среда, 18 март 2026

Ен-би-си: САД би можеле да ја надгледуваат тампон-зоната во Украина

Во случај на мировен договор меѓу Украина и Русија, Америка би ја следела употребата на беспилотни летала, сателити и други разузнавачки средства.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во случај на мировен договор меѓу Русија и Украина, САД би можеле да ја преземат водечката улога во следењето на широката демилитаризирана зона во Украина, објави Ен-би-си њуз, повикувајќи се на извори запознаени со планот.

Таа зона би претставувала голема лента на поделба во самата Украина, чии граници сè уште не се дефинирани, и би ги раздвојувала руските и украинските сили.

Со оглед на своите технолошки можности, САД би го воделе нејзиното следење користејќи беспилотни летала, сателити и други разузнавачки средства, во координација со други земји. Според изворите, тампон-зоната би можеле да ја обезбедуваат војници од една или повеќе земји што не се членки на НАТО, како што се Саудиска Арабија или Бангладеш. Сепак, изворите истакнуваат дека САД нема да распоредат свои војници во Украина.

Бидејќи НАТО е особено чувствително прашање за Москва, официјалните лица се обидуваат целосно да избегнат вклучување на силите на НАТО или какви било елементи што би биле поврзани со тој сојуз, велат изворите.

Планот предвидува безбедносните гаранции за Украина да се потпираат на трупи надвор од НАТО и низа билатерални договори меѓу Украина и нејзините сојузници, со што се избегнува потпирање на Членот 5 од договорот за НАТО – принципот на колективна одбрана, кој Русија го смета за неприфатлив.

Планот наводно сè уште е прелиминарен и нема да биде финализиран сè додека не се согласат рускиот претседател Владимир Путин, украинскиот претседател Володимир Зеленски и лидерите на земјите што би учествувале во обезбедувањето гаранции, вклучувајќи го и американскиот претседател Доналд Трамп.

Меѓу предизвиците во развојот на планот е дефинирањето на видовите руски упади што би предизвикале одговор од Украина или набљудувачките сили, како и видовите одговори што се дозволени, рече еден извор.

Планот, исто така, предвидува спречување на можна руска економска блокада на Украина и ќе ја задолжи Турција да го надгледува слободниот проток на стоки и услуги во Црно Море, преку следење и спроведување на правилата во Босфор и Дарданелите. Изворите што разговарале со Ен-би-си не кажале дали Трамп поддржал или отфрлил некоја од понудените опции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ