недела, 21 декември 2025

ЕУ има нов план за мигрантите, треба да го распредели емиграцискиот товар

Група земји во која се Германија, Белгија, Бугарија, Естонија, Франција, Финска, Ирска, Литванија, Латвија, Холандија, Хрватска и Полска, можат да побараат до крајот на 2026 година, во рамките на новиот механизам за солидарност на Европската Унија, да не мора да прифаќаат дополнителни мигранти од други земји-членки.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ова произлегува од анализата на комесарот на ЕУ за внатрешни работи Магнус Брунер за таканаречениот „фонд за солидарност“, кој треба да им олесни земјите под висок миграциски притисок како дел од реформата на политиката за азил на ЕУ. Според тој извештај, овие земји можат да се повикаат на фактот дека веќе се грижат за многу голем број баратели на азил за кои другите земји-членки на Европската Унија всушност треба да бидат одговорни, пишува Дојче веле.

Поради мигрантскиот притисок од изминатите години, како и опасноста од нов притисок, овие земји ќе бидат делумно или целосно ослободени (доколку го побараат тоа) од други форми на солидарност, како што се парични плаќања или материјални придонеси. Овие форми на поддршка теоретски можат да ги обезбедат земјите-членки на ЕУ кои не сакаат да примаат мигранти.

Во својата анализа Комисијата ги наведува Грција и Кипар, како и Шпанија и Италија, како земји кои ќе имаат право на солидарност од другите членки на ЕУ следната година поради високиот миграциски притисок. Според извештајот, Грција и Кипар се соочуваат со непропорционално голем број пристигнувања во текот на изминатата година, додека Шпанија и Италија се оптоварени со бројни бродови што доаѓаат преку Медитеранот.

Комесарот на ЕУ за внатрешни работи Магнус Брунер, коментирајќи ги резултатите од анализата, кажа дека е очигледно дека Германија веќе понела голем дел од товарот на солидарноста пред стапувањето во сила на новиот пакт за азил. Според него, оваа земја-членка ќе има значителна корист од реформата на системот за азил и миграција – особено благодарение на новите задачи на земјите-членки на надворешните граници.

Овие задачи вклучуваат регистрација на новодојденците, спроведување безбедносни проверки и нова гранична постапка. Втората предвидува дека во иднина, по преминувањето на границата, одредени мигранти би можеле да бидат сместени во строго надгледувани прифатни центри под услови слични на притворот.

За дополнителна опрема на надворешните граници на ЕУ, како што се беспилотни летала за следење на зелените граници, комисијата предвиде помош од 250 милиони евра.

Брунер во основа нагласи дека построгата политика за азил веќе покажува резултати. „Нелегалната миграција се намали во изминатата година за 35 проценти“, кажа тој.

Извештајот, кој сега е презентиран за прв пат, се смета за клучен чекор во спроведувањето на реформата на Европскиот систем за азил (ГЕАС), кој вклучува механизам за солидарност за олеснување на земјите-членки кои се особено погодени од миграцијата.

За таа цел, Европската комисија зема предвид различни индикатори – на пример, бројот на нелегални гранични преминувања, поморски спасувања или барања за азил, како и економската сила и населението на одредена земја.

Според ГЕАС, земјите кои се особено оптоварени имаат право на солидарност од другите членки на ЕУ, или преку прифаќање на мигранти или преку финансиски придонеси. Солидарноста, пак, може да се обезбеди на други начини – на пример, со финансирање на проекти за борба против нелегалната миграција во трети земји или со обезбедување материјална помош.

Целта на овој систем за балансирање е мигрантите да останат во земјата во која првпат пристигнуваат, а не, на пример, да патуваат понатаму кон Германија. Земји како Грција или Италија, покрај тоа, треба да спроведат забрзани процедури за азил на надворешните граници. За возврат земјите од ЕУ кои примаат најмногу мигранти треба да бидат олеснети.

Извештајот на Европската комисија ја претставува клучната основа за функционирање на тој механизам за солидарност. Предлозите на Комисијата за таканаречениот фонд за солидарност сега треба да бидат разгледани од земјите-членки. Тие добиле и детални нумерички податоци кои Европската комисија не ги објави.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ