недела, 7 декември 2025

Економист: Украина преживеа уште една криза со Трамп

Украина преживеа уште една криза со американскиот претседател Доналд Трамп, пишува британски Економист, по вчерашниот состанок на делегацијата на двете земји во Швајцарија.

Објавено на

часот

Сподели

„Можеше тоа да биде еден од најмрачните моменти за Украина. Нејзините фронтовски линии попуштаат; внатрешноста на земјата врие од корупцискиот скандал; а нејзиниот американски сојузник постави ултиматум да се согласи на мировен договор што е во корист на Русија. Сега, можеби, зората сепак се наѕира“, пишува во текстот.

Наместо напуштање на Украина, наведува Економист, советникот за национална безбедност и државен секретар на Соединетите Американски Држави Марко Рубио најави еден вид помирување. Тој се појави среде итните преговори со украинските и европските претставници во Женева за да најави неочекуван пробив во напорите на администрацијата на Доналд Трамп да стави крај на речиси четиригодишната војна во Украина. „Ова беше многу, многу значајна, веројатно најдобрата средба и ден што сме го имале во целиот овој процес“, кажа Рубио.

Андреј Јермак, главниот советник на претседателот Зеленски, се согласи дека „се движиме кон праведен и траен мир“.

Бидејќи беше објавено дека разговорите ќе продолжат во следните денови – Рубио кажа дека станува збор за „процес во изработка“ – секој договор постигнат во Женева ќе мора да биде одобрен од претседателите Володимир Зеленски и Доналд Трамп, можеби на состанок во Вашингтон. Но, рокот до американскиот празник Ден на благодарноста за договор, како и заканата Украина да го изгуби пристапот до американските разузнавачки информации и витално оружје, се тргнати настрана – барем засега.

„Сето ова претставува ненадејна промена во споредба со злокобниот состанок во Киев само три дена претходно, кога Ден Дрискол, секретарот на копнената војска на Пентагон, му предаде на Зеленски план од 28 точки кој беше толку едностран што личеше на руска листа на желби, измешана со економски придонес на Трамп. Шегаџиите го проверија со помош на вештачка интелигенција, која заклучила дека е преведен од руски“, пишува весникот.

Планот, додаваат тие, произлегол од разговор помеѓу Стив Виткоф, „лековерниот специјален претставник“ на Трамп за Русија, и Кирил Дмитриев, претставникот на рускиот претседател Владимир Путин. Во разговорите во Мајами учествуваа и Џаред Кушнер, зетот на Трамп, и Рустем Умеров, шефот на националната безбедност на Украина.

Верзијата што протече минатата недела бараше предавање на утврдената територија во Донбас, која Русија не успеа да ја освои; намалување на украинската армија на 600.000 војници (околу 25 проценти под сегашниот број); и уставна промена која трајно би го исклучила членството на Украина во НАТО.

Санкциите на Западот против Русија би биле укинати, а Москва би била вратена во клубот на најмоќните економии Г8. Замрзнатите руски средства, наменети за воени репарации, делумно би биле пренасочени кон нов фонд за заеднички американско-руски проекти. Европа би обезбедила 100 милијарди долари за обнова на Украина, додека Америка би побарала половина од профитот од проектите за обнова и би презела дел од украинската гасна инфраструктура.

„Американската безбедносна гаранција, јазично наводно заснована на Член 5 од НАТО, но без воена интеграција, изгледа слаба. Америка би „добила компензација“ за гаранцијата. Понатаму, планот забранува распоредување на западни трупи во Украина, што би ја онеспособило планираната европска „сила за уверување“, се додава во текстот.

Колку тие и други тешки одредби биле избришани за време на преговорите во Женева, сè уште не е познато, но штетата е веќе направена, според Економист. Пред сè, планот ќе ги комплицира европските напори за запленување на замрзнатите руски средства.

„Посериозно, планот (за кој се верува дека е протечен токму од Русија) ја разоткри конфузијата, соперништвото и некомпетентноста во самата администрација на Трамп. Виткоф, по којзнае кој пат, изгледа како наивен. Џеј Ди Венс, повторно, се појавува како сила што се обидува да ги наруши односите меѓу САД и Украина. Во февруари, тој предизвика телевизиска пресметка меѓу Трамп и Зеленски во Белата куќа. Сега тој промовира јасно проруски план. Венс го покани Зеленски да му ги презентира условите; а Дрискол, неговиот пријател од колеџ, ја пренесе пораката лично“, пишува весникот.

Но, како и тогаш, Рубио беше тој што се обиде да ги врати работите на вистинскиот пат со постигнување договор со Украинците. Сепак, Рубио изгледаше крајно неинформиран: во еден момент, тој ги повика загрижените сенатори од авион за да ги убеди дека планот е руски документ, за потоа за неколку часа да го повлече своето повлекување. На мрежата Икс објави дека планот, сепак, е „напишан од САД“.

Што се однесува до Трамп, тој повторно ја покажа својата суштинска пристрасност: симпатија кон Русија и рамнодушност кон Украина, смета Економист. Пред разговорите во Женева, тој потценувачки кажа дека Зеленски „може да продолжи да се бори со сета сила на своето мало срце“ ако нема договор, и се пожали на социјалните мрежи дека „украинското „раководство“ не покажа ни трошка благодарност за нашите напори“.

„Дури и ако Трамп прифати поповолен договор за Украина, многу е сигурно дека Русија ќе го блокира; и секој договор прифатлив за Русија речиси сигурно би било отфрлен од сè поскептичниот украински парламент. Сето ова наскоро може да доведе до нова криза. Но, за Зеленски, секој ден преживување ќе изгледа како победа“, заклучува Економист.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ