Тој проблем не е рамномерно распределен. Убедливо најлошиот престапник во Европската Унија е Унгарија, каде што владата ги потисна или ги стави под своја контрола повеќето независни медиуми. (Интересно е што нејзината про-МАГА владејачка партија не е цел на критиките на Венс.) Меѓу другите забележливи престапници се Германија и Британија. Забраната во Германија за негирање на холокаустот е разбирлива со оглед на историскиот контекст, но нејзиниот закон против навредување политичари е фарса. Моќниците го користат без двоумење. Еден поранешен вицеканцелар поднесе стотици кривични пријави против граѓани, меѓу кои и против еден што го нарече „идиот“. Минатиот месец уредникот на еден десничарски весник доби голема парична казна и седум месеци условна затворска казна поради споделување мем со фотомонтажа на која министерот за внатрешни работи држи натпис „Ја мразам слободата на мислењето“.
Сите европски земји го гарантираат правото на слобода на изразувањето. Сепак, повеќето истовремено се обидуваат да ја ограничат штетата за која се плашат дека може да настане. Ова далеку ги надминува оние форми на говор што дури и класичните либерали би ги сметале за неприфатливи – како детска порнографија, објавување државни тајни или намерно поттикнување физичко насилство. Често вклучува говор што повредува нечии чувства или кој, според мислењето на службено лице, е неточен.
Во некои земји, навредувањето на одредена група е кривично дело (на пример, навреда на кралот во Шпанија; или разни категории на луѓе во Германија). Во Британија кривично дело е да се биде „грубо навредлив“ на интернет. Во повеќе од десет европски земји сè уште постојат закони против богохулење. Целиот континент го криминализира „говорот на омраза“, кој е тешко прецизно да се дефинира, но постојано се шири за да опфати нови групи. Во Финска е нелегално да се навредува религијата, а пак цитирањето на Светото писмо може да биде ризично: пратеничка беше обвинета затоа што објави библиски стих за хомосексуалноста.
Нејасна логика
Полицијата во Британија е особено ревносна во пристапувањето кон овие прашања. Полицајците поминуваат илјадници часови прегледувајќи ги потенцијално навредливите објави и апсат во просек по 30 луѓе дневно. Меѓу уапсените има и маж што беснеел на Фејсбук за имиграцијата и брачен пар што го критикувал основното училиште на својата ќерка.
Целта на законот за говор на омраза е унапредување на социјалната хармонија. Сепак, има малку докази дека овие закони всушност функционираат. Потиснувањето на говорот со закани со кривични пријави често дополнително ја поттикнува поделбата. Популистите добиваат поени токму благодарение на тврдењето дека „луѓето не смеат да го кажат она што навистина го мислат“, став што сега го делат повеќе од 40% од граѓаните во Британија и Германија. Сомнежот дека естаблишментот потиснува одредени ставови е дополнително зајакнат со ситуации кога медиумските регулатори покажуваат политичка пристрасност. Франција, на пример, казни еден конзервативен телевизиски канал со 100.000 евра затоа што абортусот го нарече водечка причина за смрт во светот – широко распространето мислење меѓу противниците на абортусот и од кое, се чини, јавноста мора да биде заштитена. Законите за безбедност на интернет, кои наметнуваат високи казни на социјалните мрежи доколку толерираат нелегална содржина, ги поттикнаа платформите да ја отстрануваат и содржината што е само сомнителна, фрустрирајќи ги корисниците чии објави се цензурирани.
Целиот континент го криминализира „говорот на омраза“, кој е тешко прецизно да се дефинира, но постојано се шири и опфаќа нови групи.
Ситуацијата може уште повеќе да се влоши. Нејасно формулираните закони што им даваат широки дискрециони овластувања на државните службеници се отворен повик за злоупотреба. Земјите каде што таквите злоупотреби сè уште не се вообичаени треба да извлечат поука од британскиот пример. Потиснувањето на слободата на говорот таму не било планирано одозгора, туку се развило кога полицијата открила дека многу ѝ е пријатна моќта што ѝ ја даваат овие закони. Многу е полесно да се уапси корисник на инстаграм отколку крадец – доказите се на само еден клик со маусот.
Кога законот забранува навреди, тој истовремено создава поттик за луѓето да тврдат дека биле навредени – со цел да ја искористат полицијата за да ги замолчат критичарите или да се пресметаат со комшиите. Кога некои општествени класи се заштитени со закони за говор на омраза, а други не се, оние што не се заштитени се охрабруваат самите да бараат заштита. Така, обидите да се елиминираат навредливите зборови може да создадат „табу спирала“, каде што сè повеќе области се прогласуваат за забранета зона. Наскоро тоа почнува да ја задушува јавната дебата. Тешко е да се води отворен и искрен разговор, да речеме за имиграцијата, ако едната страна се плаши дека искажувањето на нејзиниот став може да ѝ ја донесе полицијата на врата.
Бидејќи оваа тема најгласно ја покренува популистичката десница, многу европски либерали станаа несигурни во одбраната на слободата на говорот. Тоа е погрешно. Не само затоа што законите што можат да ја замолчат едната страна можат исто толку лесно да се користат против другата – како што се гледа во драконските реакции на протестите поради Газа во Германија – туку и затоа што верувањето во слободата на говор значи да се брани дури и говорот што не го сакаме. Ако демократиите не успеат да го сторат тоа, тие го губат својот кредибилитет – во корист на автократиите како Кина и Русија, кои водат глобална битка за мека моќ.
Што треба да направат Европејците, практично кажано? Тие треба да им се вратат на старите либерални идеи дека бучното несогласување е подобро од наметнатата тишина и дека луѓето треба да ги толерираат меѓусебните мислења. Општествата имаат многу начини да промовираат учтивост што не вклучуваат лисици – од општествени норми до правила пропишани од одделите за човечки ресурси на компанијата. Кривичните санкции треба да бидат ретки, како што е случајот со Првиот амандман на Уставот на САД. Клеветата треба да се третира како граѓанско прашање, со дополнителни заштитни механизми за критикување на моќниците. Демнењето и поттикнувањето насилство секако треба да останат кривични дела, но „говорот на омраза“ е толку нејасен термин што треба да се отфрли.
Приватната сопственост на дигиталните платформи подразбира различни политики за модерирање на содржината. Некои ќе бидат построги, други полиберални; корисниците можат слободно да го изберат оној што најмногу им одговара. Законски гледано, онлајн-говорот треба да се третира исто како и говорот надвор од мрежата. Иако постојат очигледни разлики, како што е потенцијалот за ширење на интернет, полицијата генерално треба да се држи подалеку од приватните пораки. Појасните и помалку општи закони ќе им помогнат на сите платформи да се фокусираат на елиминирање на реалните закани и вознемирување.
Европејците имаат право да кажат што сакаат за господинот Венс. Но не би требало да го игнорираат неговото предупредување: кога државите ќе добијат преголема моќ над говорот, порано или подоцна ќе го искористат тоа.