Весникот наведува дека Украина тврди дека ѝ е потребно време за поправка на нафтоводот и дека доставила докази за штетата од рускиот воздушен напад во јануари, додека Унгарија и Словачка веруваат дека Киев намерно го прекинал протокот на нафта. Како резултат на тоа Унгарија го одложи одобрувањето на заемот од ЕУ за Украина и, заедно со Словачка, бара да испрати мисија за утврдување на фактите.
Според пет дипломати и претставници на ЕУ, некои проукраински влади во рамките на Унијата и Европската комисија сега исто така бараат од Киев да дозволи посета за да се докаже дека протокот на нафтата се обновува.
Двајца од нив изјавиле дека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта за време на нивната посета на Киев по повод четвртата годишнина од почетокот на конфликтот, „експлицитно побарале од украинското раководство да обезбеди пристап до нафтоводот Дружба за независна проценка на штетата, но биле одбиени“. Европската комисија не одговорила на барањето за коментар.
Спорот стана поитен поради порастот на цените на енергијата по воените акции на Соединетите Американски Држави и Израел против Иран што го нарушија глобалното снабдување со нафта и гас, а дополнително ескалира бидејќи Киев продолжува да одбива пристап на европски инспектори.
Висок дипломат на ЕУ оценил дека Киев постигнал „автогол“ давајќи ѝ изговор на Унгарија да го блокира кредитот. „Не можеме да кажеме дали има штета или не. Постојат многу едноставни начини да се документира и да се покаже дека вредно работат на поправките. Тие не го направија тоа“, кажал тој.
Од друга страна, висок украински функционер близок до претседателот Володимир Зеленски ги отфрли тврдењата дека Киев одолговлекува, велејќи дека техничарите на украинската државна енергетска компанија Нафтогаз им доставиле на европските колеги докази дека Дружба претрпел сериозна штета.
Сергеј Корецки, раководител на Нафтогаз, изјавил за Фајненшал тајмс дека „рускиот напад предизвикал пожар на резервоар кој содржел 75.000 кубни метри нафта, а биле потребни десет дена за да се изгасне“. „Бројни делови од опремата, енергетски кабли, трансформатори и системот за откривање на протекување одговорен за запечатување на цевководите биле оштетени“, тврди тој.
„Воздушниот напад предизвикал пожар во најголемиот објект за складирање нафта во Европа, кој е со големина на фудбалско игралиште“. Со оглед на обемот на штетата, додава тој, „целосна проценка ќе потрае некое време и се очекува наскоро“.
Во времето на нападот украинската државна компанија Укртранснафта објави дека се во тек „итни поправки“, но дека безмилосните руски напади ја отежнале безбедната работа. Еден украински функционер тврди дека обновата ќе бара испраќање екипи за поправка во потенцијално опасни подрачја и пренасочување на веќе ограничените ресурси.
„Зошто да поправаме нафтовод – за време на војна и без прекин на огнот – кој испорачува нафта од Русија до руските пријатели?“, прашал тој. Сателитските снимки кои ги прегледал Фајненшал тајмс наводно јасно покажуваат штета на локацијата на нафтоводот од руски воздушен напад. Сепак, обемот на уништувањето не може да се процени само врз основа на тие слики, објави весникот.
Словачкиот премиер Роберт Фицо кажа дека неговиот и предлогот на Орбан за спроведување „мисија за утврдување факти“ за да се утврди обемот на штетата, исто така, бил одбиен. Од друга страна, украински функционер тврди дека Зеленски го поканил Фиц директно да разговара за прашањето во Киев, но поканата била одбиена.






