Тој за новинската агенција АНИ изјавил дека преживеаниот патник од седиштето 11А е префрлен во болница и дека е на лекување, според извештаите на Би-би-си.
Според списокот на патници претходно објавен од властите, на седиштето 11А бил Вишваш Кумар Рамеш, британски државјанин.
Индиските медиуми објавија дека разговарале со него во болницата, а тој им ја покажал својата пропусница за качување во авионот со неговото име и бројот на седиштето.
Според индиските медиуми, тој кажал дека триесет секунди по полетувањето слушнал гласен шум, а потоа авионот се урнал.
„Сè се случи толку брзо“, кажал тој според индиските медиуми, пренесува Би-би-си.
Летот на Ер Индија со вкупно 242 патници и членови на екипажот кој полетал за Лондон се урна неколку минути по полетувањето од западниот индиски град Ахмедабад, соопштија авиокомпанијата и полицијата.
Локалниот медиум Индијан експрес претходно, повикувајќи се на полицијата, објави дека сите 242 лица загинале, пренесе Ројтерс.
Авионот бил на пат кон британскиот аеродром Гетвик, соопшти Ер Индија, додека полициските службеници изјавија дека се урнал во област во близина на аеродромот.
„Зградата на која се урна е лекарски хостел“, изјави за новинарите висок полициски службеник.
Од 242 лица, 217 биле возрасни и 11 деца, изјавил извор на Ројтерс. Меѓу нив имало 169 индиски државјани, 53 британски, седум португалски и еден канадски државјанин, соопшти Ер Индија.
Ер Индија соопшти дека на летот имало 230 патници и 12 членови на екипажот.
Сајтот за следење на летови Флајтрадар24 соопшти дека станува збор за авион боинг 787-8 „дримлајнер“, еден од најмодерните патнички авиони што се користат.
„Моментално ги финализираме деталите и ќе ја известиме јавноста со новости“, соопшти Ер Индија на социјалната мрежа Икс. Повредените се превезуваат во најблиските болници.
Несреќата се случила веднаш по полетувањето. На една снимка се гледа авионот како полетува над станбена област, а потоа исчезнува од екранот пред да се врати во кадарот, а оган се издига над куќите.
На снимките, исто така, се гледаат остатоци од авионот во пламен, додека густ, црн чад се крева на небото во близина на аеродромот. Исто така, се гледаат луѓе на носилки и во амбулантни возила.
Според контролата на воздушниот сообраќај на аеродромот во Ахмедабад, авионот полетал во 13:39 часот по локално време (09:09 часот по средноевропско време) од пистата 23. Издал „повик за опасност“, сигнализирајќи вонредна состојба, но потоа немало одговор од авионот.