Дипломатскиот советник на претседателот на Емиратите во разговор во Абу Даби даде една од најјасните досега проценки за тоа како неговата земја се справува со растечките регионални тензии, предупредувајќи на долгорочните геополитички последици, но и нагласувајќи ја отпорноста и стратегиската позиција на Емиратите.
Покрај непосредните безбедносни грижи, Гаргаш нагласи дека секое решение на тековниот конфликт мора да ги реши основните структурни ризици, а не да понуди само привремено затишје на непријателствата. „Од наша гледна точка, не сакаме понатамошна ескалација, но не сакаме ни примирје што не ги решава клучните прашања, што би создало значително поопасна средина во регионот“, изјави Гаргаш за Еуроњуз.
„Исто така сакаме крај на овој конфликт, но тој крај не смее да создаде трајна нестабилност во регионот“, додаде тој. Неговите најостри зборови беа упатени кон иранското раководство, при што направи разлика меѓу државата и нејзиниот владејачки систем. „Не сакаме непријателство со Иран, но во овој режим немаме доверба“, изјави тој.
„Режимот се бори за опстанок на режимот, а не за државата. Ниеден нормален режим не би прифатил вакво ниво на разурнување… само за да докаже дека дава отпор“, рече дипломатскиот советник на претседателот на Емиратите.
Изнесувајќи конкретен став на Емиратите, Гаргаш рече дека секое идно решение мора да ги вклучи иранските соседи, кои во изминатиот месец беа цел на тежок напад од режимот во Техеран, при што Емиратите претрпеа најголем број ирански ракетни и беспилотни напади.
Во значајно признание, Гаргаш во списокот на предизвици што секоја идна одлука мора да ги реши ги вклучи и „нуклеарната програма, проектилите и беспилотните летала, кои и понатаму паѓаат врз нас и врз други земји“.
„Ако Иран сака договор за ненапаѓање, тој мора да се однесува на сè. Не станува збор само за американско-израелските акции против Иран, туку мора да се опфати и иранското непријателство кон соседите. А кога Иранците спомнуваат отштета, тоа се однесува и на оваа страна“, додаде Гаргаш.
Тој предупреди дека стратегиските последици веројатно ќе ги преобликуваат постојните сојузништва, со јакнење на израелското влијание во Заливот. „Верувам дека иранската стратегија всушност ќе ја зацврсти, а нема да ја намали американската улога во Заливот. Исто така ќе сведочиме на јакнење, а не слабеење на израелското влијание во регионот“, изјави Гаргаш за Еуроњуз.
Во јасна порака до иранскиот режим, по повод барањата на Техеран заливските земји да ја елиминираат американската присутност, Гаргаш нагласи: „Главен безбедносен партнер на Емиратите се Соединетите Американски Држави и нашите односи со нив дополнително ќе ги зајакнеме.“
„Американската поддршка и помошта за нашите противвоздушни одбранбени способности беа извонредни“, истакна тој. Покрај поддршката од САД, функционерот на Емиратите ја пофали и меѓународната поддршка што земјата ја добива. „Многу, многу сме им благодарни на многубројните земји што ни помагаат и стојат со нас“, рече, посебно истакнувајќи ја Франција како постојан партнер.
Глобалната криза поради блокадата на Ормускиот теснец останува непосреден приоритет, а Гаргаш го изнесе одговорот на Емиратите на растечките шпекулации за можностите за интервенција на заливските земји заради деблокирање на најкритичната светска точка за проток на енергенси. Иако Емиратите не се позиционираат како едностран безбедносен актер, сигнализираат подготвеност за дејствување во рамките на поширока коалиција.
„Не сме подготвени да дејствуваме како поморска сила, но ќе се приклучиме во секој напор под водство на САД или на меѓународна иницијатива за обезбедување пловидба во Ормускиот теснец. Подготвени сме да ја одиграме својата улога“, рече функционерот на Емиратите. Тој додаде дека поморската безбедност мора да биде составен дел од секое пошироко дипломатско решение. „Тоа прашање мора да биде составен дел од решавањето на секој конфликт, со јасен договор за тоа“, рече.
„За нас, Ормускиот теснец не смее да биде заложник на една држава“, изјави Гаргаш, нагласувајќи дека станува збор за прашање што ја надминува регионалната политика. „Ова е исклучително важно за глобалната економија и глобалната трговија и е прашање од исклучителна важност за сите.“
Дипломатскиот советник на претседателот на Емиратите истакна дека земјата е отпорна среде кризата и ја опиша сегашната ситуација како долгоочекувана, но ретко сметана за навистина остварлива. „Да ме прашавте во последните 20 години кој е најлошото, иако малку веројатно сценарио со кое Емиратите може да се соочат, ќе кажев — сеопфатен ирански напад. А токму тоа сега го гледаме“, рече Гаргаш.
„Тоа беше најлошото можно сценарио. А сега кога се остварува… откриваме дека многу добро се справуваме, дека сме многу отпорни и многу снаодливи“, изјави тој, додека Емиратите се обидуваат да му сигнализираат на светот дека можат да ја издржат тековната криза.
„Темелите за закрепнување на Емиратите се многу цврсти. Ќе се вратиме, и тоа многу силно, но ќе мора и да ги засукаме ракавите“, заклучи Гаргаш.






