сабота, 20 декември 2025

ЕУ го разгледува предлогот за помош на Украина со замрзнатите руски средства

Високи претставници на Европската Унија  денес разговараа за новиот план за долгорочна финансиска и воена поддршка на Украина, со кој би ѝ се помогнало на таа земја со замрзнатите руски средства во ЕУ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Соединетите Американски Држави повеќе не ѝ испраќаат финансиска помош на Украина, а ЕУ веќе инвестираше 174 милијарди евра од почетокот на војната во февруари 2022 година, од кои најголемиот дел доаѓаат токму преку замрзнатите руски средства. Европската комисија работи на нов „кредит за репарација“ што би бил поддржан од замрзнатите средства, иако предлогот не го прифаќаат сите членки.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, денес во телефонски разговор со новинарите изјави дека намерите на ЕУ „се сведуваат на планови за нелегална конфискација на руски имот“ и додаде дека „на руски тоа се нарекува кражба“.

Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лаен изјави дека Унијата „не конфискува имот, туку зема готовинско салдо за кредит на Украина“.

„Русија предизвика штета и мора да биде повикана на одговорност“, кажа таа, додавајќи дека смета дека нејзиниот тим пронашол „солиден законски начин да го стори тоа“ и да ги освои скептичните членки.

Земјите од ЕУ ќе ѝ позајмат на Украина околу 140 милијарди евра, а Киев ќе ги врати само кога Русија ќе ѝ плати воени репарации на Украина, додека средствата ќе останат замрзнати ако Москва го отфрли предлогот.

Данската премиерка Мете Фредериксен кажа дека планот на ЕК е „прилично добар пат напред“.

Шефицата на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас одби да предвиди кога планот би можел да биде финализиран, објаснувајќи дека „ сè уште не го поддржуваат сите “.

Европската централна банка предупреди дека конфискацијата на средства ќе му наштети на кредибилитетот на евровалутата, додека ЕК верува дека владите на земјите-членки на Унијата ќе ја прифатат идејата, бидејќи таа не подразбира конфискација на средства.

Би било идеално доколку кредитите бидат покриени од следниот долгорочен буџет на ЕУ, а доколку таа можност биде блокирана, во што предводи Унгарија, тоа би се направило преку национални гаранции, за што некои земји, како што е Франција, се двоумат.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека „кога средствата се замрзнати, ЕУ мора да го почитува меѓународното право“.

Други земји отворено го поддржаа предлогот, вклучувајќи ги Финска и Шведска, кои објавија дека „инвестицијата во Украина е инвестиција во европската безбедност како целина“.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц минатата недела изјави дека е време „да се примени ефикасна моќ што ќе ја наруши циничната игра на рускиот претседател за купување време и ќе го доведе на преговарачка маса“.

„Потребна е храброст и самодоверба за да ја поставиме нашата сопствена агенда, наместо само да реагираме на неговата“, напиша Мерц во колумна во весникот Фајненшал тајмс, додавајќи дека заемот ќе „ги обезбеди одбранбените капацитети на Украина за неколку години“.

Каматата заработена од замрзнатите средства веќе се користи за финансирање на програмата за кредитирање на Украина организирана од Г7 и новиот план не би влијаел на тоа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ