среда, 28 јануари 2026

ЕУ и ОН го замрзнаа финансирањето за проект на Косово што му оддава чест на албански нацистички соработник

Поранешниот дом на Џафер Дева, министер за внатрешни работи во колаборационистичката влада на Албанија, требаше да биде претворен во културен центар, пишува ЏТА.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

По бурните реакции во јавноста, Европската Унија и Обединетите нации го замрзнаа финансирањето за проект што требаше да му оддаде почит на албански нацистички соработник во Косово.

Џафер Дева бил министер за внатрешни работи во колаборационистичката влада на Албанија во 1944 година. Дел од неговите должности било регрутирањето косовски Албанци во единици на Вафен-СС, елитната нацистичка формација поврзана со многубројни злосторства, меѓу другите и против Евреи и Срби.

Неговиот поранешен дом во Митровица бил изграден во 1930 година и се наоѓа на привремената листа на заштитени културно-историски споменици во Косово, според Балкан инсајт. Европската Унија и Програмата за развој на Обединетите нации планирале да го реновираат и да го претворат во културен центар.

„Програмата за развој на Обединетите нации и Европската Унија изразуваат длабоко жалење за секоја ненамерна навреда предизвикана со најавата за почеток на работите без наведување на историското минато на Џафер Дева“, соопштија институциите во заедничка изјава во средата.

Одлуката следува по протестите на Центарот „Симон Визентал“.

„Дева е симбол на соработката на Албанците со нацистите и на улогата што ја имале во злосторствата врз Србите и Евреите“, напиша Ефраим Зуроф, директор за Источна Европа во Центарот, во писмо испратено претходно оваа недела до амбасадорот на Европската Унија во Израел, Димитер Цанчев.

Министерот за култура, млади и спорт на Косово, во објава на Фејсбук, тврдеше дека куќата има историско и архитектонско значење.

„Реставрацијата на спомениците се прави за да ѝ служи на заедницата, а не за историски ревизионизам или рехабилитација на личности“, напиша Хајрула Чеку.

Албанија, земја со доминантно муслиманско население, е една од ретките држави во кои заштитата на Евреите за време на нацистичката окупација била широко распространета.

Делумно благодарение на она што локалното население го нарекува „беса“, локален кодекс на чест и соседска солидарност, Албанците спасиле околу 2.000 Евреи, вклучително и многу бегалци од соседните земји.

Паралелно со тоа, стотици етнички Албанци служеле во Првата албанска дивизија на Вафен-СС. Голем дел од регрутите биле од Босна и од Косово, кое за време на германската и италијанската окупација било административно обединето со Албанија, вели ЏТА.

Деталите за нивните активности не се целосно утврдени, но познато е дека учествувале во апсењето Евреи, дел од групата од најмалку 249 косовски Евреи што завршиле во концентрациониот логор Берген-Белзен во Германија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ