Бриселскиот портал потсетува дека Европската Унија во февруари, по макотрпните повеќенеделни преговори, донесе одлука за испраќање нов пакет помош за Киев од 50 милијарди евра, за да ја поддржи економијата на земјата до 2027 година.
Брисел е на половина пат со исплатата на половина од парите кои членките ги одредија за до крајот на оваа година за Украина, но додека планираното издвојување изгледа доволно за 2024 година, ЕУ би можела да се соочи со тешкотии во понатамошната поддршка на украинската економија во годините кои доаѓаат.
Ова особено се однесува на потенцијалниот избор на Доналд Трамп за претседател на Соединетите Американски Држави во ноември, што, според Политико, би можело да ги влоши нештата.
Недостигот од странска помош за Киев би можел да предизвика финансиски хаос во од конфликтот разурнатата економија.
„Тоа ќе значи влошување на макроекономската стабилност. Губењето на вредноста на валутата ќе доведе до инфлација. А потоа влегуваме во прилично опасна ситуација“, вели Дмитар Богов од Европската банка за обнова и развој.
Затоа Брисел сега се врти кон алтернативни извори за собирање на средства за Украина без користење на нејзиниот седумгодишен буџет, а тоа бара согласност од сите 27 земји на ЕУ.
Најочекуваната опција, која ја поддржуваат САД, е годишниот профит од замрзнатиот руски имот на Западот да се користи како гаранција за кредит од 50 милијарди евра за Украина.
Поддржувачите тврдат дека овој начин би понудил долгорочни гаранции без користење на парите на даночните обврзници во време на напнати национални буџети и криза со долговите во Европа.






