четврток, 5 февруари 2026

Џефри Сакс: Кога ЕУ би била помудра, би ја обновила дипломатијата со Русија

Професорот на Универзитетот Колумбија и еден од водечките светски економисти Џефри Сакс изјави дека Европа, вклучително и Балканот, треба да се врати на нормални економски односи со Русија, наведувајќи дека режимот на санкции на Европската Унија се вратил како бумеранг, доведувајќи до сериозен пад на германската индустрија, со негативни последици низ цела Европа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Џефри Сакс истакна дека Соединетите Американски Држави мора да ја прекинат сегашната војна против меѓународното право и да престанат да ги инструментализираат светската трговија, технологијата и финансиите. Професорот додава дека е потребен кооперативен, глобален поредок базиран на закони, заснован на Повелбата на Обединетите нации.

Според него, ние несомнено се движиме кон мултиполарен свет, додека САД се борат да го спречат тоа и да ја одржат американската доминација, во што, како што оцени, не можат да успеат, но може да предизвикаат многу нестабилност.

„Затоа, САД се вклучени во економска војна против Кина, Русија, Иран и други земји. Резултатот е финансиска нестабилност и неизвесност, но не и зачувување на американската доминација. Во однос на индустриското производство и технологијата, Кина е веќе далеку пред САД во повеќето клучни производствени области, како што се зелената енергија, електричните возила, брзата железница, 5Г, водородната економија, напредната бродоградба и друго“, изјави Сакс за српска Политика.

Зборувајќи за улогата на БРИКС во обликувањето на идните глобални односи, Сакс кажа дека тоа е многу важна група бидејќи ги обединува трите големи сили – Кина, Индија и Русија, како и многу регионални сили, како што се Бразил, Индонезија, Иран и други, и истакна дека во моментов вклучува земји со околу половина од светската популација.

Сакс истакна дека БРИКС работат на создавање отворен, меѓусебно поврзан, базиран на ОН и отпорен економски систем кој, како што изјави, не може да биде загрозен или поткопан од американските економски војни.

На прашањето дали САД, преку своите тековни економски и трговски политики, можат реално да го намалат структурниот дефицит, а воедно да ја зачуваат домашната економска, политичка и социјална стабилност, Сакс оцени дека можат, но дека веројатно нема да го сторат тоа бидејќи ниедна политичка партија нема да го стори она што е потребно.

„Ова треба да вклучува четири клучни чекори: драстично намалување на воените трошоци, разбивање на приватните монополи, особено во здравството и другите сектори за намалување на трошоците, потоа зголемување на социјалните трошоци во областите на здравството, домувањето, образованието и другите социјални приоритети, како и зголемување на даноците за затворање или дури и намалување на буџетскиот дефицит“, посочи Сакс.

На прашањето за фактот дека Варшавскиот пакт беше распуштен во времето на Михаил Горбачов и дека денес сме сведоци на процес на преиспитување и реорганизирање на НАТО, особено во однос на буџетските ограничувања и економските оптоварувања, Сакс оцени дека постојат јасни историски паралели и изјави дека, доколку ЕУ беше помудра, би ја обновила дипломатијата со Русија, наместо, како што изјави, да се вклучи во неизводливо и премногу скапо воено јакнење.

Џефри Сакс верува дека на Европа не ѝ е потребна воена ескалација, туку колективна безбедност, како во рамките на ОБСЕ, заедно со Русија, а не со НАТО.

„Проширувањето на НАТО беше спротивно на вистинската безбедност на Европа, особено обидите за проширување кон Украина и Грузија, што беа катастрофални иницијативи поддржани од САД“, оцени професорот на Универзитетот Колумбија.

Тој изјави дека во светот има доволно ресурси за сите, но дека недостасуваат доверба и соработка, и дека САД денес се главен извор на нестабилност затоа што, како што оцени, се стремат кон глобална доминација, или хегемонија, наместо кон глобална соработка.

Зборувајќи за тоа кој има капацитет да ги обликува глобалните процеси и на кој начин, Сакс истакна дека светот е навистина мултиполарен и дека ниедна земја не може да ја наметне својата волја, оценувајќи дека САД сè уште се способни да предизвикаат хаос и да користат сила, но дека повеќе не можат да „добијат што сакаат“ во геополитичка смисла.

Сакс верува и дека Европа, вклучително и Балканот, треба да се врати на нормални економски односи со Русија, наведувајќи дека режимот на санкции на ЕУ „се врати како бумеранг“, што доведе до сериозен пад на германската индустрија, со негативни последици низ цела Европа.

„Она што недостасува е дипломатијата. Европа е сè уште фокусирана на воената политика. Брз крај на војната во Украина, врз основа на неутралноста на Украина, треба да биде првиот чекор“, смета Сакс.

Коментирајќи го фактот дека претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен склучија историски трговски договор со Индија, Сакс нагласи дека тоа е многу добра вест и изрази надеж дека Европејците нема да го сфатат тоа како антикинески потег, туку како начин да се одржи отворена трговијата воопшто.

Сакс смета дека ЕУ треба да постигне таков трговски договор и со Кина, а дека Индија треба да се приклучи на трговската група на Регионалното сеопфатно економско партнерство (РЦЕП), во која моментално се вклучени Кина, Јапонија, Кореја, земјите од АСЕАН, Австралија и Нов Зеланд.

На прашањето како ја оценува доктрината на Доналд Трамп, според која Русија повеќе не треба да се гледа како постојан непријател, туку како неопходен актер во реалноста на мултиполарниот свет, Сакс кажа дека тоа е позитивен чекор ако САД навистина мислат така, но дека не е сигурен во тоа.

„Доналд Трамп нема стабилни концепти, ниту конзистентна надворешна политика. Тој е краткорочен, недоследен, трансакциски и несигурен“, оцени Сакс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ