петок, 6 февруари 2026

Еколошки организации ја тужат Европската комисија поради рудникот за литиум во Португалија

Еколошки организации поднесоа тужба против Европската комисија поради одлуката рудникот за литиум во Португалија да го вклучи на својата листа на стратегиски проекти, и покрај, како што наведуваат, деталните докази дека проектот претставува сериозен еколошки, општествен и безбедносен ризик.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Здружението на локални жители „Обединети во одбрана на Коваш до Барозо“ (УДЦБ) и групата КлиентЕрт соопштија дека во четвртокот поднеле тужба до Европскиот суд на правдата, откако Брисел одбил да ја преиспита својата одлука за проектот Барозо, кој го развива лондонската компанија Саванa рисорсис.

Тие предупредија дека пристапот на Комисијата „поставува опасен преседан за заштитата на животната средина, учеството на јавноста и владеењето на правото во Европската Унија“, се наведува во соопштението објавено на интернет-страницата на КлиентЕрт.

Според нивните тврдења, Комисијата не ја исполнила својата обврска да ја процени одржливоста на проектот кога го означила како стратегиски.

„Комисијата ги превидела очигледните недостатоци во процената на влијанието врз животната средина, вклучително и влијанието врз заштитените видови и безбедноста на планираното складиште за јаловина“, оценија невладините организации.

Тие тврдат дека одлуката на Комисијата е исто така во спротивност со законите на Европската Унија за заштита на животната средина и со обврската на Комисијата да ги обезбедува потребните суровини преку одржливи рударски практики.

Европската комисија во 2025 година, во рамките на Законот за критични суровини, одобри 47 стратегиски проекти во Европската Унија и 13 проекти во земји надвор од Унијата.

Добивањето статус на стратегиски проект значи побрзи постапки за одобрување и подобар пристап до финансиски средства, а целта е Европската Унија да ги зголеми домашните капацитети за рударење, преработка и рециклирање на стратегиски суровини клучни за енергетската транзиција и со тоа да ја намали зависноста од трети земји, пред сè од Кина.

Европската Унија произведува помалку од 0,1 процент од светскиот литиум, а се очекува до 2030 година побарувачката за овој метал да порасне на 58.000 тони годишно.

Во соопштението на организациите се наведува дека обезбедувањето пристап до критични суровини „не смее да биде на штета на заштитата на животната средина, учеството на јавноста или правата на заедниците“.

„Означувањето на проектот како стратегиски и од јавен интерес, а истовремено затворањето очи пред добро документираните ризици за водата, екосистемите, здравјето на луѓето и локалните извори на приходи, едноставно е неприфатливо. Енергетската транзиција мора да се темели на закон, наука и правда – а не на политички кратенки што руралните региони ги претвораат во зони на жртвување“, се наведува во соопштението.

Ресурсите на минералот сподумен, важен извор на литиум, во регионот Барозо на северот на Португалија се проценуваат на повеќе од 39 милиони тони, што го прави најголемото такво наоѓалиште во Европа.

Португалската влада минатиот месец му додели грант од 110 милиони евра на проектот, пренесува Ројтерс.

Локалните заедници во Коваш до Барозо и натаму се спротивставуваат на проектот, предупредувајќи дека тој го загрозува нивното земјиште, водните ресурси и традиционалниот начин на живот во регион познат по својата културна и еколошка вредност.

Невладините организации прво поднеле барање за внатрешна ревизија на проектот, но Европската комисија одговорила дека одговорноста за клучните прашања поврзани со недостигот од вода, губењето на биодиверзитетот и безбедноста на рударскиот отпад е кај националните власти.

„Комисијата смета дека нејзината улога, при одобрување на проектот како одржлив на ниво на Европската Унија, е ограничена на утврдување на очигледни грешки во пријавите на проектите. Комисијата изјави дека ќе го одбие стратегискиот статус само ‘ако е очигледно јасно дека проектот не би бил спроведен на одржлив начин’. Невладините организации тврдат дека овој пристап ги игнорира барањата наменети за заштита на природата и здравјето на луѓето, маргинализирајќи ги засегнатите заедници“, се наведува во соопштението.

Невладините организации бараат од Европскиот суд да ја поништи одлуката на Комисијата и да ги разјасни нејзините обврски според Законот за критични суровини, со цел да се обезбеди дека проектите што ги поддржува применуваат одржливи рударски практики.

Компанијата Саванa рисорсис, сопственик на рудникот, првпат поднела барање за еколошка дозвола во 2020 година и добила почетна позитивна оценка во 2023 година, а целта ѝ била првото производство да започне до средината на оваа година, меѓутоа процесот на добивање дозволи во Португалија сè уште е во тек, пренесува Фајненшел тајмс.

Португалското јавно обвинителство во 2023 година покрена истрага за можна злоупотреба на влијание во различни проекти, вклучително и концесијата за истражување литиум за Барозо, што доведе до оставка на тогашниот премиер на Португалија Антонио Кошта, кој сега е претседател на Европскиот совет. Кошта негираше какви било кривични дела.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ