Пакетот санкции беше усвоен еден ден пред планираните директни преговори меѓу Украина и Русија во Турција, објави Ројтерс.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го покани рускиот претседател Владимир Путин на разговори, со поддршка на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Ако Путин не дојде и продолжи да одолговлекува, ќе биде јасно дека не сака крај на војната“, рече Зеленски.
Новиот пакет, кој амбасадорите на ЕУ прелиминарно го усвоија утрово, ќе биде формално потврден следната недела на состанокот на министрите за надворешни работи.
За разлика од претходните случаи, овој пат Унгарија не го блокираше усвојувањето на одлуката.
Главната цел на новите санкции е таканаречената „флота во сенка“ – мрежа од стари и неосигурени танкери што Русија ги користи за да ги заобиколи ограничувањата за извоз на нафта.
Санкциите се однесуваат на дополнителни речиси 200 бродови, со што вкупниот број на санкционирани бродови се искачи на повеќе од 350. Покрај тоа, санкциите вклучуваат и 75 физички и правни лица поврзани со руската воена индустрија, како и повеќе од 30 компании за кои постои сомневање дека испорачуваат стока со двојна намена во Русија.
Исто така, забранет е извозот на хемикалии од ЕУ што можат да се користат за производство на ракети. Европската комисија најави дека во случај да нема напредок кон прекин на огнот, планира дополнителни санкции.
Францускиот претседател Емануел Макрон ги наведе финансиските услуги, нафтата и гасот како можни цели за следната рунда мерки, кои би биле координирани со Вашингтон. Макрон нагласи дека целта на ЕУ е „да се постигне триесетдневен прекин на огнот на копно, море и воздух со цел да се отвори простор за разговори за териториите и безбедносните гаранции“.