недела, 7 декември 2025

ЕУ дипломатите го губат трпението со Каја Калас: „Денот ѝ почнува и завршува со Русија“

Каја Калас поради нејзиниот суров, честопати недипломатски јазик, предизвикува критики додека европските дипломати сè повеќе го губат трпението, анализира Форин полиси.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кога Русија почна да распоредува војници на границата со Украина во 2021 година, тогашната германска канцеларка Ангела Меркел предложи Европската Унија да организира самит со Владимир Путин.

Естонската премиерка Каја Калас, чија земја има само 1,3 милиони жители, остро ја нападна таа идеја. Таа тврдеше дека нема смисла да се надева на промена во руското однесување бидејќи рускиот претседател Владимир Путин од анексијата на Крим во 2014 година доследно го покажува истиот шаблон.

Предлогот на Меркел пропадна, а Калас во тој момент доби пофалби за препознавање на опасноста. Кога Русија во 3033 со тенкови тргна на Киев, многумина ја сметаа за личност со вистински профил во вистинско време. Таа не го доби НАТО, но ја презеде втората најважна функција – стана висока претставничка на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, но околностите се променија.

„Нејзиниот ден започнува и завршува со Русија, се однесува како полицајка“

Директноста која ја доведе во преден план сега ѝ ја отежнува работата. „Очекуваме да биде, па, повеќе дипломатска“, изјави еден дипломат од ЕУ за Форин полиси. „Таа е повеќе полицајка отколку дипломат. Нејзиниот ден започнува и завршува со Русија“, додаде друг. Калас има репутација на „јастреб“ кон Русија со која е, како што некои тврдат, опседната.

Калас често го зборува она што го мисли, што ги наруши односите не само со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, туку и со Индија и Кина. Неодамна се сретна со иранскиот колега во Катар, но во улога на медијатор, а не на активен преговарач.

За разлика од Федерика Могерини, која во 2015 година одигра клучна улога во нуклеарниот договор со Иран, или Жосеп Борел, кој ја критикуваше израелската офанзива во Газа, Калас не успеа да изгради сличен преговарачки капитал.

Губење на видливоста во големите кризи

Таа не успеа да наметне заедничка европска позиција за конфликтот меѓу Израел и Хамас, а во Украина ја засенуваат Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, генералниот секретар на НАТО Марк Руте и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен.

Руте привлече внимание кога го убеди Трамп да остане во НАТО и ги принуди членките да ги зголемат воените трошоци. Фон дер Лаен склучи трговски договор со САД, додека Калас во тој процес беше маргинализирана бидејќи беше гледана како премногу критична кон Вашингтон.

Под нејзино водство ЕУ сепак се согласи да ја зголеми хуманитарната помош за Газа. Портпаролот на ЕУ Ануар Ел Ануни го нарече тоа нејзин успех: „Тоа се основите на дипломатијата“. Калас го претстави тоа како доказ дека со соработка со Израел може да се постигне барем минимален напредок.

„Постигнавме хуманитарен договор и конкретни мерки. Тоа не е доволно, но е подобро од ништо“, кажа таа во интервју за Форин полиси.

Мек став кон Израел

Сепак, критичарите истакнуваат дека тоа се случи во време кога бројни организации го обвинуваат Израел за геноцид и дека Калас требало да заземе појасен морален став. Поранешниот израелски функционер Еран Лерман верува дека Израел сам ја променил својата стратегија и дека нејзината улога не била одлучувачка.

Калас во септември ја прозва Германија за блокирање на предлозите за санкции против Израел. Нејзиниот тим предложи десет мерки – од укинување на повластените тарифи, преку суспендирање на безвизниот режим, до намалување на научната соработка. Но, без Германија или Италија, тешко е да се постигне потребното мнозинство.

Односите со САД на несигурни нозе, конфликти со Кина и Индија

Најголемиот проблем за Калас останува Вашингтон. Во февруари, државниот секретар на САД Марко Рубио ја откажа средбата со неа во последен момент. По јавната кавга меѓу Трамп и Володимир Зеленски, Калас напиша на социјалната мрежа Икс: „На слободниот свет му е потребен нов лидер“.

„Тоа не помогна во односите со Америка“, призна еден европски функционер.

Калас подоцна го критикуваше и американското условување на помошта за Украина: „Ако ветувате оружје, но велите дека некој друг ќе плати, тогаш всушност не го давате, нели?“ Во истото време Руте го пофали Трамп како „татко на Европа“.

Таа не ги поштеди ниту Кина ниту Индија поради нивната трговија со Русија. Пекинг ѝ замери за изјавата со која таа ја минимизираше улогата на Кина во Втората светска војна, нарекувајќи ја „апсурдна и неодговорна“. Во Индија, нејзините забелешки за „морков и стап“ беа сфатени како непотребно остри.

„Уфрлена со падобран“

Поранешната индиска министерка за надворешни работи Канвал Сибал напиша дека Калас била „уфрлена со падобран на работа за која не е квалификувана“ и дека нејзината „антируска параноја“ придонесува за геополитичкото талкање на Европа.

И покрај критиките, нејзините колеги тврдат дека таа не е фокусирана на лична промоција, туку на резултатите. Сепак, многумина веруваат дека ѝ е потребен голем, видлив успех за да се етаблира.

Можеби, сугерираат некои аналитичари, Калас не е првенствено дипломат кој сака да ги координира 27-те членки на ЕУ, туку политичар кој сака да ја турка Европа кон поголема стратегиска независност – дури и ако тоа значи отворено да предупредува на заканите од авторитаризмот во Русија, но и преку Атлантикот. Прашањето е колку тоа навистина им користи на самите европски интереси.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ