Оваа уредба претставува клучна пресвртница во остварувањето на целта на РепауверЕУ да ѝ се стави крај на зависноста на Европската Унија од руската енергија, се наведува во соопштението на Советот на Европската Унија.
„Од денес, енергетскиот пазар на Европската Унија ќе биде посилен, поотпорен и поразновиден. Се одвојуваме од штетната зависност од рускиот гас и преземаме голем чекор, во духот на солидарност и соработка, кон автономна енергетска унија“, изјави Мајкл Дамијанос, министер за енергетика, трговија и индустрија на Кипар.
Според уредбата, забраната за увоз на руски гас ќе започне да се применува шест недели откако уредбата ќе стапи во сила. Постојните договори ќе имаат преоден период, со што ќе се ограничи влијанието врз цените и пазарите.
Целосната забрана за увоз на течен природен гас стапува во сила во почетокот на 2027 година, а увозот преку гасоводи од есента 2027 година.
Пред да одобрат увоз на гас во Унијата, земјите на Европската Унија ќе ја проверуваат земјата во која е произведен гасот, а непочитувањето на новите правила може да резултира со казни од најмалку 2,5 милиони евра за поединци и најмалку 40 милиони евра за компании.
До 1 март 2026 година, земјите на Европската Унија мора да подготват национални планови за диверзификација на снабдувањето со гас, како и да извршат процена на потенцијалните предизвици при замената на рускиот гас.






