недела, 22 март 2026

Египет го отфрли планот на Трамп за иселување на Палестинците од Газа

Египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати му рече на американскиот државен секретар Марк Рубио дека арапските држави ги поддржуваат Палестинците во отфрлањето на планот на американскиот претседател Доналд Трамп да ги премести од Газа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Египетското Министерство за надворешни работи соопшти дека Абделати на средбата во Вашингтон ја истакнал важноста да се забрза обновата на Газа, а Палестинците да останат во областа.

Абделати рече дека ѝ се радува на соработката со новата американска администрација за да се постигне „сеопфатен и праведен мир и стабилност во регионот“, се вели во соопштението.

Египетското Министерство за надворешни работи, исто така, истакна дека меѓународната заедница треба да застане обединета со Палестинците за да ја „исправат историската неправда“ и „да ги потврдат нивните легитимни и неотуѓиви права“.

Планот на Трамп наиде на глобална осуда, а регионалните и светските лидери предупредуваат дека таквиот потег може дополнително да ја загрози стабилноста во регионот.

Американскиот претседател во денешното интервју за Фокс њуз изјави дека Палестинците ќе бидат раселени од Газа и нема да им биде дозволено да се вратат таму, и рече дека може да постигне договор со Јордан и Египет за изградба на населби кај нив.

„Тие не би имале право да се вратат, бидејќи би добиле многу подобро место за живеење. Зборувам за изградба на постојано место за нив“, рече Трамп во интервју за Фокс.

Трамп претходно изјави дека не смета дека Палестинците треба да се вратат во нивната татковина во Газа, а сега јасно стави до знаење дека нивното раселување ќе биде трајно.

„Ќе поминат години пред тие да можат да живеат во Газа. Мислам дека за нив би можел да склучам договор со Јордан и Египет, на кои им даваме милијарди долари годишно“, рече Трамп, додавајќи дека во вторник ќе се сретне со јорданскиот крал Абдула, кој го отфрли неговиот план.

„Ќе изградиме безбедни заедници за Палестинците малку подалеку од местото каде што се сега, кое е полно со опасности. А кога ќе градиме во Газа, би можеле и на некои други држави да им дозволиме да градат свои сектори. Тоа ќе биде прекрасно место и луѓето од целиот свет ќе можат да дојдат и да живеат таму“, рече Трамп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ