Пристапувањето на Украина во Европската Унија по принципот на „обратно проширување“ (прво земјата се прима од геополитички причини, а потоа ги довршува реформите, н.з.) ризикува, решавајќи еден проблем, да создаде друг и да ги турне другите кандидати за членство — Западен Балкан и Молдавија — во втор план, што би било стратегиски и морален неуспех, оценува Еманулидис.
Според некои неодамнешни извештаи, лидерите на Европската Унија разгледуваат начини Украина да влезе во Унијата до крајот на 2027 година, пред формално да ги исполни сите технички услови за членство.
Предлогот за пристапување по принципот на „обратно проширување“ произлегува од уверувањето дека членството на Украина повеќе не може да се третира како далечна аспирација, туку како прашање на геополитичка итност, што, според Еманулидис, е оправдано.
По четири години руска агресија, патот на Украина кон Европската Унија е неразделно поврзан со безбедноста и кредибилитетот на Европа.
„Побрзиот пристап на Украина, и на другите јасно посветени кандидати, не е само исправен чекор. Тоа е стратегискиот одговор што го бара неизвесниот и опасен свет со кој се соочуваат Европејците“, наведе Еманулидис.
Но итноста не смее да оди на сметка на принципите, предупредува тој, додавајќи дека ако „обратното проширување“ стане организациска логика на идните проширувања, постои ризик, решавајќи еден проблем, „тивко да се создаде друг“.
„Предизвикот не е дали да се прошири побрзо, туку како тоа да се направи без да се поткопа значењето на членството во Европската Унија и самиот процес на европска интеграција“, смета Еманулидис.
Според него, забрзаното пристапување на Украина треба да се води од три основни принципи.
Првиот е дека забрзаното приклучување не смее да доведе до членство од втор ред. Членството во Европската Унија отсекогаш значело еднаквост — еднакви права, еднакви обврски и еднаков глас во креирањето на заедничките одлуки.
„Секој модел во кој новите членки формално се примаат, но им се ограничува влијанието, застапеноста или учеството, ризикува членството да го претвори во повеќеслојна конструкција. Привремената диференцијација ќе биде неизбежна во преодниот период, но мора да биде јасно дефинирана, строго временски ограничена и геополитички кредибилна“, пишува Еманулидис.
Вториот принцип е дека забрзаното пристапување на Украина не смее да се претвори во ограничено, козметичко проширување.
„Постои реална опасност тековната расправа да резултира со посебно решение прилагодено само за Украина, додека другите кандидати тивко ќе бидат оттурнати настрана. Тоа би претставувало стратегиски и морален неуспех. Проширувањето беше најуспешно кога беше отворено, предвидливо и засновано на заеднички правила, а не кога стануваше селективно или опортунистичко“, оцени тој.
Еманулидис истакнува дека земјите од Западен Балкан, како и Молдавија, вложиле години, често и децении, во усогласување со нормите на Европската Унија и дека многу од нив тоа го правеле во тешки внатрешни и геополитички услови, „токму затоа што верувале дека ветувањето за членство е реално“.
„Ако сега заклучат дека пристапувањето помалку зависи од реформите и посветеноста отколку од геополитичката итност, довербата во европскиот проект дополнително ќе еродира“, предупредува Еманулидис.
Затоа, додава тој, ако дојде до „обратно проширување“, тоа мора да остане отворено и Европската Унија треба да им овозможи и на другите кандидати што се подготвени да напредуваат, наместо по Украина да ја затвори вратата.
„Проширувањето што опфаќа само една земја ризикува да ја ослаби самата стабилизирачка сила што Европската Унија тврди дека ја нуди“, рече Еманулидис.
Како трет принцип тој ја наведува внатрешната реформа на Европската Унија, која треба да се одвива паралелно со забрзаниот процес на проширување, бидејќи една Унија со повеќе од 30 членки не може да функционира со систем дизајниран за многу помал клуб.
Тие два процеси се неразделни и проширувањето не треба да се одложува додека Унијата не стане „подготвена“.
„Реформата може да биде постепена, прагматична и политички втемелена во самиот процес на проширување. Пристапувањето на Украина може и треба да послужи како катализатор за почеток на приспособување на оперативниот систем на Унијата кон реалностите на ЕУ30+“, наведува Еманулидис.
Тој оценува дека патот на Украина кон Европската Унија претставува тест не само за нејзината способност да се усогласи со европскиот просветлен сопствен интерес, туку и за довербата на самата Унија во сопствените цели, вредности и принципи.
„Ако се забрза проширувањето, а членството или самата Унија притоа се разводнат, Европа ќе излезе послаба, а не посилна. Но ако Европската Унија се шири со отвореност, еднаквост и подготвеност за реформи, проевропските либерално-демократски сили можат овој момент на криза да го претворат во момент на обнова“, заклучи Еманулидис.






