Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, рече дека победата на проевропската партија на молдавските парламентарни избори испратила силна и јасна порака и покрај руското мешање, објави агенцијата Франс прес.
„Народот на Молдавија се изјасни и неговата порака е силна и јасна. Тие ги избраа демократијата, реформите и европската иднина против рускиот притисок и мешање“, напиша Коста на мрежата Икс.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, исто така на Икс порача дека „никаков обид за сеење страв или поделба“ не може да ја поколеба решителноста на Молдавците. „Молдавијо, повторно го направи тоа. Јасно го покажа твојот избор: Европа, демократија, слобода. Иднината е твоја“, напиша Фон дер Лаен.
Таа повтори дека вратите на ЕУ се отворени за Молдавија и дека таа ќе биде со неа на секој чекор од патот.
Високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, напиша дека гласањето во Молдавија беше јасно „да“ за европска иднина.
„И покрај огромните руски напори за ширење дезинформации и купување гласови, ниедна сила не може да го запре народот посветен на слободата“, напиша Калас на Икс.
Според официјалните резултати објавени денес, проевропската партија ПАС на претседателката Маја Санду победи со нешто повеќе од 50 проценти од гласовите на парламентарните избори во Молдавија што се одржаа вчера, кои беа обележани со обвинувања за руско мешање.
Прорускиот Патриотски блок освои 24,2 проценти од гласовите, по него следуваше Националното алтернативно движење (МАС), кое е пријателски настроено кон Русија, по што следува популистичката Наша партија, додека десничарската партија Демократија дома, исто така, освои доволно гласови за да влезе во парламентот.






