вторник, 10 јуни 2025

ЕУ ги повикува американските професори и научници, подготвува стотици милиони евра за нив

Европската Унија одлучи да обезбеди стотици милиони евра за зајакнување на слободата на универзитетите и привлекување професори и научници од целиот свет, особено од Соединетите Американски Држави, каде што почна „одлив на мозоци“ поради потиснувањето на слободата на образованието и науката кое го спроведува владата во Вашингтон.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ова го објавија францускиот претседател Емануел Макрон и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на конференција на претставници на европските универзитети, министри за образование и комесари на Европската комисија во Париз.

Пораката на таа конференција, под слоганот „Изберете ја Европа за наука“, беше дека „Европа е решена да ги стави образованието и науката во срцето на својата економија, да стане дом на научна слобода и соработка, како и со добредојде да ги пречека талентите од целиот свет“.

Видливо внимание во медиумите на ЕУ привлече интервјуто на американскиот професор Џејсон Стенли, кој одлучи да го напушти познатиот универзитет Јеил и да оди на Универзитетот во Торонто, Канада, поради ограничувањето на слободата на образованието и науката и одлуката на владата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја прекине државната помош за универзитетите.

Клучната порака на професорот по филозофија Стенли, експерт за авторитарни режими, е дека „училиштата, универзитетите, медиумите и судството се столбовите на демократијата“ кои, како темели на демократијата и развиеното општество, сега се нападнати во САД.

На конференцијата „Изберете ја Европа за наука“, Макрон објави дека владата во Париз издвоила 200 милиони евра за поволни услови за престој и работа на странски научници, истражувачи и професори.

Шефицата на Европската комисија истакна дека ЕУ обезбедила 500 милиони евра за периодот 2025-2027 година, за да ги „поддржи најдобрите и најпаметните истражувачи и научници од Европа и целиот свет“.

Во обраќањето до американските научници и професори кои веќе почнаа да доаѓаат во ЕУ, Урсула фон дер Лајен истакна дека Унијата е решена да стане центар за привлекување на паметни луѓе од целиот свет.

„На среден и долг рок, заедно со своите земји членки, ЕУ сака да ја достигне целта од три отсто од бруто домашниот производ за инвестиции во истражување и развој до 2030 година“, рече таа.

Европската инвестициска банка (ЕИБ) планира силна финансиска инјекција во европскиот технолошки сектор и ќе издвои 70 милијарди евра за технолошки компании и научници, пишува германскиот дневен весник Ханделсблат.

Целта е да се намали заостанувањето на Европа зад САД во однос на инвестициите во тој сектор, а до 2027 година, 70 милијарди ќе бидат достапни за новоосновани перспективни компании. Целта на ЕИБ е да мобилизира дополнителни инвестиции од приватниот и јавниот сектор.

Благодарение на тоа, износот на ваквите инвестиции би можел да се качи на 250 милијарди евра.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ