Во исто време, берзанските индекси бележат пад. Фјучерсите за индексите Ес-ен-пи 500, Насдак и Дау се намалија за околу еден процент. Наспроти тоа, фјучерсите на нафтени компании како Ексон и Шеврон пораснаа за околу два проценти, додека акциите на компании од одбранбената индустрија, како Нортроп груман и Локхид Мартин, забележаа благ раст.
Почетниот скок на цените на нафтата, иако остар, главно беше очекуван и во рамките на проценките на аналитичарите за пазар што е вознемирен, но не и во паника. Цените растеа и во исчекување на нападите врз Иран. Трговците сметаат дека тековното нарушување на пазарот би можело да биде релативно краткотрајно. Сепак, останува значајна неизвесност околу обемот и траењето на војната, за која претседателот Доналд Трамп навести дека може да трае со недели.
Аналитичарите предупредуваат дека поголеми немири, хаотичен вакуум на власт, напади што би ја прекинале производството или долготрајно затворање на клучниот Ормуски теснец би можеле да ја турнат цената на нафтата на 100 долари за барел, па и повеќе. Доколку се оствари такво сценарио – против кое пазарот во моментов се обложува – цените на бензинот би можеле нагло да скокнат. Тоа би значело дека американските потрошувачи би платиле висока цена за промената на режимот во Иран, а трошоците за живот би се зголемиле.
Иран како важен фактор на нафтениот пазар
Иран има значајна улога на глобалниот нафтен пазар. Тој е голем производител, контролира витален поморски пат за транспорт на сурова нафта и извезува во земји со висока побарувачка, како Кина. Според податоците на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), Иран располага со трети најголеми докажани резерви на нафта во светот.
ОПЕК и неговите сојузници во неделата објавија дека ќе ја зголемат дневната продукција за 206.000 барели, откако претходно годинава ги паузираа постепените зголемувања. Во четвртиот квартал лани производството беше зголемено за 137.000 барели дневно. Иако ова зголемување би можело делумно да го ублажи растот на цените, енергетските аналитичари не очекуваат дека значително ќе ги ограничи.
Ормускиот теснец – клучна артерија на светската нафта
Ормускиот теснец, тесен поморски премин долж јужниот брег на Иран, е главна рута за транспорт на сурова нафта од земји богати со нафта, како Саудиска Арабија и Кувајт, кон остатокот од светот. Иран ја контролира северната страна од теснецот. Низ него дневно минуваат околу 20 милиони барели нафта, што претставува приближно една петтина од глобалното дневно производство. Американската агенција за енергетски информации го нарекува „критичен нафтен премин“.
Иран и претходно, во конфликтите со САД и западните земји, се закануваше со затворање на овој витален поморски правец. За време на дванаесетдневниот конфликт меѓу Иран и Израел минатата година, Голдман сакс процени дека цената на нафтата би можела да надмине 100 долари за барел во случај на „подолготрајно нарушување“ во теснецот.
Боб Мекнали, претседател на Рапидан енерџи груп, изјави за Си-ен-ен дека затворањето на Ормускиот теснец би предизвикало енергетска криза. Сепак, предупредува дека уште поголема грижа би бил напад врз нафтените постројки во Саудиска Арабија што би ги исфрлил од работа подолг период. Мекнали посочува дека постројката во Абкаик, нападната во 2019 година, имала специјализирана опрема што „не може едноставно да се нарача“.
Азиските економии, вклучително Кина и Индија, би биле особено изложени ако дојде до затворање на Ормускиот теснец. Нивната трка за обезбедување нафта од други извори би ги зголемила глобалните цени. Дури и една поблага варијанта, во која би биле погодени само иранските испораки, би имала светски последици.
„Бидејќи нафтата е глобална и заменлива стока, нарушувањето каде било во светот влијае врз цените насекаде“, напиша Клејтон Сајгл од Центарот за стратегиски и меѓународни студии. „Губењето на иранските барели би ја натерало Кина да се натпреварува за алтернативни испораки“, додаде тој.
Се очекува поскапување на горивата
Иран е шестиот најголем производител на нафта во светот и секој воен судир со таа земја, според експертите, значи нагло зголемување на цените на нафтата, што потоа ги крева цените на бензинот и инфлацијата.
Том Клоза, долгогодишен нафтен аналитичар, изјави дека големопродажните цени на бензинот би можеле веднаш да пораснат за 25 центи поради војната со Иран, што на бензинските пумпи би се почувствувало како поскапување од 5 до 10 центи дневно во одреден период. „Очигледно постои елемент на паника. Се плашат од масовни поскапувања“, рече Клоза. „Прашањето е само каде ќе застанеме.“
Просечната цена на горивото во САД моментално изнесува 2,98 долари, што е благ раст од најниските нивоа од 2021 година. Во декември за првпат по четири години падна под 3 долари. Администрацијата на Трамп повеќепати го истакнуваше падот на цените на горивата, а конфликтот со Иран се заканува да го поништи тој тренд. Кога Израел го нападна Иран минатиот јуни, Брент нафтата забележа најголем еднодневен раст од март 2022 година. Цената дополнително порасна кога САД се вклучија во конфликтот, а нагло падна по објавата на примирје.






