вторник, 17 март 2026

ЕУ одобри 19-ти пакет санкции против Русија, вклучувајќи забрана за увоз на течен природен гас

Земјите од Европската Унија одобрија 19-ти пакет санкции против Русија поради војната во Украина, кој вклучува забрана за увоз на руски течен природен гас (ЛНГ), објави данското претседателство со ЕУ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Со задоволство објавуваме дека тукушто бевме информирани од преостанатата држава членка дека сега може да ја повлече својата резерва во врска со 19-тиот пакет санкции“, се вели во соопштението.

Словачка беше последната членка која го задржуваше приговорот откако земјите од ЕУ постигнаа договор за конечниот текст на пакетот минатата недела. Премиерот Роберт Фицо побара гаранции од Европската комисија во врска со високите цени на енергијата и усогласувањето на климатските цели со потребите на автомобилската и тешката индустрија, пренесува Ројтерс.

„Како резултат на тоа, почната е писмена постапка за одобрување во Советот. Доколку нема приговори, пакетот ќе биде усвоен утре до 8 часот наутро“, се додава во соопштението.

Забраната за увоз на руски течен природен гас ќе се спроведува во две фази: краткорочните договори ќе истечат по шест месеци, а долгорочните договори ќе завршат до 1 јануари 2027 година.

Со ова, целосната забрана ќе стапи на сила една година порано од предвиденото со планот на Европската комисија за ставање крај на зависноста на Унијата од руските фосилни горива.

Новиот пакет вклучува и ограничувања за патување за руските дипломати, воведување санкции за уште 117 бродови од таканаречената руска „флота во сенка“, претежно танкери, со што вкупниот број на санкционирани бродови ќе достигне 558.

Овие мерки се дел од напорите на ЕУ да ги ослаби приходите на Русија од извоз на енергија и да го ограничи заобиколувањето на постојните санкции преку алтернативни трговски и транспортни мрежи, наведува Ројтерс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ