Со овој потег ЕУ сака да обезбеди контрола врз замрзнатите средства поради загриженоста дека САД би можеле да се обидат да ги користат овие средства во иден мировен договор со Москва.
Долгорочната блокада беше договорена од амбасадорите на земјите-членки денес, повикувајќи се на член 122 од Договорот за ЕУ. Тој член овозможува одлуката да се донесе со квалификувано мнозинство, со што се заобиколува Европскиот парламент и потенцијалното вето на одделни држави.
Новата регулатива забранува префрлање на 210 милијарди евра назад во руската Централна банка. Најголемиот дел од средствата, околу 185 милијарди евра, се во Јуроклиар, централниот депозитар за хартии од вредност во Брисел, додека преостанатите 25 милијарди евра се чуваат во приватни банки.
Досега средствата беа замрзнати преку стандардниот режим на санкции, кој бараше едногласна одлука од сите 27 членки и обновување на секои шест месеци, што го правеше ранлив на блокади.
Минатата недела Европската комисија предложи активирање на Член 122, кој претходно се користеше во кризи како што беа пандемијата на ковид-19 и енергетската криза. Комисијата тврди дека инвазијата на Русија во Украина предизвикала „сериозно економско влијание“ низ целата Унија, наведувајќи „сериозни прекини во снабдувањето, поголема неизвесност, зголемени премии за ризик, пониски инвестиции и трошење“, како и бројни хибридни напади.
„Итно е потребно да се спречи префрлањето на средства во Русија со цел да се ограничи штетата врз економијата на Унијата“, се вели во предлогот на Комисијата.
Според одлуката, средствата ќе бидат ослободени само кога руските дејствија „објективно ќе престанат да претставуваат значителни ризици“ за европската економија и кога Москва ќе исплати компензација на Украина „без економски и финансиски последици“ за ЕУ. Деблокирањето ќе бара квалификувано мнозинство.
„Член 122 во суштина се однесува на ставање на имобилизирањето на средствата на поодржлива основа, за блокадата да не мора да се обновува на секои шест месеци“, изјави денес висок дипломат, зборувајќи под услов да остане анонимен. „Европскиот совет веќе одлучи дека ова мора да се направи – дека имотот треба да остане неподвижен сè додека Русија не плати воена отштета – па може да се каже дека одлуката заснована на Член 122 е спроведување на таа одлука на Европскиот совет“.
Минатиот месец европските претставници дознаа преку медиумите за тајно изработен план од 28 точки од страна на американски и руски претставници за прекин на војната во Украина. Точката 14 од планот наведува дека руските средства треба да се користат за комерцијална корист и на Вашингтон и на Москва, барање кое брзо го отфрлија западните сојузници.
Со блокирањето на средствата со квалификувано мнозинство, ЕУ треба да биде во посилна позиција да се спротивстави на надворешниот притисок и да спречи несакани вета.
Долгорочната забрана е важен столб на предлогот на Комисијата за насочување на руските средства во бескаматен заем за репарација за поддршка на Украина, на што Белгија, како главен чувар на средствата, сè уште жестоко се спротивставува.
Амбасадорите моментално ги разгледуваат правните текстови, со цел да решат што е можно повеќе прашања пред клучниот самит на лидерите на ЕУ на 18 декември, кога ќе одлучат како да соберат 90 милијарди евра за да ги покријат потребите на Украина за 2026 и 2027 година.
Според дипломати запознаени со процесот, Белгија поднела десетици страници амандмани, што го комплицира веќе многу сложеното досие. Вчера белгискиот премиер Барт де Вевер изрази сомнежи за соодветноста на одредбата. „Ова се пари од земја со која не сме во војна“, кажа Де Вевер. „Тоа би било како да се провали во амбасада, да се извади целиот мебел и да се продаде“.
Како одговор на критиките, портпаролот на Комисијата кажа дека е „разумно“ да се тврди дека руската војна испратила шок-бранови низ европската економија како целина и дека, според тоа, примената на член 122 има правна основа.






