четврток, 11 декември 2025

Елитни специјалци на танкерот со венецуелска нафта, драматична ескалација на Карибите

Американски хеликоптер ниско надлетува над магливото сино море и се приближува кон големиот брод. Додека лебди, војници во маскирни униформи со пушки во рацете се спуштаат на палубата со јажиња. Видеото, објавено од американската влада, ја покажува најновата ескалација во кампањата за притисок на Вашингтон врз владата на Николас Мадуро – запленувањето на танкер полн со сирова нафта.

Фото: Принтскрин/Јутјуб

Објавено на

часот

Сподели

Соединетите Американски Држави тврдат дека танкерот бил користен за транспорт на санкционирана нафта од Венецуела и Иран како дел од „нелегална мрежа која поддржува странски терористички организации“. Од другата страна, венецуелскиот министер за надворешни работи Иван Гил го нарече запленувањето „меѓународно пиратство“, тврдејќи дека американскиот претседател Доналд Трамп ги сака енергетските ресурси на Венецуела, пишува Би-Би-Си.

Драматична акција на елитна единица

„Тукушто запленивме танкер покрај брегот на Венецуела – голем танкер, многу голем, всушност најголемиот досега запленет“, изјави Трамп за новинарите во Белата куќа во средата. Видеото од операцијата беше споделено на социјалните медиуми од страна на државната обвинителка Пам Бонди, која потврди дека налогот за запленување е извршен од страна на крајбрежната стража на САД, ФБИ, Истрагите за внатрешна безбедност и Министерството за одбрана.

Точната локација на танкерот во времето на акцијата е непозната, но висок воен функционер изјави за Си-би-ес њуз дека бродот тукушто испловил од пристаниште во Венецуела. Видеото од 45 секунди го прикажува американскиот тим како со вперени пиштоли оди по палубата, додека екипажот на бродот не се гледа.

Извор запознаен со операцијата открил за Си-би-ес дека во запленувањето учествувале два хеликоптери, 10 маринци, 10 припадници на крајбрежната стража и силите за специјални операции. Качувањето го извршила елитната единица на крајбрежната стража, Тимот за поморска безбедност и одговор (МСРТ), обучена за борба против тероризам и операции со висок ризик како оној што се гледа на видеото. Единицата е формирана по нападите од 11 септември.

Танкер од санкционираната флота

Компанијата за поморски ризици Вангард тек го идентификувала бродот како танкерот Скипер и изјавила дека верува дека бродот долго време ја „фалсификувал“ својата позиција, т.е. емитувал неточна локација.

Во текот на 20-те години колку што е стар бродот, пловел под имињата Тоџо и Адиса. Скипер е долг 333 метри и широк 60 метри и е класифициран како многу голем танкер за сурова нафта (ВЛЦЦ). Вангард тек наведе дека бродот „е дел од „санкционираната флота“ и е санкциониран од САД за транспорт на извоз на венецуелска нафта“. „Санкционирана флота“ е името дадено на бродовите кои се користат за шверц на санкционирана стока.

Се верува дека танкерот го напуштил пристаништето Хозе помеѓу 4 и 5 декември со околу 1,8 милиони барели сурова нафта, од кои околу 200.000 барели биле префрлени на друг брод пред да бидат запленети, објави Ројтерс. Министерството за финансии на САД го санкционирало Скипер уште во 2022 година за наводна вмешаност во шверц на нафта кој ги финансирал либанскиот Хезболах и Иранската револуционерна гарда. Би-би-си верифај го лоцирал танкерот на веб-страницата Маринтрафик, каде што се вели дека пловел под знамето на Гвајана, но Поморската администрација на Гвајана ги негира овие обвинувања, тврдејќи дека Скипер не е регистриран во нивната земја.

Запленета нафта

На прашањето што ќе прават САД со запленетата нафта, Трамп кратко одговори: „Ќе ја задржиме, претпоставувам… претпоставувам дека ќе ја задржиме нафтата“. Со оглед на тоа што глобалните цени на суровата нафта се движат околу 61 долар за барел, товарот на Скипер ако навистина е 1,6 милиони барели, би можел да вреди повеќе од 95 милиони долари.

Главната обвинителка Бонди забележа: „Со години, овој танкер за нафта е санкциониран од САД поради неговата вмешаност во нелегална мрежа за транспорт на нафта која поддржува странски терористички организации“.

Мадуро ги обвини САД дека го користат военото присуство на Карибите и „војната против дрогата“ за да го соборат и да дојдат до нафтата, што САД го негираат. Венецуела има најголеми познати резерви на сирова нафта во светот, но нејзината екстракција е комплицирана поради застарената инфраструктура и строгите санкции на САД.

Силен притисок од САД

Заплената е дел од поширока кампања на администрацијата на Трамп. Како дел од борбата против дрогата, Трамп прогласи две венецуелски криминални групи, Трен де Арагва и Картел де лос Солес, за странски терористички организации. Тој исто така, без докази, го обвини Мадуро за „празнење на затворите и менталните болници“ и принудување на нивните жители да мигрираат во САД.

Како дел од кампањата за притисок, САД распоредија 15.000 војници и голем број носачи на авиони и разурнувачи на Карибите. Меѓу нив е и најголемиот воен брод во светот, УСС Џералд Р. Форд, од кој започнала акцијата за заплена на танкерот.

Од почетокот на септември американските сили извршија повеќе од 20 напади во меѓународни води врз бродови за кои се сомнева дека превезуваат дрога, при што загинаа повеќе од 80 лица.

Администрацијата на Трамп тврди дека е вклучена во вооружен конфликт со трговците со дрога, но правните експерти предупредуваат дека ваквите напади се нелегални бидејќи етикетата „наркотерорист“ не ги прави луѓето легитимни воени цели.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ