Портпаролката на Европската комисија, Марта Кос, изјави дека односите со режимот на Владимир Путин „не можат да бидат како порано“ поради агресијата врз Украина.
„ЕУ испрати многу јасна порака до сите партнери, вклучително и земјите-кандидати како Србија: не може да има нормализација на односите со режимот на Путин додека продолжува неговата неоправдана агресија врз Украина. Москва не е место каде може да се покаже поддршка за мирот“, пишува во одговорот од прес-службата на Комисијата за Н1, како што пренесуваат медиумите.
Европската комисија наведува дека „силно жали“ што српското раководство учествувало на прославата на Денот на победата во Москва, бидејќи, како што велат, Русија го користи тој ден за пропаганда.
Брисел, исто така, вели дека очекува Србија „убедливо да ја докаже својата стратешка ориентација кон ЕУ“ и јасно да ја покаже својата посветеност на европските вредности.
На прашањето на Н1 дали Србија наскоро ќе отвори нов кластер во преговорите со ЕУ, како што најави Вучиќ, Комисијата одговори дека конкретните одлуки ги донесуваат земјите-членки, но дека реформите се предуслов за напредок во процесот на пристапување.
„Процесот на пристапување бара видлив и убедлив напредок, но и ангажман на целото општество. Тоа треба да биде национален проект“, наведуваат тие во својот одговор до Н1, нагласувајќи дека реформите што Србија мора да ги спроведе вклучуваат борба против корупцијата, независно судство, слобода на медиумите, подобри изборни услови и борба против дезинформациите.
Кога станува збор за писмото испратено од група европски социјалисти и демократи до комесарката Кос, Комисијата за Н1 потврдува дека е примено, но не и дали е одговорено на него.