155 километри од Прага, до средината на следната година, изјави претседателот на компанијата, Давид Хач.

„Бидејќи ситуацијата во автомобилската индустрија се влошува, сега, за прв пат по долго време, сме во позиција да можеме да избираме меѓу кандидатите.“

Оливер Дер, извршен директор на германскиот производител на сензори и радари Хенсолт, вели за Ројтерс дека компанијата со задоволство ги пречекува поранешните работници во автомобилската индустрија бидејќи се навикнати на производство точно на време.

„Во ова гледаме можност да стекнеме дополнителна експертиза која ќе нè поддржи на патот кон сериско производство, кон зголемување на обемот на производство“, вели Дер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ