сабота, 6 декември 2025

ЕУ ѝ постави ултиматум на Украина за корупцијата

Киев мора решително да ги гони корумпираните политичари и претприемачи ако Украина сака да се приклучи на Европската Унија, предупреди висок функционер од Брисел. Пораката доаѓа во време кога притисокот врз украинскиот претседател Володимир Зеленски расте поради растечкиот број обвинувања за корупција кои го тресат неговиот внатрешен круг, пишува Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во интервју за тој портал, европскиот комесар за правда Мајкл Мекграт изјави дека европските влади нема да го поддржат влезот на земја-кандидатка како Украина во блокот од 27 члена ако не докаже дека има ефикасен систем за искоренување на криминалот во самиот врв на општеството.

Мекграт зборуваше како одговор на прашањата за заговор за проневера на околу 100 милиони долари од украинскиот енергетски сектор. Истрагата се проширува и вклучува високи функционери блиски до Зеленски и неговата влада. Набрзо по изјавите на Мекграт, истражителите за борба против корупцијата ги пребараа и просториите на еден од најмоќните советници на Зеленски, Андриј Јермак, како дел од тековната истрага. Потоа Јермак поднесе оставка.

Обвинувањата доаѓаат во исклучително чувствителен момент за Украина, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз Зеленски да прифати мировен договор кој би можел да бара од него да отстапи територија на Русија. Во исто време напредокот на Украина кон ЕУ е забавен поради противењето на Унгарија.

Комесарот Мекграт нагласи дека истите правила важат за сите кои сакаат да станат дел од Унијата. „Во секоја земја-кандидат, мора да има робустен систем за справување со наводни случаи на корупција на високо ниво“, кажа тој. „Мора да имате робустен систем за истраги и на крајот за гонења и пресуди, а демонстрирањето ефикасност во таа област е нешто што го бараме од сите наши земји-членки, а секако и од оние кои сакаат да се приклучат кон Европската Унија“.

Тој додаде дека „владеењето на правото и судските реформи се во срцето на процесот на пристапување“ и дека ЕУ има „многу отворен и искрен однос со украинските власти“ во врска со поставените барања. Тој предупреди дека стандардите за владеење на правото мора да ги исполнат сите земји кои се придружуваат. „Ако не ги исполнат, тогаш нема да ја добиете поддршката од земјите-членки на ЕУ за да напредувате по патот на пристапување“, јасно порача тој.

На прашањето дали Украина прави доволно, Мекграт одговори дека верува оти Киев вложува „најдобри напори“ во борбата против корупцијата. „Тоа е патување и ние внимателно го следиме развојот на настаните и остануваме во постојан контакт со украинските власти за прашања кои ни го привлекуваат вниманието или кои се објавени“, заклучи Мекграт.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ