Во првите шест месеци од 2025 година, вкупната вредност на увозот на ЛНГ во ЕУ изнесувал околу 26,9 милијарди евра. Околу половина од увозот, во вредност од 13,7 милијарди евра, бил испорачан од САД.
Соединетите Американски Држави беа исто така најголемиот европски снабдувач на ЛНГ и во 2024 година, со удел од 45 проценти во вкупниот увоз на овој извор на енергија во Унијата, објави Европската комисија.
Иако ЕУ воведе санкции за увозот на руска нафта и јаглен, увозот на гас досега е поштеден од санкции, бидејќи некои земји-членки сè уште се многу зависни од рускиот гас, кој пристигнува во Унијата во форма на ЛНГ, но и преку гасоводи, вклучувајќи го и Турскиот тек.
Сепак, рускиот гас би можел да им се придружи на нафтата и јагленот, бидејќи Европската комисија изготви планови за целосно замрзнување на увозот на руски гас од 2028 година.
Според предлогот на Европската комисија, забраната за увоз според новите договори ќе стапи на сила на 1 јануари 2026 година, додека испораките според постојните краткорочни договори ќе мора да се прекинат од 17 јуни 2026 година.
Увозот на гас според долгорочни договори ќе биде забранет од 1 јануари 2028 година, според предлогот, кој сè уште треба да биде одобрен од Европскиот парламент и земјите-членки.
Мерките бараат поддршка од најмалку 15 од 27-те земји-членки што претставува најмалку 65 проценти од населението на Унијата.






