четврток, 18 декември 2025

Естонија објави снимка: „Руски граничари влегоа на наша територија“ (ВИДЕО)

Тројца руски граничари вчера наутро неовластено ја преминале естонско-руската граница, потврди министерот за внатрешни работи. Иако причината за инцидентот, кој се случил на реката Нарва, останува непозната, министерот нагласи дека нема закана за безбедноста на Естонија, пишува ЕРР њуз.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Инцидентот се случил во средата околу 10 часот, кога естонските граничари со опрема за надзор забележале неколку руски колеги на ховеркрафт на реката Нарва, во близина на браната Васкнарва во округот Ида-Виру. Ховеркрафтот застанал кај браната, која се протега и на естонска и на руска територија на влезот во езерото Пејпус, по што тројцата граничари излегле.

Видеото што го објавија Естонската полиција и граничната стража (ППА) покажува како руските граничари оделе долж браната, ја преминале границата од Русија во Естонија, а потоа се вратиле на руската страна. Потоа повторно се качиле на ховеркрафтот и се вратиле на руската страна на реката.

Еерик Пургел, раководител на Источната префектура на ППА, изјави дека неколку естонски гранични патроли веднаш реагирале на терен. „Инцидентот е регистриран со опрема за надзор, а извршен е и почетен преглед на браната. Воспоставен е службен контакт со претставник на границата на Руската Федерација за да се добие објаснување“, изјави Пургел.

Естонската гранична стража, исто така, ги засилила патролите за да биде подготвена за евентуални дополнителни инциденти. За утринава е закажан состанок на претставници на двете гранични служби, на кој Естонија очекува објаснување од Руската Федерација, соопшти ППА. Министерството за надворешни работи најави дека ќе го повика на разговор вршителот на работите на руската амбасада.

Министерот за внатрешни работи Игор Таро изјави дека Естонија не ги разбира мотивите за инцидентот. „Немаше директна безбедносна закана, но Управата за полиција и гранична стража значително го зголеми своето присуство и патроли“, рече тој.

Таро појасни дека инцидентот се случил во област каде што руските пловила, според долгогодишен договор, мора да побараат дозвола за поминување низ естонска територија за да стигнат од реката Нарва до езерото Пејпус. „Постои долгогодишен договор за тоа, слично како стариот Саатсе Бут. Секогаш нè известувале однапред. Овој пат не нè известија и се случи инцидентот“, изјави тој.

Министерот изрази и загриженост за квалитетот на персоналот што го ангажираат руските власти. „Една грижа што ја имаме со руската гранична стража е тоа што квалитетот на нивниот персонал во последните години стана исклучително неконзистентен — од разбирливи причини — повеќе немаат редовен кадар. Луѓе се доведуваат од други региони. Тоа е проблем што се повторува“, рече Таро.

На прашањето зошто граничарите не биле приведени, тој одговори дека се вратиле на руска територија пред да пристигне естонската патрола. „Не сме во позиција да навлегуваме длабоко во Русија за да ги уапсиме“, додаде тој. Таро не можеше да потврди дали станува збор за уште една руска провокација. „Ситуацијата е нејасна. Затоа за четврток е закажан состанок на претставниците на границите“, заклучи тој. За порталот Делфи откри дека руските граничари на естонска територија се задржале околу 20 минути.

Кај Васкнарва, поради нератификуваниот граничен договор и долгогодишниот аранжман, руските рибарски пловила мора да побараат дозвола од Естонија за пристап до езерото Пејпус. Патувањето со пловило од реката Нарва до езерото Пејпус не е можно без поминување низ естонска територија, бидејќи границата го следи источниот брег. Сите руски пловила што сакаат да поминат мора да побараат дозвола од естонската гранична стража.

Овој дел од границата потекнува уште од советската ера, кога бил административна граница меѓу Естонската ССР и Руската СФСР, а по естонската независност станал контролна линија. Еерик Пургел од ППА во октомври изјави дека со Русија немало недоразбирања околу оваа област и дека во просек едно пловило дневно поминува низ естонската територија. Руските граѓани за комуникација со естонската гранична стража користат поморско радио.

Пургел тогаш појасни дека пристапот би бил одбиен само ако се утврди дека вистинската намера не одговара на наведената — на пример, ако на пловилото наместо рибари се откријат лица во воени униформи. „Но таква ситуација навистина се нема случено“, додаде тој.

Во последните години инцидентите на естонско-руската граница стануваат сè почести. Во мај 2024 година руската гранична стража отстрани повеќе од десет пловки за означување на границата на реката Нарва. Во септември 2025 година три руски борбени авиони го нарушија естонскиот воздушен простор во траење од 12 минути, а во октомври истата година униформирани и вооружени руски мажи беа забележани во областа Саатсе Бут на југот на Естонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ