четврток, 29 јануари 2026

Експлозии и пукање кај главниот аеродром во Нигер (ВИДЕО)

Силни експлозии и пукање од тешко оружје се слушале ноќеска и утрово во близина на главниот аеродром во Ниамеј, главниот град на Нигер, јавиле граѓани.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Видеоснимките прикажуваат силни експлозии и осветлено небо, кои започнале околу полноќ и траеле околу два часа во областа на Меѓународниот аеродром „Диори Хамани“, кој воедно е и клучен центар за војската на Нигер.

Асошиејтед прес јавува дека не можел независно да ги потврди видеоснимките, на кои наводно се гледаат и воени камиони, како и пожари.

Засега не е познато што довело до експлозиите и пукањето, ниту дали има загинати или причинета материјална штета.

Утрово ситуацијата, според сè, се смирила, пренесува Асошиејтед прес.

Меѓународниот аеродром во Ниамеј има и воена база, а таму се чува и пратка ураниум од рудниците во Нигер, наменета за извоз.

Агенцијата Анадолу пренесе изјава од претставник на Министерството за надворешни работи дека ситуацијата сега е под контрола.

„Ситуацијата е под контрола. Нема причина за загриженост“, соопшти агенцијата. Претставникот изјавил дека се обидуваат да утврдат дали пукањето е поврзано со пратката ураниум.

Нигер го води Абдурахман Тијани, кој ја презеде власта во 2023 година со државен удар, кога беше соборен избраниот цивилен претседател.

Како и неговите западноафрикански соседи Буркина Фасо и Мали, земјата се соочува со џихадистички групи што спроведуваат смртоносни напади низ регионот.

Земјата е и еден од водечките производители на ураниум.

Голема пратка ураниум наменета за извоз се наоѓа на аеродромот, поради нерешени правни и дипломатски компликации со Франција, откако воената влада ги национализираше рудниците за ураниум во земјата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ