петок, 23 јануари 2026

ЕУ и САД скицираа план за Украина вреден 800 милијарди долари

Документот, во кој Политико имал увид, ја открива повоената понуда на Брисел и Вашингтон, но клучниот предуслов – прекин на огнот – и понатаму го нема.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Соединетите Држави и Европската Унија се надеваат дека ќе привлечат 800 милијарди долари јавни и приватни средства за да ѝ помогнат на обновата на Украина откако Русија ќе ја заврши својата инвазија, се наведува во документ до кој дошол Политико.

Порталот наведува дека во документот од 18 страници е изнесен десетгодишен план со кој би се гарантирало заздравувањето на Украина, со забрзана патека кон членство во Европската Унија. Европската комисија, според зборовите на тројца функционери на Европската Унија и дипломати што сакале да останат анонимни поради чувствителноста на темата, им ги проследила плановите на престолнините на Европската Унија пред самитот на лидерите во четврток навечер, на кој бил разгледуван документот датиран на 22 јануари.

Додека Брисел и Вашингтон обезбедуваат стотици милијарди долари долгорочно финансирање и ја претставуваат Украина како идна членка на Европската Унија и дестинација за инвестиции, стратегијата зависи од прекин на огнот што и понатаму изостанува – поради што планот за просперитет останува ранлив сè додека борбите продолжуваат.

Според Политико, стратегијата за финансирање се протега до 2040 година, паралелно со итен оперативен план од 100 дена за да се придвижи проектот. Сепак, планот за просперитет тешко ќе привлече надворешни инвестиции ако конфликтот продолжи, предупредува најголемиот светски управувач со имот, компанијата Блекрок.

Планот за просперитет е дел од мировен нацрт од 20 точки што САД се обидуваат да го посредуваат меѓу Киев и Москва. Во него изрично се поаѓа од претпоставката дека безбедносните гаранции веќе се воспоставени и тој не е замислен како воена мапа на патот. Наместо тоа, фокусот е на тоа како Украина може да премине од итна помош кон самоодржлив просперитет.

Тричлен состанок на Украина, Русија и САД се одржува во Абу Даби денеска и утре, додека конфликтот се приближува кон четвртата годишнина. Во документот САД се претставени како стратегиски економски партнер, инвеститор и столб на кредибилитетот за заздравувањето на Украина.

Исто така се предвидува директно учество на американски компании и експертиза на терен, при што се истакнува улогата на Америка како мобилизатор на приватниот капитал. Главниот извршен директор на Блекрок, Лери Финк, присуствувал на мировните разговори со Киев заедно со зетот на претседателот на САД Доналд Трамп, Џаред Кушнер, и неговиот специјален пратеник Стив Виткоф.

Во текот на наредните 10 години, Европската Унија, САД и меѓународните финансиски институции, вклучително и Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, ветиле дека ќе вложат 500 милијарди долари јавен и приватен капитал, се наведува во документот.

Комисијата има намера дополнителни 100 милијарди евра да насочи кон Киев преку буџетска поддршка и инвестициски гаранции, како дел од наредниот седумгодишен буџет на Унијата од 2028 година. Се очекува ова финансирање да отклучи 207 милијарди евра инвестиции за Украина. САД ветија дека ќе мобилизираат капитал преку посебен Инвестициски фонд за обнова САД–Украина, но, како што истакнува Политико, не навеле износ.

Иако Трамп за време на војната ја намали воената и хуманитарната поддршка за Украина, документот покажува подготвеност за инвестирање во земјата по завршувањето на конфликтот. Вашингтон наведува дека ќе инвестира во проекти од клучно значење во областа на критичните минерали, инфраструктурата, енергетиката и технологијата во Украина.

Сепак, шансите бизнисот да процвета пред источниот фронт да стивне се мали.

„Многу е тешко да се замисли дека тоа ќе се случи во голем обем сè додека летаат дронови и проектили“, изјави потпретседателот на Блекрок, Филип Хилдебранд.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ