Бизнис лидерите, вклучувајќи ги извршните директори од секторите за финансиски услуги, криптовалути и консалтинг, се поканети на прием по обраќањето на Трамп на годишниот состанок на Светскиот економски форум (СЕФ), изјавија извори за Ројтерс денес. Дневниот ред сè уште не е познат.
Еден од извршните директори има закажан „прием во чест на претседателот Доналд Џ. Трамп“ во својот календар, додека кажал рече дека верува оти се поканети извршни директори од целиот свет, а не само оние од Соединетите Американски Држави. Еден од изворите кажал дека повиците стигнале од Белата куќа.
Се очекува Трамп да пристигне во швајцарското планинско одморалиште во среда, каде што е предвидено да одржи говор. Трамп е придружуван и од неколку високи американски функционери, вклучувајќи го и министерот за финансии Скот Бесент. Се очекува Бесент денес да одржи прес-конференција, според страницата Давос УСА хаус посветена на присуството на САД на форумот.
Светскиот економски форум е во сенка на драматичните политички потези на американскиот претседател, вклучително и неговото барање САД да го преземат Гренланд, кое го изнесува во последните денови.
Организаторите на Светскиот економски форум изјавија дека оваа година ќе присуствуваат над 3.000 делегати од повеќе од 130 земји, вклучувајќи 64 лидери на земји, особено земји во развој. На листата се вклучени и неколку шефови на држави од Г7, со фокус на промените во политиката на САД под водство на Трамп.
Специјалниот претставник на рускиот претседател Владимир Путин, Кирил Дмитриев, исто така, ќе отпатува во Давос и ќе одржи состаноци со членовите на американската делегација, изјавиле за Ројтерс два извори запознаени со посетата под услов на анонимност.
Во меѓувреме, советниците за национална безбедност од голем број земји треба да се состанат на маргините на настанот во понеделник, а Гренланд е високо на агендата, соопштиле дипломатски извори.
Европски дипломат, кој зборувал под услов на анонимност, кажал дека Гренланд е додаден на агендата на претходно закажаниот состанок откако Трамп во саботата се закани дека ќе воведе дополнителни тарифи за осум европски земји.
Европските акции паднаа денес откако САД се заканија дека ќе воведат дополнителни тарифи сè додека земјата не добие дозвола да го преземе Гренланд.
Џени Џонсон, директорка на американската компанија за управување со средства Франклин Темплтон, изјави дека потезите на Трамп се преговарачка тактика која може да изгледа непријатна, но е во интерес на САД. „Сите го знаеме неговиот стил. Неговиот стил е: „Ќе излезам со чекан, а потоа ќе преговарам со вас“, кажа Џонсон за Ројтерс.
„Но, неговиот инстинкт да се обиде да најде долгорочни позиции за САД е вистинскиот инстинкт“, додаде таа.





