Членките на ЕУ се согласија да го забранат транзитот на руски гас низ територијата на блокот како дел од поширокиот притисок за постепено блокирање на руската енергија, соопшти Европскиот совет.
Потпишувањето нови договори за увоз на руски гас ќе биде забрането во блокот од 1 јануари 2026 година, соопшти денеска советот. За постојните договори ќе биде воведен преоден период.
Краткорочните договори постигнати пред 17 јуни 2025 година ќе можат да важат до 17 јуни 2026 година, додека долгорочните ќе можат да важат до 1 јануари 2028 година, се вели во соопштението.
Според советот, новите правила оставаат простор за „специфични флексибилности за земјите-членки без излез на море погодени од неодамнешните промени во рутите за снабдување“, на кои ќе им биде дозволено да прават измени во нивните постојни договори со Русија.
Оваа одлука го отвори патот за почеток на преговорите со Европскиот парламент, кој ја усвои својата преговарачка позиција минатата недела.
Во мај 2022 година Европската комисија предложи план за постепено намалување на зависноста од руските фосилни горива (REPowerEU), а во мај оваа година предложи амандман на оваа регулатива, кој предвидува целосно елиминирање на увозот на руски фосилни горива до крајот на 2027 година.
Регулативата се усвојува според вообичаената законодавна постапка, што значи дека одлуките во Советот се донесуваат со квалификувано мнозинство, а не едногласно, како што е случајот при гласањето за санкции. Затоа, Унгарија и Словачка, кои се противат на овој план, не можат да го спречат усвојувањето на регулативата.
Унгарскиот министер Петер Сијарто, кој минатата недела присуствуваше на форумот „Руска недела на енергија“ во Москва, повтори дека Будимпешта нема намера да се откаже од рускиот гас и нафта бидејќи „нема да може да ги обезбеди потребните резерви на гориво“ без испораките.
Роберт Фицо, премиерот на Словачка, членка на ЕУ, месецов изјави дека блокот „си пука во колено“ обидувајќи се постепено да ја укине руската енергија.






