Во извештајот за Србија Европската комисија наведува дека процесот на демократизација е успорен, додека ефикасноста и надзорната функција на парламентот се ослабени „поради ретките седници“ и „недостигот од вистинска политичка дебата“. Комисијата, исто така, ја критикуваше српската влада за „тешките услови“ за работењето на невладините организации и граѓанскиот сектор.
Значаен дел од извештајот е посветен на односите меѓу Србија и Русија. Европската комисија го обвини Белград дека одбива да се придружи на санкциите на ЕУ против Москва и го критикуваше претседателот Александар Вучиќ за „демонстративни контакти“ со руското раководство – вклучително и присуството на Парадата на победата во Москва на 9 мај и разговорите со Владимир Путин. Извештајот нагласува дека Србија „постигнала ограничен напредок“ во усогласувањето со заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика на ЕУ. Иако Белград делумно поддржа некои одлуки на Советот на ЕУ, вклучително и осуда на руските дејства, „одржува високо ниво на контакти со Москва и реторика со елементи на антизападна пропаганда“.
Посебно внимание се посветува на прашањето за издавање српски пасоши на руските граѓани. „Визната политика на Србија е сè уште само делумно усогласена со листата на трети земји за кои ЕУ бара визи. Доделувањето српско државјанство на Русите практично им овозможува да влезат во ЕУ без виза, што создава потенцијален безбедносен ризик за Унијата“, се наведува во извештајот.
Брисел бара Белград да ја усогласи својата визна политика „со европските стандарди“ и да обезбеди „строга контрола на безвизниот влез за граѓаните на трети земји, особено оние кои претставуваат безбедносна закана или ризик од нелегална миграција“. Исто така, Комисијата ги повикува српските власти да „ги зајакнат проверките при доделување државјанство на странци, бидејќи носителите на српски пасоши уживаат привилегија за безвизен влез во ЕУ“.
Во извештајот се додава дека Белград сè уште одржува чести летови до Русија и не се приклучил на санкциите против Кина, Белорусија, Иран или Северна Кореја. Европската комисија оценува дека Србија не презела доволно мерки за да го потисне странското информативно влијание, напротив – на телевизијата РТ (Раша тудеј) ѝ е дадена лиценца за емитување програми на српски јазик преку државната мрежа Телеком Србија.
Според документот, Договорот меѓу ЕУ и Србија за статусот на мисиите на ЕУ стапил на сила на 1 април 2025 година. Белград делумно ја доближил својата визна политика до ЕУ со повторно воведување визи за граѓаните на Кувајт, Монголија, Оман и Катар во декември 2024 година, но генерално „визната политика на Србија останува само делумно хармонизирана“ со стандардите на ЕУ.
ЕУ изразува загриженост и поради фактот што Србија продолжува да зависи од рускиот гас и нафта, и покрај обидите за диверзификација на снабдувањето. Во мај 2025 година, Белград го продолжи договорот за снабдување со гас со Русија за уште четири месеци, што, според проценката на Комисијата, „дополнително ја зајакнува енергетската зависност од руските ресурси“. На 9 октомври, американските власти воведоа санкции врз српската нафтена компанија НИС, чии 56 отсто од акциите се во сопственост на Газпром њефт и други руски компании.






