Она што Русија не може да го добие со борби, сака да ѝ биде послужено на тацна преку притисокот што американскиот претседател Доналд Трамп може да го изврши врз Украина и европските сојузници на Америка. На врвот на листата на желби на рускиот лидер Владимир Путин е западниот дел од Доњецката област, која сè уште е цврсто во украински раце. Но за него не е важна само симболиката, пишува британскиот весник. Вистинската цел е да се принуди Украина да се откаже од стратегиски клучниот „утврден појас“, линија од 50 километри што опфаќа четири града и неколку помали места, која е пречка не само за целта на Русија да го освои целиот Донбас, туку и за нејзината способност да биде закана за други региони.
Работите на утврдениот појас започна кога украинските сили одзедоа четири града од проруските посредници во 2014 година. Појасот се протега од Славјанск и Краматорск на север до Дружкивка и Костјантиновка на југ. Андриј Захародњук, поранешен министер за одбрана, кој сега раководи со Центарот за одбранбени стратегии, вели дека во текот на изминатата деценија се инвестирани огромни суми пари во воената инфраструктура и утврдувањата. Славјанск, кој Русите се обидоа и не успеаја да го освојат во 2022 година, и Краматорск се главните логистички центри за украинските сили.
Појасот, релативно урбанизирана област, густо исполнета со згради и индустриски објекти, кои и самите формираат бариера, е дополнително зајакнат со слоеви од жица, бетон, чакал и бетонски „змејови заби“. По падот на градот Бахмут и неуспешната украинска контраофанзива во 2023 година, беа вложени дополнителни напори за изградба и на пасивни утврдувања, со бункери и ровови што формираат мрежа долга неколку километри од првата до последната линија, и на активни, како што се мински полиња и тенковски препреки, пишува Економист.
Главниот руски воен напор во текот на изминатите 12 месеци беше борбата за освојување на Покровск, град на околу 65 километри југозападно од утврдениот појас. Сепак, и покрај некои неодамнешни територијални добивки, Институтот за проучување на војната (ИСВ) од Вашингтон верува дека обидот за опколување и освојување на утврдениот појас оттаму „веројатно ќе трае неколку години“. Нико Ланге, поранешен шеф на кабинетот во германското Министерство за одбрана, вели дека не само што ќе бидат потребни години за освојување на утврдениот појас, туку тоа би било и исклучително скапо за Русија во однос на човечки жртви и ресурси.
Економист истакнува дека губењето на утврдениот појас како резултат на некаков договор со Путин е незамисливо за повеќето Украинци. Пред сѐ, идејата дека Украина би можела едноставно да ја повлече својата фронтовска линија наназад и повторно да ја гради одбраната не е изводлива. Како што истакнува Ланге, градењето нови одбранбени позиции би било екстремно скапо и би одзело многу време, бидејќи топографијата на теренот на кој би требало да се градат е далеку понеповолна.
Најголемиот страв е дека инфраструктурата на утврдениот појас, кога би паднала во руски раце, во суштина би можела да биде свртена против Украина и да се искористи како отскочна штица за понатамошна агресија
Покрај тоа, според регионалната администрација, повеќе од 250.000 цивили сè уште живеат во делови од Доњецката област под украинска контрола, вклучувајќи околу 18.000 деца, кои би биле изложени на ризик од киднапирање кога би останале. Иако Славјанск и Краматорск се градови-бастиони, животот таму продолжува и има прилично развиена воена економија.
Но најголемиот страв, вели Захародњук, е дека инфраструктурата на утврдениот појас, доколку падне во руски раце, во суштина би можела да биде свртена против Украина и да се искористи како отскочна штица за понатамошна агресија. „Секое населено место во околните области, вклучително и Дњепропетровск, би било во голема опасност. Русите многу добро го знаат ова.“
ИСВ се согласува: „Отстапувањето на преостанатиот дел од Доњецката област би им обезбедило на руските сили поповолни позиции од кои би можеле да ја нападнат Дњепропетровската област.“ Ланге верува дека освојувањето на утврдениот појас „би отворило оперативен правец кон задниот дел на градот Харков и кон градот Дњепар на бреговите на Дњепар, а со тоа и кон централна Украина“.
За многу Украинци, откажувањето од утврдениот појас без борба би било еднакво на капитулација и предавство на жртвите на нивните вооружени сили, вели британскиот весник.
Малкумина веруваат дека Русија ќе се придржува до какви било обврски да не ја продолжува војната кога ќе ѝ одговара. Ниту, пак, е веројатно дека безбедносните гаранции што зависат од доследноста и сигурноста на Доналд Трамп ќе се сметаат за соодветен надомест, пишува весникот.
Сепак, Ланге оценува дека ваквите безбедносни гаранции би биле многу поубедливи ако се поврзат со сегашните одбранбени позиции на Украина, отколку ако утврдениот појас им биде предаден на окупаторите.






