понеделник, 8 декември 2025

Експертите бараат начини да ја одбранат медицината

Британскиот министер за здравство Вес Стритинг бил во службен автомобил, враќајќи се во центарот на Лондон од церемонијата на кревање на знамето по повод признавањето на Палестина од страна на Велика Британија, кога ја видел веста. „Беше запрепастен“, кажал еден негов соработник. Стритинг прочитал на телефон дека Доналд Трамп тукушто ги предупредил жените да не земаат „тајленол“ – познат надвор од Соединетите Американски Држави како парацетамол – за време на бременоста.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Американскиот претседател тврди, без никакви докази, дека ова вообичаено средство против болки предизвикува аутизам кај децата. „Не земајте тајленол“, кажа Трамп за лекот, познат и како ацетаминофен.

Британската влада претходно ја критикуваа дека премногу претпазливо му приоѓа на  Трамп за разни прашања. Сепак, се чини дека ова не е таков случај. Стритинг одлучи да направи план за да ги ограничи ефектите во Велика Британија и да ги увери идните мајки дека земањето парацетамол е безбедно. Тој одлучи јавно и решително да го оспори она што го кажа Трамп.

Тој веќе имал закажано гостување во утринска емисија следниот ден и знаел дека ќе биде прашан за Трамп. „Знаеше дека мора да биде недвосмислен“, кажа соработникот. „Без оглед на дипломатските проблеми со кои се соочуваме, нашата одговорност е пред сè здравјето на луѓето.“

„Слушајте ги лекарите, научниците“

Кога беше поставено прашањето, Стритинг беше брутален. „Искрено, им верувам на лекарите повеќе отколку на претседателот Трамп по ова прашање“, кажа тој. „Морам да бидам апсолутно јасен: не постои никаков доказ кој ја поврзуваат употребата на парацетамол кај бремени жени со аутизмот на нивните деца. Никаков.

„Затоа, само би им порачал на гледачите: не обрнувајте внимание на тоа што Доналд Трамп го кажува за медицината.“ Всушност, не го слушајте ни мојот збор како политичар – слушајте ги британските лекари, британските научници, Националната здравствена служба.“

Неговата изјава, која веднаш стигна на насловните страници, беше надополнета со стратегијата „да се преплават медиумите“ која тој и неговото министерство за здравство и социјална заштита (ФХСЦ) почнаа да ја спроведуваат еден ден претходно.

Истакнати личности од институции како што се Агенцијата за регулирање на лекови и медицински производи, која го надгледува користењето на лековите, Националната здравствена служба на Англија, Кралскиот колеџ на општи лекари, Кралското фармацевтско друштво и Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија, сите испратија исти пораки како Стритинг во медиумските интервјуа.

Националното здружение за аутизам го критикуваше „континуираното ширење на дезинформации за аутизмот од страна на претседателот Трамп и (секретарот за здравство на САД) Роберт Ф. Кенеди Помладиот“, велејќи дека тоа ќе ги поткопа децениите истражувања и ќе ги направи аутистичните лица „загрижени и исплашени“.

Нивните одговори беа усогласени со ставовите изразени од Светската здравствена организација (СЗО) и водечките медицински тела во САД.

Дополнително, претставниците на ДХСЦ на лекарите и инфлуенсерите со голем број следачи на социјалните мрежи им дадоа информативни листови и брифинзи за парацетамолот и бременоста за да се обезбедат точни информации засновани на докази да стигнат до публиката на платформите како Икс, Тикток и Инстаграм.

Во последните месеци биле забележани неколку медиумски многу истакнати невистини за медицината, а таквите дезинформации предизвикуваат зголемена загриженост во глобалната здравствена заедница.

Во јуни онколозите изразија разочарување поради тоа што некои пациенти ги отфрлаат докажаните терапии за рак и наместо тоа се одлучуваат за нетестирани надрилекарски методи како што се клизма со кафе и диети засновани на сирови сокови.

Неколку дена подоцна, Би-би-си објави дека Палома Шемирани, ќерка на медицинската сестра која станала антиваксерка Кејт Шемирани, починала откако одбила хемотерапија за не-Хочкинов лимфом. 23-годишната девојка наместо тоа одлучила да ја користи Герсонова терапија, недокажан третман за рак.

Овој месец на главната сцена на конференцијата на партијата Реформа на ВБ (Велика Британија), кардиолог тврдеше дека дијагнозите за рак на кралот Чарлс и принцезата од Велс се поврзани со тоа што примиле вакцина против ковид.

Меѓутоа, експертите кои ги проучуваат здравствените дезинформации ги оценуваат изјавите на Трамп како загрижувачко ново долно ниво.

Хелен Бедфорд, професорка на детско здравје на Универзитетскиот колеџ во Лондон (УЦЛ), вели: „Бев ужасната бидејќи тоа не е засновано на докази, а тој е најмоќниот човек во светот. Тоа беше ужасна објава, болна и опасна.“

Докторката Сузана Кола Полмер, психолог на Универзитетот во Хадерсфилд, вели: „Луѓето се склони на пристрасност кон авторитети – тие веруваат и го прифаќаат она што некој на позиција на авторитет го кажува само затоа што е авторитет, а не затоа што е во право. Трамп, како претседател на САД, е силна јавна личност и затоа многу луѓе ќе го прифатат она што тој го кажува без прашување“.

„Кога здравствените дезинформации толку јавно се шират од страна на личност со толкава моќ, тоа е длабоко вознемирувачко и опасно бидејќи се заканува да ја поткопа јавната доверба во науката и да го загрози јавното здравје .“

Здравствените експерти стравуваат дека поврзувањето на парацетамолот со аутизмот од страна на Трамп би можело да ги одврати бремените жени – кои веќе имаат многу ограничен избор на лекови доколку се разболат – од  негово користење, што пак би можело да доведе до болести како што се болка или треска кои не се лекуваат и им штетат на нив или на нероденото дете.

Фармацевтите во Британија известуваат дека изјавите на Трамп можеби веќе влијаат врз одлуките кои луѓето ги носат за своето здравје. Во анкета спроведена во 500 аптеки, 24 отсто навеле дека оваа недела имале пациенти кои ја довеле во прашање безбедноста на парацетамолот.

„Ова се алармантни наоди кои покажуваат дека коментарите дадени во САД имаат директно влијание врз пациентите во Велика Британија и потенцијално одвраќаат некои луѓе од земање докажани и безбедни медицински третмани“, вели Оливие Пикард, претседател на Националното здружение на фармацевти.

„Наративи од маргините“

Во текст од јули за медицинското списание Лансет, Хајди Ларсон, професорка по антропологија на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, ги идентификуваше САД како извор на голем дел од „пандемијата на дезинформации“ и наративи од маргините“ кои предизвикале контроверзии за време на пандемијата на ковид, а кои сега се чини дека имаат уште поголемо влијание.

На пример, од 2019 до 2021 година, САД дејствувале како „главен извозник на дезинформации за вакцината против ковид-19, при што американските профили биле непропорционално претставени како централни точки во глобалните мрежи на дезинформации“, забележува таа. Ова влијаело на однесувањето во земји како Нигерија, Гана и Бугарија, придонесувајќи за намалени стапки на вакцинација против ковид и детски болести.

Како резултат на тоа, организации како СЗО и Алијансата за вакцини Гави во нивната секојдневна работа за промовирање на вакцинацијата „сè повеќе се среќаваат со колебање за вакцинација врз основа на извезени дезинформации, од кои голем дел може директно да се поврзат со американскиот политички дискурс и медиумите“, истакнува Ларсон.

Сложените и организирани кампањи за поткопување на вакцинацијата се во пораст, и покрај проценката на СЗО дека вакцините спасиле 154 милиони животи од 1974 година – од нив 101 милион деца – во ера на брз напредок на медицинската наука, кога новите вакцини нудат надеж за болести кои до неодамна дури и не постоеја.

Па како може да се спротивставиме на растечката закана што дезинформациите ја претставуваат за здравјето низ целиот свет?

Не постои очигледен начин да се спречат авторитарните Трамп и Кенеди да промовираат диви теории за здравјето, и тоа без никакви докази. Сепак, експертите велат дека се потребни нови пристапи, особено во соработка со големите технолошки компании чии платформи на социјалните медиуми шират голем дел од заплашувањето. Постои консензус дека самото пренесување на точни информации преку летоци и веб-страници не е доволно.

„Иако пораките кои ги испраќаат Вес Стритинг и професионалните организации се многу корисни, доказите покажуваат дека она што е најважно за јавноста е она што го слушаат во лични разговори со здравствените работници“, вели Бедфорд, наведувајќи голем број прашања кои родителите може да ги имаат пред нивното дете да почне со планот за вакцинација. „Повеќето луѓе им веруваат на здравствените професионалци и сакаат да разговараат со нив кога имаат загриженост и прашања. Тоа може да биде многу моќно и многу влијателно.“

Меѓутоа, таа напоменува дека во Велика Британија има недостиг од многу профили на здравствени професионалци – бројот на медицински сестри во заедницата нагло се намалил од 2015 година – па затоа не е јасно како би можеле да се случат такви информативни и потенцијално смирувачки разговори. Потребна е промена во начинот на размислување и поголема здравствена работна сила, вели таа, за да се овозможи премин кон проактивни консултации пред третманот.

Минатата година СЗО склучи партнерство со Тикток што подразбира проверка на фактите и поголемо вклучување на социјалната мрежа во отстранувањето на содржините кои можат да го загрозат здравјето.

Мрежата Фидес, која ја предводи СЗО, ги обединува повеќе од 1.000 здравствени професионалци активни на социјалните медиуми „за да се засили веродостојната содржина и да се спротивстави на штетните дезинформации“, цели доктор Алекс Руани.

„Во основа, тоа е мрежа на „веродостојни гласови“. На пример, доктор Михаил „Мајк“ Варшавски, еден од тие гласови, има повеќе од 29 милиони следбеници на социјалните медиуми.

Руани истакна дека социјалните мрежи мора да направат многу повеќе. „Големите технолошки компании веќе знаат како да ја намалат видливоста, да ја деградираат, ослабат или да фи стават во карантин содржините. Овие процеси можат и треба да се применат на содржина со висок ризик (за здравјето)“, кажа таа.

„Потребни ни се подобри ознаки за ризик и предупредувања во моментот на изложеност, слично како што добивате попап прозорчоња за колачиња или како што работат филтрите за спам преку електронската пошта. Ваквите „нежни поттурнувања“ може да се вградат во пребарувачите или апликациите за да им дадат сигнал на луѓето за сомнителна содржина пред да ја прочитаат или споделат“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ