Германскиот канцелар Фридрих Мерц вчера настојуваше да спречи судирот со Доналд Трамп околу Гренланд да прерасне во нова трговска војна меѓу Европа и САД, повикувајќи на „трезвен“ одговор на најновите закани на американскиот претседател со царини.
Таквиот пристап ги покажа тактичките разлики во рамките на ЕУ околу начинот на кој треба да се реагира на заканата на Трамп дека веќе до следниот месец може да воведе нови царини за повеќе европски земји.
Францускиот претседател Емануел Макрон во неделата го повика Брисел да го активира Инструментот на ЕУ против принуда (Anti-Coercion Instrument, ACI), „трговската базука“ на Европската Унија, како одговор на заканата на Трамп дека новите царини би можел да ги воведе уште следниот месец.
Мерц, од друга страна, повика на помалку конфронтациски пристап кон Трамп, признавајќи дека трговската војна би била особено штетна за германската извозно ориентирана економија, а истовремено изрази уверување дека Берлин и Париз ќе најдат заеднички став.
„Франција е погодена од американските царини на поинаков начин од нас, и во таа смисла разбирам дека француската влада и францускиот претседател сакаат да реагираат малку поостро од нас“, рече Мерц. „Сепак, се трудиме и ќе успееме да најдеме заеднички став“ пред лидерите на ЕУ да се сретнат во Брисел в четврток.
Германските претставници често изразувале фрустрација поради тоа што Макрон е подготвен да заземе поагресивен пристап кон Трамп, но не дејствувал подеднакво агресивно на зајакнување на европската автономија во однос на САД преку склучување дополнителни трговски договори со други делови од светот, наведува Политико. Француското противење, на пример, долго време го кочеше договорот на Европа со трговскиот блок Меркосур во Јужна Америка.
Мерц изјави дека ќе се обиде да се сретне со Трамп в среда во Давос со цел да ги намали тензиите и да го промени мислењето на претседателот за царините, наведувајќи дека смета оти сѐ уште е можно заедничко решение за заштита на Гренланд и избегнување трговска војна.
„Од искуството од последните 12 месеци знаеме дека Трамп постојано одново се заканува со воведување царини“, рече Мерц. „Често тоа и го прави, но доволно често разговорите и преговорите со него доведуваат до тоа да се повлече. Тоа беше мојата стратегија во последните девет, односно осум месеци, откако ја презедов функцијата. И ќе продолжам да ја спроведувам на ист начин.“
За разлика од него, францускиот претседател беше многу поотворен и поостар во спротивставувањето на трговските закани на Трамп. „Никакво заплашување ниту закана нема да влијае врз нас“, порача Макрон во објава на мрежата Икс за време на викендот. „Заканите со царини се неприфатливи и во овој контекст за нив нема место. Европејците, доколку тие се потврдат, ќе одговорат единствено и координирано. Ќе се погрижиме европскиот суверенитет да биде зачуван. Во тој дух ќе разговарам со нашите европски партнери.“
Ниту Мерц не ја исклучи можноста за европска одмазда доколку Трамп сепак воведе царини, иако конкретно не ја спомена таканаречената трговска базука на ЕУ.
„На располагање имаме низа инструменти и согласни сме дека не сакаме да ги користиме“, рече Мерц. „Но ако мораме да ги употребиме, тогаш ќе го сториме тоа. Во кој обем, со каков интензитет? Тоа ќе зависи од ситуацијата што ќе се развива во односите со американската администрација.“
Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен вчера изјави дека треба ЕУ, а не само Данска, да одлучи за одговорот на Унијата на заканите на Трамп со царини поради Гренланд.
Сепак, неговиот унгарски колега Петер Сијарто смета дека иднината на Гренланд не е прашање на ЕУ и навести дека Унгарија не би поддржала заеднички одговор на Унијата. „Ова го сметаме за билатерално прашање што може да се реши со разговори меѓу двете страни… Не мислам дека тоа е прашање на ЕУ“, рече Сијарто.
Британскиот премиер Кир Стармер повика на смирена расправа меѓу сојузниците, додавајќи дека не верува оти Трамп размислува за воена акција за да го преземе Гренланд.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони вчера на прес-конференција во Јужна Кореја изјави дека „во вакви моменти е потребен прагматичен, конструктивен лидер насочен кон намалување на тензиите“. Мелони сѐ повеќе се претставува како можен посредник меѓу Европа и Трамп. Во неделата им изјави на новинарите дека верува оти заканите со царини се резултат на „недоразбирање“ и дека „работи на намалување на тензиите“.
Лидерите на ЕУ треба в четврток на вонреден самит во Брисел да разговараат за опциите, вклучително и пакет царини во вредност од 93 милијарди евра (107,7 милијарди долари) за увоз од САД, кој би можел автоматски да стапи во сила на 6 февруари, по шестмесечна пауза.
Друга опција е досега никогаш користениот Инструмент против принуда (АЦИ), кој би можел да го ограничи пристапот до јавни тендери, инвестиции или банкарски активности, или пак да ја ограничи трговијата со услуги, во која САД имаат суфицит во размената со блокот.
Аналитичарите наведуваат дека клучното прашање е како Европа ќе одговори – со класична трговска војна и заемни царини по принципот „мило за драго“, или со уште поцврст пристап.
„Најверојатниот пат напред е враќање кон трговската војна што во текот на летото беше одложена со американските договори со Обединетото Кралство и ЕУ“, изјави за Ројтерс Карстен Никел, заменик-директор за истражување во лондонската компанија Тенео.
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика, Каја Калас, вчера изјави дека Европа нема интерес да влегува во судир со САД, но дека располага со цел арсенал алатки за заштита на своите интереси. „Арктичката безбедност е заеднички трансатлантски интерес и за тоа можеме да разговараме со нашите американски сојузници. Но заканите со царини не се начин за тоа“, напиша Калас во објава на мрежата Икс, по состанокот во Брисел со данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен и министерката за надворешни работи на Гренланд Вивиан Моцфелд.
„Суверенитетот не е стока за трговија. Немаме интерес да бараме судир, но ќе останеме на своето. Европа има цел спектар алатки за заштита на своите интереси“, додаде таа.
Европските влади не треба да возвраќаат на какви било мерки што САД би ги презеле во рамките на спорот околу Гренланд, порача вчера американскиот министер за финансии Скот Бесент. „Мислам дека тоа би било многу непромислено“, им рече Бесент на новинарите, одговарајќи на прашање за можни одмазднички трговски мерки, на маргините на годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
Тој ја повика Европа да не се сомнева во намерите на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со Гренланд. „Бев на пат, па не бев во контакт со европските претставници, но разговарав со претседателот Трамп и очигледно има многумина што се јавуваат, и мислам дека сите треба сериозно да го сфатат претседателот и да му веруваат на зборот“, рече Бесент.
Трамп вчера ја поврза својата намера да преземе контрола врз Гренланд со тоа што не ја добил Нобеловата награда за мир, велејќи дека повеќе не размислува „исклучиво за мир“.
Во писмена порака до норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе, во која Ројтерс имал увид, Трамп напишал: „Со оглед на тоа што вашата земја одлучи да не ми ја додели Нобеловата награда за мир затоа што запрев повеќе од осум војни, повеќе не чувствувам обврска да размислувам исклучиво за мир, иако тој секогаш ќе биде доминантен, но сега можам да размислувам за тоа што е добро и исправно за САД.“
Во кратко телефонско интервју за Ен-би-си, Трамп вчера, на прашањето дали би употребил сила за да го преземе Гренланд, одговори: „Без коментар“, додавајќи дека „сто отсто“ ќе ги спроведе плановите за воведување царини кон европските земји доколку не се постигне договор за Гренланд.
Ударот што ѝ беше потребен на Европа
Производителите забрзано се обидуваат да утврдат дали да испратат што е можно повеќе производи во САД пред воведувањето на царините, како што беа принудени да направат во април минатата година, кога Трамп ги најави давачките по повод својот „ден на ослободувањето“.
Заканата поврзана со Гренланд можеби беше токму шокот што ѝ беше потребен на Европа за да го заостри пристапот и да се фокусира на развој на сопствени заеднички програми за да стане понезависна од САД, изјави за Ројтерс извршниот директор на германскиот производител на подморници ТКМС, Оливер Буркхард.
„Веројатно е потребно… да добиеме удар во потколеницата за да сфатиме дека во иднина можеби ќе мораме поинаку да се подготвуваме“, рече тој.
Претставник на една француска индустриска асоцијација, која ги претставува најголемите компании во земјата, изјави дека прашањето за Гренланд ги претвора царините во „алатка за политички притисок“ и го повика регионот да ја намали зависноста од американскиот пазар.
Нил Ширинг, главен економист на групацијата Капитал Економикс, укажа дека некои земји на ЕУ, како Шпанија, Италија и други, не се на списокот за царини, што веројатно ќе доведе до „пренасочување“ на трговијата во рамките на зоната на слободна трговија на ЕУ за да се избегнат давачките.






