среда, 1 април 2026

ЕУ: Помошта за Украина од 90 милијарди евра зависи од исходот на изборите во Унгарија

Европската комисија ги спроведува техничките и правните подготовки за исплатата на првата транша од заемот за Украина во вредност од 90 милијарди евра, што треба да се случи штом Унгарија ќе го повлече ветото. Со тој потег Брисел сака да го заштити украинскиот буџет погоден од војната од болни кастрења, но претставниците на Европската Унија очекуваат спорот да се реши дури по унгарските избори на 12 април, пишува Јуроњуз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја блокира финансиската помош поради спорот со Украина околу нафтоводот Дружба. Киев тврди дека инфраструктурата е тешко оштетена во наводен напад со руски беспилотни летала и треба да се поправи, додека Будимпешта верува дека нафтоводот е затворен намерно за да влијае на исходот од унгарските избори.

Во Брисел, претставниците очекуваат ветото да остане на сила барем до изборите, бидејќи Орбан го направи своето противење на Украина централна тема на неговата остра кампања. Според анкетите, сегашниот премиер заостанува зад својот помлад ривал Петер Маѓар со двоцифрен процент.

Во меѓувреме, Комисијата има намера да ги подготви сите потребни елементи за да може исплатата од заемот од 90 милијарди евра да почне веднаш по решавањето на спорот. Извршното тело на ЕУ го презентираше првиот од четирите документи кои ја формираат основата на програмата за помош, а преостанатите три се очекуваат во наредните денови.

За 2026 година е предвиден износ од 45 милијарди евра, од кои 16,7 милијарди се наменети за финансиска поддршка, а 28,3 милијарди за воена поддршка. Трошоците за беспилотни летала ќе бидат ослободени од критериумите „произведено во Европа“ за да ѝ се овозможи на Украина да набавува поевтини компоненти од целиот свет. Останатите 45 милијарди евра ќе бидат доделени за 2027 година, дури и ако исплатите продолжат по тој рок.

„Ќе го исполниме нашето ветување за заем од 90 милијарди евра за Украина“, изјави претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лаен. „Целосно и цврсто стоиме зад храбриот украински народ и неговата борба за слобода“.

Сите четири документи мора да бидат финализирани пред првата исплата. Се очекува внатрешниот процес да помине непречено бидејќи Унгарија, Словачка и Чешка обезбедија ослободување од кредитот и затоа се исклучени од гласањето. Главната пречка останува посебна регулатива за измена на заедничкиот буџет на ЕУ за да се овозможи заедничко задолжување за земја која не е членка. Тоа е делот од сложувалката кој Унгарија го блокира бидејќи е единствениот за кој треба едногласност.

Ветото се смета за прекршување на договорот постигнат од 27 лидери, вклучувајќи го и Орбан, на клучниот самит во декември. „Очекуваме сите 27 земји-членки да ја исполнат оваа обврска“, кажа портпаролот на Комисијата. „Непочитувањето на оваа обврска навистина би претставувало прекршување на принципот на лојална соработка“.

Службениците на ЕУ разгледуваат неколку сценарија за постизборниот период. Доколку победи Маѓар, Брисел се надева дека брзо ќе го укине ветото. Доколку победи Орбан, тој би можел да попушти или да продолжи со блокадата. Премиерот вети дека ќе го блокира кредитот додека не се врати протокот на нафта низ Дружба. „Нема нафта, нема пари“, кажа тој претходно овој месец.

Доколку ветото се повлече, без оглед на победникот, првата исплата за Украина би можела да следи за само неколку дена, бидејќи Комисијата веќе има резерва од позајмени пари на располагање. Единственото нешто што недостасува е законско одобрение за префрлање на средствата во Киев. „Откако ќе бидат поставени сите релевантни елементи, можеме да повлечеме средства од нашиот фонд за ликвидност и да ја извршиме првата исплата“, објасни портпаролот. „Значи, тоа навистина нема да ја забави постапката“.

Сепак, ако ветото остане на сила по изборите, ситуацијата ќе стане алармантна. Со сегашните нивоа на трошење, Украина би можела да остане без странска помош до средината на мај и да биде принудена на болни кастрења на јавните услуги. На земјата ѝ е потребна и нова финансиска инјекција за зголемување на домашното производство на оружје и беспилотни летала.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека политичката блокада веќе го одложила планот за подготовка на земјата за следната зима. „Додека трае блокадата, заканата останува. А ова се случува затоа што едно лице во Европа се спротивставува на цела Европа, само за да ја задоволи Москва“, кажа Зеленски, алудирајќи на Орбан, но не спомнувајќи го по име.

„Сите веќе гледаат докази дека ова не е ништо друго освен договор со Москва“, додаде тој, очигледно мислејќи на аферата со приватните разговори меѓу унгарскиот и рускиот министер за надворешни работи.

Истиот ден, високата претставничка за надворешна политичка на ЕУ Каја Калас, која се сретна со Зеленски во Киев, ја спомна можноста за оживување на предлогот за користење на замрзнатите руски средства доколку ветото за заемот од 90 милијарди евра се покаже како непремостливо. Но, тој предлог, кој не успеа минатата година, сè уште е оптоварен со правни, финансиски и репутациски проблеми.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ