Со ова се засилува притисокот врз Иран, кој воедно е загрижен и поради заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за можно покренување воени напади врз таа земја, пренесува агенцијата Асошиејтед прес.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денеска изјави пред новинарите во Брисел, по пристигнувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на Унијата, дека ќе се разгледува воведување нови санкции против Иран и дека очекува согласност Иранската револуционерна гарда да биде ставена на списокот на терористички организации.
„Тоа ќе ги стави на исто рамниште со Ал каеда, Хамас и Даеш (Исламска држава). Ако дејствувате како терорист, тогаш треба и да бидете третирани како терорист“, изјави Калас.
Франција претходно се спротивставуваше на ставањето на Револуционерната гарда на списокот на терористички организации, стравувајќи дека тоа би можело да ги загрози француските државјани притворени во Иран, како и дипломатските мисии, кои претставуваат еден од ретките канали за комуникација меѓу Иран и Европа и нејзините сојузници. Сепак, од кабинетот на претседателот Емануел Макрон вчера беше сигнализирано дека Париз ја поддржува таа одлука. За ваква одлука е потребна согласност од сите 27 земји членки на Унијата.
Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, денеска изјави пред новинарите, пред почетокот на состанокот во Брисел, дека Франција ја поддржува примената на нови санкции против Иран и ставањето на Револуционерната гарда на списокот, бидејќи, како што рече, „не може да има неказнивост за сторените злосторства“.
„Во Иран, неподносливата репресија што го погоди мирниот бунт на иранскиот народ не смее да помине без одговор“, изјави Баро.
Овој потег, кој Европа го разгледува веќе подолго време, ќе претставува нов притисок врз Иран и неговата економија, која веќе е во сериозни тешкотии под товарот на меѓународните санкции. Иранскиот риал денеска падна на рекордно ниско ниво од 1,6 милиони за еден долар. Економските тешкотии ги поттикнаа протестите, кои потоа прераснаа во критика на теократските власти, по што беа жестоко задушени.
Соединетите Американски Држави го преместија носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ и неколку разурнувачи на Блискиот Исток, кои можат да се употребат за покренување напад од море. Иран, пак, продолжува со своите закани, наведувајќи дека би можел да изврши превентивен напад или да го таргетира поширокиот Блиски Исток, вклучувајќи американски воени бази и Израел.
Сè уште не е јасно што ќе преземе американскиот претседател Доналд Трамп во врска со најавената употреба на сила, иако се закануваше дека тоа би било одговор на убиствата на мирни демонстранти и на можните масовни егзекуции. Според активисти, најмалку 6.373 лица биле убиени за време на протестите.
Иранската влада, меѓутоа, на 21 јануари го процени бројот на загинатите на 3.117, наведувајќи дека меѓу нив има 2.427 цивили и припадници на безбедносните сили, додека за останатите тврди дека биле терористи.
Бројот на жртвите е поголем отколку во кои било протести или немири во Иран во последните неколку децении, што, според Асошиејтед прес, потсетува на хаосот што ја следеше Исламската револуција во 1979 година.






