Според него, време е Брисел сериозно да го сфати овој проблем или ќе им го препушти теренот на анти-ЕУ популистите, пишува Гардијан.
Во интервју за Гардијан и други европски медиуми Ден Јергенсен истакна дека креаторите на политиките мора да дејствуваат. „Ако ние, како креатори на политики, не го сфатиме сериозно овој проблем и не препознаеме дека ова е социјален проблем и дека бара акција, тогаш анти-ЕУ популистите ќе победат“, кажа тој, додавајќи дека Брисел досега „не успеал да испорача“ решенија за клучните аспекти на кризата со домувањето.
Јергенсен, дански социјалдемократ, е задолжен за изготвување на првиот план на ЕУ за прифатливи домови, кој се очекува да биде објавен во декември.
Тој објасни дека објавувањето на планот е поместено од 2026 година поради итноста на „социјалната криза“.
Иако Брисел традиционално се држи настрана од политиката за домување, Јергенсен инсистира дека прашањето е од важност за целата Унија.
„Претстојниот план за домување ќе опфати области каде што е многу јасно дека домувањето е европска надлежност и каде што досега не успеавме да испорачаме… Една од тие области е краткорочното изнајмување, каде што навистина ни требаат повеќе европски правила“, истакна тој.
Краткорочното сместување, кое се изнајмува преку интернет-страници, доживеа бум во европските градови во последниве години.
Многумина го сметаат за одговорно за зголемувањето на цените за изнајмувањето, истиснувањето на локалните жители од историските јадра и претворањето на станбените населби во туристички зони. Јергенсен ги нарече краткорочните изнајмувања „огромен проблем во многу градови“, но не прецизираше кои платформи се вклучени, ниту даде детали за предлогот.
Загриженоста расте во контекст на општото зголемување на цените за изнајмување и хипотеките. Според податоците на Евростат, помеѓу 2010 и 2023 година, цените на куќите во ЕУ се зголемиле за 48 отсто, а кириите за 22 отсто. Во истиот период, кириите во Естонија се зголемиле за дури 211 отсто, во Литванија за 169 отсто и во Ирска за 98 отсто. До 2023 година, речиси 9 отсто од населението на ЕУ потрошило 40 отсто или повеќе од својот расположлив приход за домување.
Јергенсен објави дека планот на ЕУ ќе се занимава и со „финансијализација“ на домувањето. „Јасно е дека кога домувањето ќе стане стока, нешто што се користи за шпекулации без да се земе предвид остатокот од општеството, тогаш тоа секако потенцијално предизвикува проблеми“, кажа тој.
Иако не откри детали, тој спомна дека Комисијата анализира мерки кои некои земји-членки веќе ги презеле, како што е обврската инвеститорите да изградат одреден процент на прифатливи домови.
Комисијата на Урсула фон дер Лаен разгледува и порадикални идеи. На пример, Шпанија планира да воведе данок од 100 отсто на вредноста на недвижнините купени од жители кои не се од ЕУ, додека социјалистичките претставници во Европскиот парламент бараат забрана за купување недвижнини од странци.
Јергенсен додаде дека се разгледува и подобра заштита на правата на станарите и олабавување на правилата за државна помош за да им се олесни на владите да субвенционираат станбени проекти.
Позицијата комесар за домување ја создаде претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лаен во 2024 година за да се обезбеди поддршка од социјалистите за нејзин втор мандат. По европските избори во 2024 година, на кои националистичките и десничарските партии добија на сила, социјалистите го засилија својот притисок за поголема улога на ЕУ во справувањето со проблемот со домувањето, истакнувајќи го зголемувањето на трошоците за живот како клучно прашање за гласачите.
Минатиот месец Фон дер Лаен објави „радикална трансформација на начинот на справување со ова прашање“ и вети дека ќе го свика „првиот самит на ЕУ за домување“.
Лидерите на ЕУ ќе го дискутираат прашањето на самитот следната недела. Јергенсен заклучи дека е време ЕУ да пристапи кон домувањето со „свеж поглед“, повлекувајќи паралела со пандемијата на ковид. „Како што се случи со кризата со ковид, кога ќе се најдеме во нови ситуации, мора да ја редефинираме улогата на Европската Унија“, кажа тој.






